Доста Рожденката е еден од главните ликови во романот. Таа е мариовска селанка која видела бел свет работејќи извесно време во Солун кај рускиот конзул. Била убава и стројна, но со својата облека и градски навики таа не им се допаднала на Мариовци. Им пречи на Мариовци нејзиниот културен однос, нејзиното поздравување со „добро утро“ и „добар ден“, како и тоа што си го брише носот во шамивче. Тие и завидуваат на убавите и нови градски јадења што ги приготвува, на прекрасните шарени килими што ги ткае - но, за неа нема препреки - решена е новото и убавото да го донесе во селото. Не се обѕрнува на озборувањата, туку си продолжува по својот пат. Нејзин најхрабар и најголем чекор ќе биде тоа што ќе ја испрати својата ќерка во училиште.
Како и на сите жени, нејзина најголема желба е да има семејство и поколение, како и да му обезбеди на тоа поколение што поудобен живот. Во тој поглед таа не се разликува од јатрва и Митра. И таа сака да го земе имотот на Трајко за своите деца, но тоа го прави на поубав, поитар и поинтелигентен начин.
Митра е типична мариовска селанка, неука, проста, суеверна и на моменти многу злобна. Таа посакува нова снаа во куќата, но само за да има помош, а не и заради среќата на деверите. Кон Доста се однесува лицемерно, но нејзината лажна љубезност набрзо ќе прерасне во отворена омраза и љубомора. Таа и завидува на умешноста, и завидува на породот, и завидува на среќата и љубовта која Доста ја има со Илко, и завидува што нејзините деца се секогаш чисти и дотерани, и завидува што и двете ќе ги прати во училиште. Но, сепак најгрозно е што ја посакува смртта на нероденото бебе, па дури и помислува да стане убиец. Тоа е врв на нејзината лошотија и злоба.