Гласноговорникот на ЕУ
објавено во денешен Дневник
Благодарност до Саркози
Македонија треба да му биде благодарна на Никола Саркози. Познат како политичар што го зборува тоа што го мисли и го прави тоа што го зборува, шефот на француската држава го кажува отворено тоа што сите во ЕУ го шепотат. Или, ако сакате, тоа што на нашите политичари им се кажува во четири очи на европските средби, а што тие пропуштаат да ни го соопштат. Кога Никола Саркози вели дека е вознемирен поради начинот на кој беа спроведени изборите во Македонија и дека спорот за името треба да биде решен пред секој понатамошен чекор на нашата земја кон НАТО и кон ЕУ, тој не кажува ништо ново. Загриженоста на европските земји-членки и на Вашингтон за начинот на кој се одвиваа изборите се гледа од авион. Сите европски лидери и Вашингтон исто така бараат проблемот со името итно да се реши. Разликата со Саркози е во тоа што другите засега се воздржуваат од коментари, но и од честитки до победникот на изборите. Со ретки исклучоци што само потсетуваат на сите честитки што не пристигнаа на адреса на нашиот Никола. Изјавите на шефот на француската држава дадени во Атина за спорот за името не смеат да не' иритираат. Тие мора да бидат толкувани на вистинскиот начин: Никола Саркози во Атина само ја манифестираше европската солидарност, која веќе ја почувствувавме на своја кожа во Букурешт и која не' очекува и во ЕУ.Ни Париз, ни Берлин ни Лондон, а ни Вашингтон, нема да застанат во наша одбрана ниту ќе ја казнат Грција поради нејзиното однесување. Саркози во Атина всушност ни го повтори тоа што, исто така, од Атина, пред самитот во Букурешт, го слушнавме од генералниот секретар на НАТО. Дека разликата помеѓу Грција и Македонија е во тоа што едната е членка, а другата не. Тогаш ни беше тешко да поверуваме дека овие зборови значат дека никој не може да и' застане на патот на Атина. Овој пат треба да го послушаме Саркози. Енергичниот Французин во наредните месеци ќе раководи со судбината на ЕУ, а Балканот нема да му биде приоритет. Тоа не смее да не' загрижува. Имавме огромна словенечка поддршка. Бевме приоритет. Шест месеци подоцна Македонија е таму каде што беше.