Јованка Кепеска универзитетски професор
За да ја искаже реалноста од аспект на сочувување на природната релација на македонскиот народ со неговите делови, Република Македонија како централна држава на македонскиот народ и може да се нарече Централна Република Македонија или Независна Република Македонија. Секоја друга промена на името не само што би го довела под прашање идентитетот на македонскиот народ туку би ги изнегирала и деловите што постојат во другите држави. Признавањето на правата на македонските малцинства, притоа, би се одвивало според Европската конвенција за етничките малцинства.
.
Како соодветен начин преку името за да се разреши ваквиот однос во конкретните политички релации, би го навеле создадениот однос кој е формализиран помеѓу матицата во Република Ирска и делот на ирскиот народ во Северна Ирска што е во состав на Велика Британија. Можниот излез за решавање на спорот со Грција, што се бара во територијална поделеност на Македонија врз географски принцип, како теза поставена од грчката страна во преговорите за нашето име, во споредба со Северна и Јужна Кореја (имиња според арго јазикот) , притоа, е неадекватна затоа што тие се две држави на ист етнос. Паралела не може да се направи ниту со државите што се создадени како резултат на распаѓањето на колонијалниот систем во Африка врз територијален принцип, а во нивните имиња е означен географски момент. А природно-правниот принцип, да не заборавиме, во определени општествено-политички околности, доведе до обединување на двете Германии, како што по Првата светска војна, Алзас и Лорена се вратија во Франција. Мултиетничкото општество кое е резултат на современата миграција на населението предизвикана со современите светски технолошки процеси, потребно е да се одвои како нова современа карактеристика во функционирањето на нацијата од решавањето на правата на домородните малцинства. Самата Грција го признава процесот на современите миграции, наведувајќи дека кај неа постојат 100-тина етнички малцинства: Французи, Енглези, Американци, итн. , на кои им ја овозможува културната идентификација. Но за неа не постојат етносите кои историски влегле во нејзината држава така што релациите со нив ги решава на начин од 19-тиот век, како хомогенизација на нацијата, претопувајќи ги, а што не е европска политика. И во нашата средина во поимањето на релацијата народ-нација се јавуваат влијанија на рецидиви од непредоминантни теоретски сфаќања. Така се смета дека прагматички е потребно да се прифати било кое име, за возврат на што државата би функционирала, итн. , онака како што т. н. емпириско-позитивистичка школа, создадена во Италија (Паскале Манчини, Ровере Мамијани и др.) нацијата ја определува електички, од емпириското проучување на веќе оформената италијанска нација. А токму таа школа е заслужна националниот принцип да се воведе во меѓународното право како основен критериум при создавањето на суверени држави.
Со прагматичен пристап и субјективистичко-психолошката школа кај француските теоретичари, идеолози и политичари ја бранат можноста во нацијата да постојат два национална јазика, кога Алзас и Лорена, иако зборуваат старогермански јазик, според сеќавањето на заедничкото минато, било потребно да се вратат во француската држава. Определени дезиорентации во политичките опции се јавуваат и со оглед на рецидивите од гледиштата од минатото создадени во рамките на австриската социјалдемократија, Имено, О. Бауер во делото „Националното прашање и социјалдемократијата“ ја застапил тезата за ц што К. Кауцки ја отфрла но со концепцијата дека малите нации ќе исчезнат во културните и политичките сфери на три до четири големи нации. А, консеквентно на тоа, настанато е и Сталиновото учење за „зоналните јазици“ според кое е воведен е српско-хрватскиот јазик како официјален јазик во југословенската федерација а рускиот јазик во другите источно-европски земји.
Во комунистичкото движење, имено, со отфрлањето на законот за негација на негацијата во фамозната Историја на СКП (б), за да се устоличи трајно сталинизмот како општествено-политички систем, доминира концепцијата за нацијата како дефинитивна категорија. Филозофското приоѓање кон народот, притоа, заради идеологизираните ставови и кај нас, исто толку, колку и во останатите делови од монистичкиот теориски простор, е дезавуирано, определувајќи го како романтичарско, „нерационално“ и патриотски недалекувидно. Конкретниот тек на историскиот развој ја покажал неодржливоста на многуте вакви гледања и ги афирмирал филозофските премиси за повисок степен на развој на народите.
Европското филозофско учење, кое во својата основа е според Хегел, затоа што, се чини, како никогаш повеќе во филозофијата, го определува народот, е основата на европското гледање. Според ова гледање народот, поминувајќи во теориска и практична самобитност и духовно обликување, како чин на слободата станува нација кога своето природно својство го дополнува со правно определување, моралност, обичајност, фамилија, граѓанско општество и држава. Но иако како таков е конститутивен чинител на историјата, тој, според Хегел, се уште не е потполн субјект, туку само претпоставка за повисок субјект. Дури со овозможените: религијата, уметноста и филозофијата, народот е во полната смисла историски субјект. И тогаш, кога како заедничка судбина се јавуваат неговата религија, политичката организација, моралот, правниот поредок, обичаите, науките, уметностите и техничките умешности, народот е севкупна суштина. Секој народ со својата суштинска посебност, од своја страна, придонесува во создавањето на светската историја (светскиот дух) .
Светската историја е сменување на таквите придонеси. Денешното укинувањето на нововековните нации и идеологиите на национализам, не значи отфрлање, туку чување на народната посебност, народната мисла и чин, самосвојното говорење и јазик. Оставена е токму можноста, преку мислењето на народот (што би била нашата грижа) , нему да му се овозможи суштинското припаѓање на епохата.