Колку што беше национален интерес Вардар да биде подобар од Спарта Прага во 2003, исто толку мене како Македонец ми беше значајно Работнички (фудбалски клуб од Скопје - Македонија) да се престави во најдобро светло против Лацио (фудбалски клуб од Рим - Италија). Значи без разлика за кој клуб од Македонија се работи, кога настапува под македонско знаме симпатиите на Македонците по дефиниција би требало да бидат наклонети кон него. Нема тука делби за Шкендија, Ренова, Работнички не навиваме, а Вардар е заштитена поларна мечка па иако го нема 4 години во Европа требало да се има посебен респект кон него затоа што имал најбројни навивачи.
Додека најтрофејниот македонски клуб хибернираше, последниве 5-6 години Работнички беше клубот кој колку-толку го одржуваше рејтингот на македонскиот клубски фудбал. Со рејтингот што го имаме како 39-та по квалитет прва лига во Европа и не е чудо па најмалку е срамота кога наш клуб губи со каков и да е резултат од клуб кој завршил на 5 место во лига која по рејтинг е во првите 4 во Европа.
Ќе се навратам на компарацијата со навивачите т.е. колку еден клуб е "вреден" ако има верни фанови.
Комити се бренд тоа е факт, Чкембари оставија свој печат, Мајмуни имаа светли моменти.
Но што корист од сето тоа кога клубот кој го поддржуваат Комити не бил шампион од 2003, максимален дострел последниве пет години му е 4 место, а лани се надмина и самиот себе и својот мит па отпадна од Прва лига.
Што корист имаат армиите навивачи кои пред повеќе од деценија навиваа во Прилеп и Битола кога нивните миленици сега ќе ги храбрат на дерби во Втората лига.
Затоа ако не сакате и ултрас движењата да ги рангираме како што биле рангирани клубовите што ги поддржувале во блиско минато, престанете со тие споредби и изедначувања на квалитетот на клубот со квантитетот на фановите.
Од друга страна Романтичарите регрутирале армија млади луѓе кои ќе работат на себе за да постигнат подобар спортски резултат. Очигледно е дека совршено им функционира младинската школа, и остатокот од клубовите треба да го купат тој рецепт за создавање млади таленти.
Во иднина ќе се огледаат и некој млади Дебармаалци на успешниот рецепт на Комити за тоа како да се стигне до респектирана навивачка група, па и Работнички ќе добие подобро организирани фанови. Сепак веќе 20 години ми пречи препукувањето на национална и верска основа кое под итно треба да се исфрли од скандирањата на навивачите, да поработат мозоците на групите на навивачки песни во кои централен момент ќе биде сопствениот клуб и никој друг, да се преработат широката лепеза на македонски народни песни кои би биле певливи за на стадион. Дури тогаш ќе можат Балистите и Војводите да навиваат заедно под едно знаме за Македонската репрезентација, Комити и Чкембари да ја пеат во еден глас Денес над Македонија...
За да не огрее сонцето како Македонци треба од некаде да почнеме, нека биде виртуелната кохезија на форумов само добар почеток за тоа, па да се радуваме сите заедно на спортски успеси на Македонци од секоја точка на оваа света земја.