На првиот Торбешки форум во присуство на голем број припадници на етничката заедница од југозападниот дел од земјава, гости од Балканот и ОБСЕ, денес во Струга со акламација беше усвоена „Торбешката повелба“, изработена од невладиниот културно-научен центар „Румелија“ што се занимава со торбешкото прашање.
Со овој за нив историски документ, торбешите бараат да прекинат притисоците врз ни, поради што на претходните пописи се изјаснувале како Албанци или Турци и како заедница што го задржала својот идентитет, апелираат на претстојниот попис нејзините припадници да се изјаснат она што се, за да ги остварат своите права, да се спречи иселувањето од државата и да не се отфрлени во печалбарството.
„Сметаме дека со внесувањето на Торбешите во преамбулата на Уставот на Република Македонија ќе се исправи една голема неправда кон оваа популација и ќе се создадат основни претпоставки за наша интеграција во Република Македонија која е единствената наша држава. Токму од тие причини бараме Торбешите да бидат запишани во преамбулата на Уставот на Република Македонија“, рече Тасим Асани од здружението „Румелија“.
„Ова население по наши проценки во сите села каде што живеат нашите луѓе, Торбешите, брои од 120 до 150 илјади жители, што е голема бројка. Но, свесни сме дека во јавната администрација во Македонија, која за жал брои многу, можеби и до 150 илјади вработени веќе има во овој момент, нас не нема, на прсти можат да не избројат. Прашувам каде се овие луѓе, кој ги искористува и кој им ги зема нивните места во јавната администрација“, изјави Фиjат Цаноски, пратеник, претседател на ПЕИ.
„На следниот попис да се покажеме со некоја поголема бројка, поради што натаму ќе ни следува поголем државен колач, тоа е наше право“, порача Шериф Ајрадиноски, претседател на културно-научниот центар „Румелија“.
На Торбешкиот форум во Струга беше презентирана и „Торбешката декларација“ со нови научни сознанија за постоењето на поимот Торбеш од 10-тиот век на овие простори, историјатот и развојот на овој етникум до денес.