ПО ГОЛЕМИОТ РАБОТНИЧКИ ПРОТЕСТ, СЛЕДУВААТ БЛОКАДИ НА СОБРАНИЕТО, НА РАБОТОДАВАЧИТЕ, НА ВЛАДАТА!
По успешното спроведување на еден од најмасовните работнички протести на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) за зголемување на работничките плати кој се одржа на 28-ми Јануари и на кој се одзваа и присуствуваа илјадници работници и граѓани, кои излегоа на улица заедно со ССМ и побараа итно зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари, следува втората фаза на активности кои ССМ ги превзема, а се со цел зголемување на платите на работниците или следува фазата на радикализација на синдикалните активности со најавени блокади.
Како што беше кажано пред и по одржувањето на големиот Работнички протест кој беше најавен како само почеток, следната фаза на активности кои ССМ ќе ги превземе се блокади на најголемите виновници кои низ годините предизвикаа нашите работници веќе подолг временски период да не живеат, туку само да се обидуваат да преживеат како знаат и умеат, бидејќи нивните платите не ги следат реалните трошоци на животот. Меѓутоа и покрај сите аргументи за зголемување на платите кои ССМ ги истакна на Собранието, Владата и Работодавачите, истите наместо барање на вистински решенија кои би означувале исполнување на очекувањата на работниците за зголемување на минималната плата и на сите останати плати онака како што побара од нив и Сојузот на Синдикатите на Македонија одлучија да молчат и да ги игнорираат барањата на работниците, предизвикувајќи уште поголем револт.
“И покрај тоа што илјадници работници се охрабрија и без страв излегоа на улица и заедно рамо до рамо со ССМ ги испратија главните пораки и барања до Собранието, Владата и Работодавачите за зголемување на нивните плати, истите како што веќе и кажав сеуште молчат, па поради тоа она што следува се блокади”, изјави Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов .
Па, така за време на денешната прес-конференција, беше објавена Агендата на ССМ за наредниот период на како што Претседателот на ССМ ја нарече Втората фаза активности на ССМ за зголемување на работничките плати, и тоа:
10-ти февруари – Блокада на Собранието
12-ти февруари- Блокада на Работодавачите
17-ти февруари- Блокада на Владата
Најавувајќи ја втората фаза и следните активности на ССМ, Трендафилов рече:
“Вчера истече рокот кој илјадници работници им го додадоа на пратениците во Собранието да направат брзи измени на Законот за минимална плата, со кој минималната плата ќе се зголеми на 600 евра, а останатите плати ќе се зголемат за разликата од зголемувањето на минималната плата или најмалку за 6.000 денари.
Игнорантскиот однос кој го покажуваат пратениците кон работниците, токму кон оние кои ги бираат за да седат во удобните пратенички фотелји и да ги уживаат удобните пратенички функции и бенефиции, предизвикаа да преминеме кон втората фаза од активностите кои ги правиме за зголемување на работничките плати.
Претседателството на ССМ кое е во постојано заседавање, по одржувањето на седницата на Советот на ССМ за организирање на протести, блокади и штрајкови, денеска повторно одржа седница на која одлучи дека: На 10-ти февруари го блокираме Собранието, ги блокираме пратениците и ќе предизвикаме да не можат да наплатат патни трошоци, а меѓувремено да мораат да поминат покрај работниците и да им образложат зошто тие ќе имаат право на зголемување на нивните плати, затоа што молчат и не прават измени на Законот за да си ги намалат за 80% платите на избраните и именуваните функционери и истовремено да можеме да ги прашаме зошто го чуваат во фиока Предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите останатите плати за најмалку 6.000 денари”.
Покрај Блокадата на Собранието, за време на прес-конференцијата беше најавена и блокада на газдите или работодавачите, па така Трендафилов нагласи:
“На 12-ти февруари продолжуваме со блокирање на газдите, пред Стопанската комора, Организацијата на работодавачи, Бизнис Кофедерацијата, Сојузот на Стопански Комори.
Синдикални активисти и работници ќе ги блокираат газдите, онака како што газдите ги блокираат нив веќе 36 години. Ги држат со мизерни плати на работа, со закани кон нив, меѓутоа дојде времето кога работниците имаат избор, а газдите немаат. Помина времето кога газдите им велеа на работниците дека има со лопата работници во Агенција за вработување и дека лесно ќе ги заменат, бидејќи денеска квалификуваните работници не остануваат дома, туку заминуваат за повисоки плати во странство”.
По однос на следната најавена блокада или Блокадата на Владата, Трендафилов кажа:
“На 17-ти февруари, вторник ја блокираме Владата...токму на денот кога Владата одржува седници излегуваме да ја блокираме. Ќе ги блокираме пристапите за да не може ниту еден претставник на Владата започнувајќи од Претседателот на Владата, како и министрите да дојде на седницата со удобните службени возила, со службените шофери. Напротив за да присуствуваат на истата секој од нив ќе мора да помине пешки покрај работниците и да ги погледне во очи, затоа што се срамат да ги гледаат работниците во очи, затоа што се срамат поради тоа што ја водат најсиромашна држава во Европа и најсиромашни работници во Европа”.
Беше најавено и поднесување на Иницијативата на Сојузот на Синдикатите на Македонија за изменување и дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во РМ, па така Претседателот на ССМ објасни:
“Како што веќе напоменав нема да застанеме тука.... Па, така утре во 11 часот во Собранието, за да видиме дали се луѓе и дали ќе поработи човечноста кај пратениците доставуваме Иницијатива за измени и дополнување на Законот за плати и други надместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и други избрани и именувани лица во РМ, со која иницијатива го менуваме членот во кој е утврдена основицата за пресметка на плати на избраните и именуваните лица или од досега предвиденото - просечна плата како основица за пресметка на нивните плати по коефициент за сложеност, поднесуваме иницијатива за измена на овој член која ќе значи - минимална плата како основица за пресметка на нивните плати по коефициент за сложеност. На овој начин им даваме можност да покажат, за да не овозможат дополнително зголемување на инфлацијата во Македонија со нивните енормни плати, истите да ги намалат за 40% само со измена на оваа одредба во Законот.
Дополнително на ова, и да ги намалат коефициентите на сложеност за 40%, затоа што нивните плати во изминатите две години се зголемија за 80%. Ги повикуваме со ова да покажат на работниците на кои им велат дека добра е минималната плата и дека работниците се тие кои треба да се договорат со работодавачите за било какво нејзино зголемување, дека и тие како пратеници добро ќе живеат со минимална плата. Ова е првиот чекор кој можат да го направат веднаш, затоа што седницата на Собранието е закажана токму за вторник, 10-ти февруари. Дотогаш имаат време на брза лента, дури и со европско знаменце, да ги превземат сите дејствија за да си ги намалат нивните пратенички и нивните функционерски плати, односно да ги намалат функционерските плати на сите... затоа што до денеска ниту еден функционер не кажа дека ќе ги намали нивните плати, не кажа ниту дека ќе ги намали коефициентите за 9, 2 %, или за онолку колку што Гувернерот на Народна Банка веќе си пресмета зголемување на сопствената плата. Доколку не го направат тоа, веднаш денот потоа или во среда како што кажавме ќе им собереме 10.000 потписи и ќе станеме овластен предлагач и ќе ги натераме тогаш да гласаат ЗА или ПРОТИВ… ќе гласаат ЗА себе или ПРОТИВ работниците или ќе гласаат ЗА работниците, а ПРОТИВ себе, имајќи во предвид дека потписите ќе бидат собрани за измени и дополнување на два закони, односно едниот од законите е Законот за плати и други надоместоци на пратениците во Собранието и останатите избрани и именувани лица во РМ, како и за Законот за минимална плата за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари”.