Најава за трето коло во Ла Лига:
Мајорка - Осасуна
Ова ќе биде најдобра можност за двете екипи да стигнат до првата победа сезонава, и да побегнат од дното на табелата. И двете екипи се намачија на средбите со Реал Мадрид, и немаат постигнато ниту еден гол сезонава.
Тренерот на Мајорка Лаудруп е свесен дека најслабата точка во тимот на Осасуна е нивниот напад, каде сигурно ќе се засилат гостите со враќањето на Хосеп Луис Марти во тимот. Кај Мајорка нема да играат Дуду Ауате, Ајозе Диаз и капитенот Нунес. И двете екипи покажаа дека знаат да се бранат, но реми без голови нема да им помогне да побегнат од дното.
Еспањол - Алмерија
Екипата на Еспањол би требало да има предност на овој натпревар и да стигне до трите бодови, откако беа високо поразени од Виљареал пред една недела. Шест нови играчи дојдоа во клубот, но одбраната е сеуште млада и ќе има проблеми во чувањето на голот. Еспањол покажа дека е најсилен на домашен терен каде минатата сезона освоија 33 од можните 44 бодови. Ова е натпревар кој мора да го добие Еспањол бидејки веќе следното коло патува во Мадрид каде гостува на Реал.
Тренерот на Алмерија Хуан Мануел Љиљо, знае дека ова ќе биде тежок терен за освојување на трите бодови. Карлос Гарсија, Нието и Калу Уче се враќаат во тимот и сигурно дека ќе го зајакнат нападот на Алмерија.
Спортинг Хихон - Атлетик Билбао
Атлетик Билбао на чело со Фернандо Љоренте, знае дека Спортинг од Хихон ја започна сезоната добро на домашен терен и нема да биде чудно ако гостите од Билбао си заминат со празни раце. Хоакин Капарош размислува да го вметне Маркел Сусаета како партнер на Љоренте, за да го зајакне нападот до максимум во пресрет на овој дуел, имајки ја во предвид повредата на Икер Муниаин, кој се повреди претходната недела. Хихон го очекуваат тешки натпревари против Барселона и Севиља, и по победата над Мајорка минатото коло, ќе тргне кон освојување на сите три бода пред домашните гледачи.
Интересно е дека Билбао не загубил на Ел Молинон во последните 19 години, но работите доста се сменија во Хихон минатото лето.
Реал Сосиедад - Реал Мадрид
Реал Сосиедад во пресрет на натпреварот против Реал Мадрид ќе се обиде да го следи примерот на Херкулес, и ќе тргне кон освојување на бодови против тимот од главниот град, покажувајки дека има намера да остане во Примера и следната сезона. Баскијците загубија само еднаш во минатата Сегунда дивизион, додека Реал сеуште не победил на гости оваа сезона. најдобриот стрелец во тимот Раул Тамудо во кариерата постигнал пет голови против Реал.
Двајцата голмани Браво и Касиљас ќе бидат во главната улога на оваа средба. Чилеанскиот голман на Баскијците беше еден од главните фактори поради кој Сосиедад се врати толку брзо во Примера, додека Касиљас оваа сезона не примил ниту еден гол. Кај Реал, Месут Озил се претвара во една од најважните алки во тимот на Мурињо и заедно со Гонзало Игуаин ќе претставуваат најголема опасност кон голот на домакините. Интересно е што Чаби Алонсо ќе игра против својот поранешен клуб.
Херкулес - Валенсија
Ова ќе биде едно од дербијата оваа недела. Играчите од Аликанте постигнаа огромен резултат минатото коло победувајки ја Барселона, на Камп Ноу, и ќе бидат уште повеќе мотивирани на натпреварот пред домашните гледачи. Со Валдез и Трезеге во нападот, Херкулес нема да биде лесен залак за ниту еден тим во Примера оваа сезона.
Работите за Валенсија не можеа да бидат подобри на почетокот од сезоната: три победи по ред, брилијантен кам-бек во ЛШ, прво место во Ла Лига. Ова е можеби најветувачкиот момент во историјата на Валенсија.
Капитенот на тимот Висенте Родригез нема да патува во Аликанте поради мала повреда и се очекува да биде подготвен за следната средба против Атлетико на Местаља.
Лос Че примија само еден гол минатиот месец, но Унаи Емери ја смирува ситуацијата и бара целосна посветеност од играчите пред секој натпревар.
Леванте - Виљареал
Валенсиското дерби ќе биде од големо значење за момците на Карлос Гаридо, кои мораат да се вратат на победничките патеки по неочекуваниот пораз во Загреб. Леванте пак кој не победи на првите две средби, ќе сака со сите сили да ги освои првите бодови за да не заостане уште на почетокот од сезоната. Ова исто така ќе биде специјален натпревар за Хуанфран и Хави Вента кои ќе играат против својот поранешен клуб.
Улогата на фаворит не знаеше да ја искористи Виљареал кој загуби во Лигата на Европа, па затоа Гаридо бара сигурна победа на натпреварот против Леванте која би им ја вратила самодовербата во себе. Леванте пак, ќе има тешка задача да се одбрани од жолтата подморница која ќе напдне со Нилмар и Борха Валеро, кои ќе бидат супер мотивирани на дербито на Валенсија.
Расинг Сантандер - Реал Сарагоса
И двата клуба ќе сакаат да слават по прв пат во Ла Лига оваа сезона на стадионот Ел Сардинеро во Сантандер. Маркус Росенберг можеби нема да може да игра во стартниот состав на Расинг, што му задава дополнителни проблеми во нападот на тренерот Португал. Минатата недела беше катастрофална за двата тима. Сарагоса дома прими 5 гола од Малага, а Расинг загуби и по втор пат оваа сезона без да постигне гол.
Вториот натпревар на Сарагоса ги покажа дупките во одбраната што претставува и најголем проблем за Хосе Аурелио Гај, додека кај Расинг сеуште се чувствува отсуството на Каналес кој беше главен креативец во тимот.
Атлетико Мадрид - Барселона
Слабата игра на Атлетико во Солун, им донесе пораз во Лигата на Европа против домашниот Арис. Барселона пак покажа јасни знаци на подобрување, исто против грчка екипа, но овој пат тоа беше Панатинаикос, кој беше совладан во ЛШ.
Барселона во последните неколку сезони има проблеми против Атлетико на Висенте Калдерон, каде не успеала да си замине со трите бодови во последните три сезони. Виља и Меси против Форлан и Агуеро (кој нема да се знае дали ќе настапи се до последен момент), ќе водат тешка битка за трите бода на оваа важна средба за двете екипи.
Додека Барселона се обидува да се искачи што погоре на табелата наоѓајки се моментално на осмата позиција, Атлетико се наоѓа на првото место заедно со Валенсија, по перфектниот старт на сезоната.
Атлетико досега покажал дека е посилен во важните натпревари, но сигурно ќе им биде тешко против ранетите каталонци.
Малага - Севиља
Ова ќе биде Андалузиското дерби во кое Севиља ќе гостува кај Малага на Росаледа. По лошото издание во европските натпреварувања, Севиља е очајна да стигне до бодовите кои би ја задржале во борбата за титулата. Малага пак не ја победила Севиља последните две години.
Проблем за Севиља ќе претставува повредата на Хесус Навас кој ќе отсуствува од терените еден месец, како и постојаните повреди на Фабијано и Конко. Севиља е фаворит во натпреварот, но проблем може да биде големата желба на Малага за победа над Андалузискиот ривал.
Депортиво Ла Коруња - Гетафе
Депортиво заедно со Реал Мадрид се единствените екипи кои не примиле гол оваа сезона, и тоа најмногу се должи на одличните настапи на голманот Ману. Но средбите не се добиваат само со добра одбрана, па затоа Депор има освоено само два бода досега. Играчите на Мичел пак, се наоѓаат во победничка серија која ја продолжија и во Лигата на Европа, остварувајки важна победа против Дански Оденсе. Кај Гетафе нема да настапи Хаиме Гавилан кој заработи мала повреда во четвртокот.
Едно е јасно. Екипата која ќе победи ќе се најде во горниот дел на табелата, па затоа и двата тима ќе имаат голема желба и мотив за освојување на трите бода на средбата.