„Наша општа и заедничка задача е да го закрепнеме единството во православието“, истакнал патријархот московски и на сета Русија г. Алексиј Втори на средбата со српските духовници Амфилохиј и Иринеј. Средбата се одржала завчера во Московската патријаршија. Не се прецизира на чија иницијатива се одржал состанокот, но факт е дека во текот на разговорот со српските архијереи патријархот Алексиј го отворил прашањето за состојбата на православието во Македонија.
Како што се наведува на официјалниот сајт на Московската патријаршија, „освен во Украина, Естонија, Молдавија, Црна Гора, и во Македонија се разгледувал широкиот круг на теми за меѓуправославните односи, прашања и состојби во православието“.
Иако не се прецизира многу за што конкретно станало збор, сепак, од изјавата на патријархот Алексиј Втори, во која тој бара да се зачува православното единство, се гледа конзистентноста на руската црковна политика кон македонското црковно прашање.
Несогласувањето на рускиот патријарх за воведување паралелна црковна јурисдикција во Македонија кое лично, па дури и писмено му го предочил и на српскиот патријарх Павле, и овој пат повторно било истакнато. Поконкретно, било посочено дека нема решавање црковни спорови во православието со примена на крајно спорниот механизам на воспоставување паралелна јурисдикција.
Инсталирањето паралелни цркви го разнебитува единството во православниот свет, а случајот со таканаречената паралелна црква на Вранишковски во Македонија е најдобар пример за тоа. Токму затоа рускиот патријарх Алексиј Втори на средбата со митрополитот црногорско-приморски Амфилохиј, кој подолго го менува болниот српски патријарх Павле, како и со епископот бачки Иринеј Буловиќ, не случајно го истакна закрепнувањето на единството во православието.
Во соопштението објавено на сајтот на Московската патријаршија се вели дека „претставниците на Српската патријаршија, исто така, ја истакнале важноста на единството на вселенското православие како сведоштво на евангелските вредности во светот“.