Студентите на Правниот факултет со јавен апел
До редакцијата на Хајд Парк пристигна соопштение, напишано и потпишано од студентите од прва години на студиите по новинарство, при Правиот факултет, а во врска со системот и самоволието што владее на целиот факултет:
„Ние, студентите на студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, сакаме да го привлечеме вниманието на јавноста за последната небулоза која се случи овој семестар, а чија единствена цел е профитирање на грбот на студентите. Имено, се работи за „новата програма на студирање“ која експериментално ја следат студентите од прва година, и нејзините најнови измени кои предизвикаа лавина од реакции меѓу студентите, бидејќи дрско удираат по нивниот џеб.
Начинот на кој се изведуваат полагањата на оваа генерација се од единствен тип во земјава: студентите прво полагаат два „влезни“ колоквиума од по 15 бода, а потоа и усен или писмен испит од 70 бода. Колоквиумите се услов за да се пристапи кон испитот, при што еден предмет секој студент мора да го полага најмалку три пати (прв+втор колоквиум+испит) и студентите немаат избор дали да полагаат колоквиумски или преку испит, туку и двете опции им се задолжителни. Настрана што ваквиот сосема нелогичен, преоптоварувачки и конфузен систем на полагање беше воведен годинава; пред извесно време ни беше укажано дека има промени во однос на испитните сесии, односно дека истите практично се укинуваат. Имено, студентите немаат по три сесии за да го положат испитот пред да мораат да го презапишат, како што е на другите факултети; овде ако еднаш се паднат колоквиумите, тогаш се дава термин за поправен колоквиум (најчесто во текот на истата недела), и ако втор пат се падне, студентот автоматски го презапишува предметот по цена од 8 евра по кредит. Ако, пак, успее да ги положи колоквиумите и потоа падне на испитот, има една шанса да го преполага испитот, по што, доколку го падне, исто така мора да го презапише предметот. Одлуката, инаку, иако е донесена кон средината на февруари, на студентите јавно им беше обзнаена дури кон средината на мај, кога веќе почнаа колоквиумите и престанаа предавања.
Во овој лавиринт на правила во кој ниту самите ЕКТС координатори не можат да се снајдат, само една работа е кристално јасна: факултетот ќе се наполни со пари поради огромниот број на презапишани предмети, а студиите на просечен студент ќе го чинат скоро колку студии на приватен универзитет. Попусто е 200/400 евра партиципацијата, кога вкупните трошоци од сите административни и други такси, а сега и од таксите за презапишување, студиите чинат мало богатство. Математиката е проста: ако 1.000 студенти во иста година презапишат секој по еден предмет кој „вреди“ 48 евра, факултетот ќе си го наполни контото со 48.000 евра повеќе. Тоа е грабеж и ние студентите нема да го дозволиме! Ова е најбрутална слика на комерцијализацијата на образованието!
АПЕЛИРАМЕ ДО НОВИНАРИТЕ, нашите идни колеги, да посветат внимание на проблемот и да ја известат јавноста, за преку тоа дополнително да се изврши притисок на управата да го отповика овој правилник кој немилосрдно удира по џебовите на студентите за профитни цели. Во земја со толкава сиромаштија, каде високото образование и онака е луксуз, срамота е и грев да се ограбуваат студентите на ДРЖАВЕН факултет!
Студентите по новинарство
генерација 2011-2012“
http://hajdpark.mk/studentite-na-pravniot-fakultet-so-javen-apel/