Роберт Глигоров е уметник кој уште како дете заминал од родната Крива Паланка во Италија. Се школувал на тамошни ликовни академии и, и покрај тоа што не зборува македонски, секогаш инсистира до неговото име да стои дека е од Македонија како што и го препознаваат: македонски уметник.
Голема желба му е да ја претставува Македонија на Венециското биенале следната година. Тој смета дека Македонија многу малку или ништо не прави за уметниците кои живеат и творат надвор од границите на родната земја.
Кога треба да изложува свое дело секогаш се придржува до принципот дека секое дело кое се прикажува на која било ликовна манифестација мора да биде осмислено и наменски направено, да биде во сооднос со просторот во кој се прикажува и причина за која е подготвено како што е впрочем и претставувањето на Македонија на Венециското биенале.
На најголемиот саем на уметнички дела во Италија “МиАрт“ во Милано, Италија, во четвртата хала на штандот Е07 Роберт Глигоров, Македонскиот уметник неодамна изложи свои дела. На манифестацијата “Фиерамиланосити“ на 43.000 квадратни метри беа застапени само 200 најдобри галерии. Меѓу нив се одржа и соло-шоу на кое Роберт Глигоров ги презентираше своите најнови дела.
Македонецот од Милано наскоро ќе има изложба во Њујорк.
Во втората половина на 2010 година во Музејот на град Скопје македонската публика ќе има можност да се сретне со неговата уметност во рамки на ретроспективна изложба. Прв пат во Македонија Роберт Глигоров изложувал во 1996 година.
Текстот е превземен од Дневник