Главни причини за нерентабилното работење на МЈП Проаква кое во континуитет бележи загуби се превработеноста, намалената економска моќ на стопанството и ниската цена на водата, смета претпријатието. Водовод Охрид на вработените им должи 3 плати, а Водовод Струга двојно повеќе.
-Пред да се раздружат Проаква и Нискоградба заедно имаа 200 вработени, а сега 400. Се прават напори за разционализација, но постојат законски пречки. Бројот на вработени во Проаква од 305 во 2013г. е намален на 265. Ние изготвивме план за рационализација според стариот закон, но проблем е тоа што голем дел од вработените се водат како државни службеници, па се обидуваме да изнајдеме други начини преку предвремена пензија и прогласување на технолошки вишок да го намалиме бројот на вработени. Од друга страна проблем претставува тоа што нема стручни работници за одржување на системот и интервенции и тоа што веќе никој не сака да учи занает.-вели директорот на МЈП Проаква Томе Паскалоски.
Претпријатието за потрошена електрична енергија должи 4 милиони денари поради што деновиве ЕВН времено го исклучи од електро мрежата, а граѓаните на Охрид и Струга со часови останаа без вода за пиење. Излезот од ваквата состојба се гледа со поделба на претпријатието на Водовод Охрид и Водовод Струга, за што советот на општина Охрид даде зелено светло, а стопанисувањето со колекторот да го преземе државата. Но ниту тоа нема да биде доволно доколку не се покачи цената на водата велат од Проаква, посочувајќи дека 15 години таа е непроменета, а условите на стопанисување целосно се изменети, за што говори податокот дека денес се испорачуваат 700.000 метри кубни вода помалку отколку пред една деценија.
-Голем дел од стопански капацитети како ЕМО, Застава и други, па и Армијата која беше голем потрошувач на вода сега не постојат. Во моментот индустријата во вкупната потрошувачка на вода во Охрид учествува само со 20 проценти. На времето амо една фактура од Застава ни ги покриваше трошоците за струја. – рече Паскалоски.
За подобрување на лошата финансиска состојба Проаква предлага воведување и на дополнителна давачка за одржување на системот за корисниците на викенд станови кои во Охрид ги има околу 10.000.
-Како што има улично осветление во делот на струјата, да има надомест за одржување на постоечката мрежа во кондиција, пример од 100 денари како што е за улично осветление, тоа би бил додатен приход од околу 25 милиони денари и со тоа би немале загуба, само со тие 100 денари. – објаснува Паскалоски.
Сегашната состојба е неодржлива предупредуваат од Проаква и бараат градските власти и државата сериозно да се вклучат во решавањето на наталожените проблеми, бидејќи ова претпријатие стопанисува со водните ресурси на најголемиот басен со питка вода од кој може да се снабдува цела Македонија.