Нова Македонија - 25.06.2008
Има луѓе што велат дека Грција треба да ја земе цела Македонија
Спиридон Сфетас,
грчки историчар, професор на универзитетот во Солун, упорно инсистира дека се може да се смени и да се подобри во односите меѓу Македонија и Грција, и тоа наскоро. Истовремено, тој со многу леснотија најавува и катастрофични сценарија за Македонија. Професорот побара за „Нова Македонија“ да ги претстави своите ставови за спорот со името, кои со сигурност ќе прозвучат необично, можеби дури и навредливо за голем дел од читателите.
Меѓу Македонија и Грција, како прво, се води борба за идентитетот. Ние Грците имаме едно сфаќање за тоа што вие го сметате за македонска нација. Ние не веруваме дека тоа е историска нација, туку дека се работи за еден процес на диференцијација на словенското население, под влијание на бугарската и на српската национална идеја. Процес што почнува во периодот меѓу двете светски војни, а по Втората светска војна се создаваат една нова држава и еден нов идентитет. Вие, пак, сметате дека сте историска нација. Сакате да наметнете теорија дека сте потомци на Александар Македонски. Името Македонци словенските племиња го презедоа од древните Македонци, иако за тоа преземање нема поткрепа од никакви документи.
Какво право има еден Грк да ми кажува како јас ќе се чувствувам и самоидентификувам?
Користењето на името Македонци за Грците е провокација. Се води борба за разграничување на идентитетот. Има луѓе во Грција што поставуваат прашање и за територијални претензии поради името Македонија, дека името е мотор за територијални претензии. Може да се каже и обратно, дека во Грција има луѓе што велат дека Грција, која има многу поголем дел од Македонија, треба да ја земе цела Македонија. Тоа е под влијанието на минатото, на судирот за време на Граѓанската војна, кога ние ја преживеавме вашата големодржавна идеја. Тогаш имаше опасност од вас за Грција и за Бугарија. Сега таа закана е апсурдна, бидејќи вие и самите водите борба за опстанок, а не пак да не нападнете нас. Но има луѓе во Грција што се уште тврдат дека постои закана од север. Тоа може лесно да биде решено со договор за добрососедски односи и со гаранција за немање територијални претензии. Но пак останува проблемот на идентитетот и како да се реши тоа. Сметам дека може да се најде едно име за меѓународна употреба што ќе не разграничи. На пример, цар Самуил никогаш не се изразувал како Македонец, туку како Бугарин. Вашето средновековие ја засега Бугарија. Нас н* интересира античкиот период.
Зошто историските ставови да бидат пречка за евроатлантските интеграции? Каква врска имаат тие со иднината?
Ние не ви кажуваме како да си ја пишувате историјата, туку сакаме да се разграничи во меѓународна употреба. Кога поставувавте споменици на Александар Велики во вашите градови немаше протест од Грција. Но затоа имаше грчки протест за преименувањето на аеродромот, кој е меѓународна институција, на која слетуваат меѓународни летови и кој е во меѓународен сообраќај. Вие во вашата држава може да зборувате што сакате, но за пред странците тоа мора да биде усогласено. Не можеме од сегашната ваша генерација да бараме да го смени својот став кон историјата. Од следната генерација можеби ќе може. И кај нас и кај вас ќе има такви луѓе, такви умови што со текот на времето ќе можат многу потрезно да ги видат состојбите. Сегашната генерација во историјата гледа една сигурност, една заштита, прибежиште. За почеток, тоа значи да не ја шириме историјата во која се глорификува минатото, за вашето македонско чувство да биде многу посилно. Кај вас има ставови за кои сметаме дека се фалсификување на историјата за политички цели. Затоа треба да се најде решение за меѓународна употреба, но не само на името. Еве и да се согласиме името да биде „Нова Македонија“. Тогаш Бугарија ќе го постави прашањето на јазикот. Бугарија го смета македонскиот јазик за србизиран бугарски дијалект, вие го сметате за посебен јазик, а ние Грците под „македонски јазик“ го сметаме јазикот на древните Македонци.
Нели, според грчките историчари, древните Македонци зборувале грчки?
Тие зборувале на еден грчки дијалект. Нема сомневање дека древните Македонци сакале да бидат Грци, но тогашна Атина не ги признавала. Познати се антимакедонските говори на Демостен и слично, кои се тука затоа што македонската држава ги напаѓала атинските колонии. Александар Велики на крајот ја обедини Грција, а тоа му е аманет од Аристотел. За меѓународните организации мора да се договориме, мора да се знае што е Македонец за вас, една историска нација; за Бугарија, Македонец е поробен Бугарин. За Грците, Македонија е една географска територија, а Македонци се сите жители на таа територија, без оглед дали се Грци, Бугари или славомакедонци.
Штом расправата почнува од пред 2.000 години, како можете да бидете оптимист за решавање на спорот, како што велите дека сте?
Ќе има многу проблеми да се постигне договор по изборите кај вас. Првиот е тоа што вашиот премиер играше на националистичката карта и сега треба да направи еден компромис. Тој многу добро знае дека без компромис не може да влезе ниту во НАТО, ниту во Европската Унија. Ако перспективата ви е да влезете во НАТО и во ЕУ, се може да се смени многу бргу. Тоа значи дека фронтот со Грција мора да биде затворен. Друг фронт Македонија сега има со Албанците. Без оглед која албанска партија ќе влезе во Владата, барањата на Албанците за признавање на Косово, за албанскиот како втор службен јазик, за пензии за припадниците на ОНА, тие барања ќе бидат уште посилни затоа што кај албанските партии се води борба за власт и двете играат на националистичка карта. Дали Али Ахмети или Мендух Тачи е на власт, секој ќе ги поставува истите прашања. Нема сомневање дека Албанците сега сакаат да бидат поврзани со Косово, дека по неколку години може да се обидат да се одделат од Македонија. Тоа е цената на независноста на Косово.
Македонија од Грција, како членка на ЕУ и на НАТО, очекуваше помош, инвестиции, европеизација. Наместо тоа, добива дестабилизација?
Ние сме прва земја по инвестиции во Македонија. Многу помагавме, иако Македонија го потценуваше прашањето на името. Ние прифативме во вашето идно име да биде зборот „Македонија“, но вие самите поставивте пречки со тие експлозивни манифестации на национализам, што покажува дека во Македонија има дефицит од демократија, од зрелост.
Како може да го сметате прашањето за регулирано, кога Грција не го признава македонското малцинство?
Тоа е многу деликатно прашање. Се поставува прашањето што е тоа малцинство. Вие знаете дека по Првата светска војна, кога имаше размена на населението меѓу Турција, Грција и Бугарија, во Грција остана еден дел бугарско население. Тогаш немаше Македонци, туку спор меѓу Бугарија и Србија за тоа население, дали се Бугари или Срби. По Втората светска војна, кога комунистичките партии почнаа да го пропагираат македонизмот како нова идеологија, кога имаше обид да се смени мапата на Балканот, тогаш почна македонизирањето на дел од ова население. Тие луѓе се Словени, кои биле бугаромани или, пак, можеле да станат нешто друго. Истите луѓе што беа Бугари до Втората светска војна, потоа беа со југословенските партизани. Славомакедонците имаат таква етничка флексибилност. Ние наметнавме политика на мирна асимилација, и тоа со голем успех.
Колку била мирна...
Асимилацијата беше насилна едно време во периодот на Метаксас. Но тие што се чувствуваат како нешто друго, во Грција можат да се организираат, да демонстрираат. Ние признаваме посебна јазична група, не малцинство. За нас постои една јазична група, која може да зборува, да пее на својот јазик.
Па дури и тоа им е забранувано.
Било забранувано во одредени периоди, кога односите биле лоши. Тие мораа да се изјаснат дека нема да го користат својот дијалект. Сега, во слободна Европа, малцинствата како муслиманското, како Виножито, ние ги признаваме. Тие можат да прават што сакаат. Но треба да покажат колкумина се. Сакам да видам демонстрација на улиците на Лерин, да ги видам колку се. Ако знаеш дека си различен, дека имаш карактеристики што се одделни од другите, можеш да го правиш тоа, а кај славофоните во Грција тоа го нема. Има само луѓе што профитираат од таа различност, знаејќи дека Европа сега ги заштитува малцинствата, па луѓето од Виножито профитираат од тоа. Кој ви е тој Павле Воскопулос? Тој може да прави што сака, но нема луѓе, нема маса. Тоа прашање во Грција е решено.
Сакате да видите колкумина се останати Македонци по толку години диктатура, асимилација?
Ако имаат самосознание, нема да се асимилираат. Сега нема масовни малцински движења. Има Македонци, односно славомакедонци што ќе бидат против тоа именување како Македонци. Тие се елинизирани и тие ќе се побунат против Виножито. И во Бугарија, ОМО Илинден-Пирин бара Македонци и не може да ги најде. И Бугарија бара Бугари во вашата Македонија, па не може да ги најде.
Грција има една од најниските стапки на наталитет во Европа. Уште колку долго ќе може да опстои како етнички чиста држава, без малцинства?
Ние имаме малцинство, што го признаваме како муслиманско. Албанското малцинство не го признаваме, бидејќи тие се економски доселеници во Грција. Албанците во Грција многу лесно се асимилираат. Малите албански деца се најдобри ученици. Грчката култура може да ги асимилира луѓето.
Тоа е затоа што грчката култура е супериорна, подобра од другите?
Не, не. Албанците доаѓаат од една земја во која условите се многу лоши, во земја во која условите за живот се многу подобри. Тие толку добро го учат грчкиот јазик, што нивните деца се најдобри во училиштата.