Напаѓачот на Шкендија и македонски репрезентативец, Ферхан Хасани, се сели во Бундес-лигата, во редовите на Волфсбург, како што синоќа ексклузивно објави ЕКИПА. Тој ќе стави потпис на тригодишен договор, а на тимот ќе му се приклучи по новогодишните празници. Финансиските детали официјално се уште не се познати, но се очекува Хасани за трите сезони да заработи околу 1,2 милиони евра, плус дополнителни бонуси за бројот на одиграни натпревари и за постигнати голови.
Хасани беше на радарот на бундеслигашот Волфсбург цели шест месеци, првичните преговори отпочнаа летоска, а тогаш не беше постигнат комплетен договор. Но, релациите останаа, тренерот Феликс Магат неколкупати испратил скаути да ја следат играта на напаѓачот на Шкендија, по што сепак се уверил дека Ферхан Хасани има квалитет за да биде играч на Волфсбург во наредните три сезони.
Македонскиот репрезентативец на германскиот прволигаш ќе му се приклучи веднаш по новогодишните празници, а со екипата на 4 јануари ќе замине на подготовки во Дубаи. Хасани како конкуренција во нападот на Волфсбург ќе ги има хрватските интернационалци Марио Манџукиќ и Срѓан Лакиќ, како и германскиот репрезентативец Патрик Хелмес.
извор:
http://www.ekipa.mk/News.aspx?newsId=3669