НАРОДЕН ПАГАНСКИ ОБИЧАЈ, ЏАЛАМАРИ ОД СЕЛО БЕГНИШТЕ, КАВАДАРЕЧКО
Цели 400 години жителите од кавадаречкото село Бегниште, на празникот Василица изведуваат паганска игра со која ги бркаат лошите духови од домовите. Маскираните „џаламари“ прават голема врева низ селото. На 14-ти јануари рано наутро во пет часот се спремаат џаламарите, облекуваат клопотарци, ѕвонци, ќулафки, волнени бради, се црнат од фурните, бараат стапови...
Дружината се состои од 11 до 15 луѓе, само мажи, од кои една баба и две невести. Џаламарите треба да изгледат пострашно за да можат подобро да го избркаат ѓаволот, а невестите за плодност се носат. По куќите што раздаваат за адет останало дека ќе им родат нивите повеќе, деца ќе имаат повеќе, стоката да им биде здрава и жива. Домаќинките рано наутро печат баник под вршник, а џаламарите влегуваат во сите куќи каде ги даруваат со храна и пари. Така останало да се избркаат лошите работи, лошите духови, се оди од куќа на куќа, се коледува, им даваат ореви, јаболки, месо, вино, ракија...Кога ќе заврши денот Василица тоа што ќе го соберат наредната вечер се собираат во куќа и таму јадат, пијат." Традиционалните маски тешки над 30 килограми се стари повеќе од 200 години. Токму заради нивната оригиналност, василичарите од Бегниште го привлекуваат вниманието на сите карневали каде се појавуваат.