Некогаш најдобриот фудбалер во светот, а сега пензионер, Едсон Арантес до Насименто - Пеле, ги обвини Робињо и Роналдо за користење на наркотички средства.
Според легендата на бразилскиот фудбал, Роналдо и Робињо биле под дејство на дрога за време на некоја приватна забава во Сао Паоло, каде според неговите зборови - шмркале кокаин заедно со еден бизнисмен. Пеле моментално се наоѓа во Бразил, каде се одвива судењето против неговиот син Едињо, кој е обвинет за поседување на кокаин.
"Не е во ред да се зборува за дрогата во фудбалот, само поради неколку фудбалери како Роналдо и Робињо, кои имаа проблем со неа", изјави Пеле.
Тој не заборави да упати критика и до Марадона, кој според Пеле, го срами спортот и е ужасно лош пример за младите генерации на фудбалери. Според него, Диего Марадона бил одличен играч, но неговиот живот тргнал во погрешна насока кога почнал да конзумира дрога.
Од друга страна, Пеле упати пофални зборови до играчите кои смета дека се вистински пример за помладите генерации. Ги наброја Кака, Бекенбауер и Мишел Платини, луѓе кои го заслужуваат епитетот "ѕвезди" во фудбалот, но и во приватниот живот.