Сакам да кажам
16.06.2012, 10:30
Пиноче и Пиколомини
Зошто оваа власт толку панично се срами од фактот дека Македонија се борела против фашизмот?...
Пишува Горан МИХАЈЛОВСКИ
1 Не можам да ја сфатам оваа омраза на актуелната власт против сопственото сеќавање. Откако ги сменија единствените фасади што го преживеаја земјотресот во Скопје во 1963 година и се единствениот остаток од македонската архитектонска модерна, сега со сила ги менуваат и улиците кои се симбол на Скопје како град на светската солидарност.
Зошто им пречеше Мексичка улица? Сe уште се во бодри години скопјаните кои се сеќаваат дека оваа улица е именувана во чест на Ева Самано, сопругата на мексиканскиот претседател Лопес Матеус, која по земјотресот во неколку наврати лично дошла во Скопје и со вагони носела тони облека како помош. Скопјаните потоа со години низ Југославија ги препознавале по мексиканските алишта.
Ај што им пречи Ева Самано. Но зошто им пречи Стив Наумов? Зошто им пречи Мито Хаџивасилев - Јасмин? Зашто биле комунисти? Или зашто биле антифашисти? Затоа ли им пречи улицата Ленинградска? Не знаат дека таа не е именувана по Ленин? Туку е именувана по градот Ленинград кој е светски симбол на антифашистичкиот отпор.
Впрочем, зошто толку панично се срамат од фактот дека Македонија се борела против фашизмот? Се плашат да не им се налутат Бугарите? Или од балистите се исплашија? Затоа ли ги плукаат гробовите на сопствените баби и дедовци? На тие што се бореле против фашизмот - најголемото зло на 20 век.
Човеков секогаш реално кажува.