И Франција сноси одговорност за вербалниот напад од еден грчки офицер врз двајца македонски офицери на воената вежба „Steadfast Juncture 2008“ во Езуип кај Париз, открила интерната истрага на НАТО за инцидентот.
„Земјата домаќин Франција и организациската ќелија за тренинг вежбата не се обратиле за совет до Командата на НАТО во Брисел кога се појавила поплака од учесник од една земја членка“, се вели во писмото од генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер како одговор на протестното писмо од министерот за одбрана Лазар Еленовски.
НАТО оценил дека организаторот Франција погрешил што од двајцата македонски офицери побарал да ја продолжат вежбата во цивилна облека, наместо да се консултира со Брисел.
Во писмото од Шефер се наведува дека НАТО нема политика за униформите и дека тоа е стриктно национална работа.
„Вашиот придонес во мировните мисии на НАТО многу се цени во Алијансата. Ве известувам дека лично ќе се заложам и ќе ги преземам сите потребни чекори за да ваков инцидент не се случи во иднина“, пишува генералниот секретар Јап де Хоп Шефер во писмото до Еленовски.