Изгледа со помош од нашите редови грците полека успеваат во своите намери полека да не снема:
Нимиц го исфрла идентитетот од пакетот за името
Oдушевен од посветеноста на грчката влада: посредникот Метју Нимиц
Во преговорите зборуваме за држави и за име, а не за етничка припадност или за националност, е ставот со кој излегоа министерката за надворешни работи на Грција Дора Бакојани и посредникот Метју Нимиц по средбата вчера, во Њујорк. Нимиц, одушевен од посветеноста на грчката влада да се обиде да го реши прашањето за кусо време, рече дека подобро ги разбира позициите на двете страни во обидите да се најде фер решение.
- Чувствувам дека грчката влада е подготвена да направи нешто за да се реши ова - изјави Нимиц. Тој рече дека вчера не презентирал нови идеи, туку дека ќе ги чека коментарите од двете страни на наредната средба со преговарачите Никола Димитров и Адамантиос Василакис.
- Има сериозни размислувања на двете влади за презентираните идеи и мислам дека сме во многу важна фаза од преговорите, не сум обесхрабрен - изјави посредникот. Нимиц додаде дека и од властите во Скопје има јасна позиција, иако нема стопроцентно ист став помеѓу претседателот и Владата.
- Кога зборувам со министерката за надворешни работи гледам дека Грција има јасни позиции. И во Скопје Владата зборува со мене јасно и со еден глас. Знам дека има политички разлики, но исто така мислам дека за ова прашање имам јасна позиција од Скопје - рече Нимиц. Одговарајќи на новинарски прашања во грчката мисија во ОН, Нимиц се обиде да објасни дека тој како претставник на ОН се занимава со прашањето за името на една членка, а не со етничка припадност. ОН според него не признаваат етничка припадност.
- Не се занимавам со државјанството на граѓаните на една земја. Не се занимаваме со етнички идентитет или со историски идентитет, тоа е за историчарите. Луѓето сами решаваат за својата етничка припадност. Мислам дека има мала конфузија за тоа. Ние зборуваме за име на една држава и за придавки што се однесуваат на таа држава, а не за етничката припадност или друг национален идентитет на луѓето - рече Нимиц. Етничката припадност, според него, е друг аспект и тој не се занимава со тоа, но потврди дека има уште прашања за кои треба да се разговара.
Од средбата задоволна излезе и Бакојани, изјавувајќи дека имала конструктивна и интересна дискусија со Нимиц. Повтори дека грчкиот став е многу јасен и дека преговарачкиот процес продолжува за да се најде заедничко решение.
- Зборуваме за заедничко решение за името, што значи име со кое секој ќе живее и секој ќе може да го користи во иднина. За тоа зборуваме. Бараме решение без губитници и победници, за „вин-вин“ решение, тоа е нашата цел - рече Бакојани.Вчера попладнето Нимиц требаше да се сретне и со претседателот Црвенковски.
Жана П.Божиновска Наш известувач од Њујорк