Географската положба на Мексико е нешто посебно. Климата варира од континентална до суптропска, со плодни долини, шуми, џунгли, реки и мориња. Ова шаренило на пределот е добра предиспозиција за шаренило на билниот и на животинскиот свет. Од широката палета вкусови и ароми, Мексико има инспиративно мени кое, барем така велат тие што го познаваат, кога еднаш ќе се проба, засекогаш се сака. Ако знаеме дека Мексико е всушност обединетост од 32 држави, што имаат многу различни клими, тогаш лесно е да се сфати различноста на локалната исхрана во оваа преубава земја. Сите овие нешта, како и блискоста на темпераментот на Мексиканците и Македонците го инспирирале Тоше Мирчевски да го отвори Мексиканскиот ресторан во Скопје, прво во срцето на Старата скопска чаршија, а сега во непосредна близина на Т.Ц. "Капиштец". По посетата на САД и на Мексико во неколку наврати и по средбата со Мајк Бујко, бизнисмен од Лос Анџелес во кого тече и македонска крв, Тоше заедно со својата сестра Лиле решиле да впловат во авантурата наречена мексиканска кујна. "Бидејќи самиот не можев да експериментирам со нешто што само како консумент го познавав, побарав помош од Мерилин, новинарка во Амбасадата на САД во Скопје. Таа ме научи на дисциплината при работењето со храна, бидејќи искуството со угостителството веќе го имав со кафулето "Липс". А потоа на сцена стапија Рич и Мишел", раскажува Тоше за почетоците. А бидејќи двете момчиња од САД го имале искуството како сопственици на ресторанот за мексикански јадења "Астекс", тие почнале да работат со Тоше "лекција по лекција", како што милува тој да каже, т.е. рецепт по рецепт. Секако, свој удел има и Томас Гарсија, случаен патник во Македонија, кој е и кум на ресторанот. Почетоците биле со три јадења во менито, а денес на картата можете да направите избор веќе од 27 разновидни порции. "Досега имам научено да приготвувам и 40 јадења, но ни просторот ни времето не ми дозволува да ги нудам сите во ресторанот", вели Тоше. Главното, според него, е да не се измрдува од рецептот, иако можат да се прават "варијации на тема". А можностите што ги нуди мексиканската исхрана за вакви варијации се навистина шаренолики, а за тоа, покрај географските, голема улога одиграле и историските услови.
Имено, пред да дојдат конквистадорите, на овие предели живееле Ацтеките и Маите. Монтезума Втори, владетелот на Маите, секојдневно избирал меѓу 300 различни јадења: полнета живина, тропско овошје, сладолед направен од снегот на блискиот вулкан и свежи риби кои тркачите секојдневно ги носеле од Мексиканскиот Залив. Се разбира, неговите поданици имале многу поскромна исхрана. За Ацтеките, пченката била срцевината на ритуалниот дел на секојдневјето. Од него се правела напивката "атол", потоа тамалеси полнети со месо или со риба и, се разбира, од пченката се правеле тортилји, како што ги викале Шпанците, што често служеле и како лажици или напросто биле полнети со зарзават или со месо. Повеќето од јадењата биле служени со сосови од чили, црвен и зелен домат, зачини и голем број ароматични билки.
Мексиканската револуција, пак, во 1920 година, довела до големи промени во власта, меѓутоа и на трпезата. Таа почнува како револт против 30-годишната диктатура на Порфорио Дијаз, при што од север тргнува Панчо Вила со своите жени-војници (солдадас), а од југ Емилијано Запата со селаните, обајцата кон Мексико Сити. На Мексиканците им била претставена кујна што не била од нивниот регион. Властите, навикнати на тортилји од пченица и говедско, почнале да јадат повеќе пченкарни тортилји, пилешко и храна зачинета со необични зачини. Запатистите, навикнати на наједноставна индијанска исхрана, во Мексико Сити се затекнале пред богати трпези полни со фазани и други префинети јадења. Премногу револуционерната кујна поделена меѓу индијанската, шпанската и креолската, од една страна, и елитната шпанска и француска од друга страна, по револуцијата го отворија патот за создавање "национална" кујна на Мексико, која е установена дури во 50-тите години на 20 век.
И иако Македонија е "милји и милји оддалечена од Мексико", што би рекол Тошо, тој нашол начин дел од продуктите карактеристични за тоа поднебје да ги пренесе и одгледува и тука. "На едно парче земја во Стајковци успеав да одгледам артичок, циландер, копар и некои други растенија што ми се неопходни за приготвувањето на мексиканските јадења. Дури и тортилјите сам ги правам, од обично брашно, иако оние од пченкарно се поубави, но успеваат само од мексиканско брашно", објаснува Тоше. Со гравот, всушност, приказната е малку поразлична. "Тие употребуваат неколку видови грав што не успеваат тука: црн, пинто (шарен), црвен и зелен, па затоа морам да го набавувам оттаму". Лутите пиперчиња, неопходни за чили сосот ги имаме и кај нас, иако во Мексико тие се наредени во скала од 15 различни типа, што се разликуваат по формата и по степенот на лутост, а Мексиканците не сакаат ни да започнат со јадењето ако во него нема гвакамоле (сос од авокадо).
Ви звучи чудно? Можеби, но мексиканската храна нуди комбинација на различни вкусови, за кои не сте ни сонувале дека одат заедно. Луто и мед со месо, овошје и солено, разни комбинации зачини и миранда. А доколку, сепак, патот ве навел накај Мексико и ако сте од оние кои сакаат да пробаат баш се и сешто, таму можете да добиете зацрвенети пржени скакулци или јајца од мравки што ги нарекуваат мексикански кавијар и се сметаат за деликатес. Сепак, не стравувајте, бидејќи тоа го нема на менито на Мексиканскиот ресторан во Скопје. Затоа, пак, тука ќе можете да ги вкусите пијалаците карактеристични за тоа поднебје. Текилата е задолжителна за добредојде, а со храната можете да си нарачате пиво, вино или сангрија. Како дижестив ќе ви ги сервираат кафињата со ликери и ароми. Впрочем, како што е и таму. Ако сте расположени за алкохолен пијалак, ќе ви понудат избор меѓу ликери, што ги има од кафе, пченка, палма или сото ликер, пунчеви или ферментирани пијалаци и, се разбира, мескал (од агава кактус) или текила.
Значи, мексиканскиот ресторан може да ви понуди гастрономска авантура слична на таа што ќе ја доживеете ако прошетате низ оригиналните мексикански трпези. Затоа, редовни гости во Мексиканскиот ресторан во Скопје се странците, претставниците на дипломатските претставништва, иако и македонските гости не се веќе реткост во локалот на Тоше и Лиле. "Како и за се што е ново, така и за мексиканската храна беше потребно време за нејзино прифаќање. Сепак, сега веќе можам да кажам дека експериментот што го почнав пред седум години се покажа како успешен", вели Тоше, кој во својот ресторан повремено организира и забави на Друштвото на мексиканско-македонско пријателство. А тогаш, недостига само еден "маријачи" бенд, и Мексико ќе го добиеме во срцето на Скопје. Ве интересира ли составот на гости? И тука функционира мексиканското правило кое ни го откри Тошо: "Не е важно од каде си, туку каков човек си! Така е и таму и овде. Единствен императив е гостинот да биде убаво дочекан. Искреноста е нивен, но и наш заштитен знак. И тие, како и ние, кога плачат, плачат од срце, а кога се смеат, тогаш вистински се радуваат".