Проколнатиот брод „Мери Целеста“
Имало нешто необично на едреникот со две катарки што се нишал на морската шир на Атлантик. Нешто не било во ред, но не било лесно веднаш да се утврди што. Екипажот од палубата на бригантинот „Деи Грација“ го набљудувал чудното пловење на мистериозниот брод уште кога се појавил како точка на сивиот хоризонт. „Деи Грација“ упорно го следела, се додека вечерта капетан Дејвид Морхауз не одредил паралелен курс за да го разгледа малку подобро со својот дурбин таинствениот брод.
Чудниот брод би бригантин со четвртести едра како нивниот, но имал само два комплета. Другите едра биле собрани или виселе во партали. Бродот пловел на слабиот ветер кривулејќи лево-десно, небаре кормиларот е пијан. Морхауз набргу сфатил зошто бродот не плови право и лесно. Додека „Деи Грација“ се приближувала, забележал дека кај кормилото нема никој... ниту на палубата... всушност, на бродот немало никаков знак на живот...
Морхауз дал сигнал, но од проколнатиот странец немало одговор. Наредил да се спушти чамец и тројца луѓе почнале да веслаат накај бродот. Додека се приближувале, тие викале: „Ало, едреник, ало, едреник!“ Немало одговор. Дошле со својот чамец до крмата на бродот на која било напишано неговото име: „Мери Целеста“, Њујорк.
Последен пат „Мери Целеста“ била видена еден месец пред тоа, кога на 4 ноември 1872 година испловила од Њујорк на пат за Џенова, носејќи товар од 1.700 буриња непреработен алкохол. На бродот се качиле и 37-годишниот американски заповедник, капетан Бенџамин Спунер Бригз, и неговиот прв офицер Алберт Ричардсон со седумчлен екипаж. На бродот се наоѓале и сопругата на капетанот, Сара, и нивната двегодишна ќерка Софија. Бригз, чесен, набожен, брадест маж, прв пат пловел на „Мери Целеста“. Пред тоа бил заповедник на шкуни и на помали бродови, па затоа веднаш прифатил да командува на „Мери Целеста“ кога конзорциумот на сопствениците му понудил една третина од акциите на бродот. Првобитно тој брод се викал „Амазон“, но сопствениците му го смениле името и ги извршиле неопходните поправки пред да го пратат преку Атлантик.
„Мери Целеста“ испловила од њујоршкиот Ист Ривер и го насочила својот нос кон Азорски Острови, кои ги здогледала, според податоците од бродскиот дневник, на 24 ноември. Се до тој ден времето било убаво и госпоѓа Бригз ги минувала деновите на палубата. Навечер шиела на машина за шиење или свирела на својот хармониум кој, по долго молење, нејзиниот сопруг и дозволил да го земе на бродот.
Меѓутоа, кога ги минале Азорските Острови, времето се расипало. Почнала силна бура. Тоа било доволно сериозно за да го исплаши искусниот капетан и Бригз наредил да се соберат дел од едрата. Не се создала паника и во бродскиот дневник биле запишани вообичаените податоци. Следниот ден бил 25 ноември и тоа утро во дневникот била внесена положбата на бродот.
Тоа бил неговиот последен запис.
Десет дена подоцна, чамецот од „Деи Грација“ се приближил до бокот на „Мери Целеста“. Првиот офицер Оливер Дево и вториот офицер Џон Рајт се качиле на бродот оставајќи го третиот човек да го чува чамецот. Дево и Рајт го пребарале бродот и тоа што го виделе само ја зголемило мистеријата.
Едрата слободно се вееле на ветрот. Кормилото бесшумно се вртело, а низ отворената врата од кујната допирало шумењето на водата. Компасот лежел скршен на палубата, чамците од бродот биле исчезнати. Под палубата работите изгледале поинаку. Се било уредно и на своето место... единствено што немало никој.
Во кабината на капетанот се наоѓал хармониумот од ружино дрво со отворени ноти на него. Машината за шиење била на масата. Играчките на малата Софија биле уредно наредени. Во просториите за екипажот исто така се било средено. На јажето виселе алишта, а сувите и испеглани алишта биле здиплени на креветите. На бродот во тоа време појадувале и половина од појадокот веќе бил сервиран.
Дево и Рајт се спуштиле назад во чамецот и го известиле Морхауз за своите откритија. Тој претпоставувал дека бродот бездруго бил напуштен среде бура. Но тогаш како да се објаснат, се прашувал Дево, недопрените порцелански садови, стакларијата и отвореното шишенце сируп против кашлица на масата во кабината на капетанот? Тогаш се случил бунт, заклучил Морхауз. Меѓутоа, немало знаци на борба – а и зошто бунтовниците би го напуштиле бродот заедно со жртвите? Можеби во бродот почнала да навлегува вода? Дево потврдил дека имало три стапки вода и дека на палубата нашол одводна цевка, но тоа количество претставувало нормален прилив на вода за десет дена за еден стар дрвен брод и можело лесно да се испумпа.
Морхауз решил за миг да ги заборави тие прашања без одговори и да се концентира на многу поважни работи – на пример, наградата што им следува на спасителите на брод. Пратил неколку членови од својот екипаж на „Мери Целеста“ и по неколку часа од складот била испумпана водата. Утредента биле поправени едрата.
Капетанот можел да одвои само тројца од своите седуммина членови на екипажот да минат на „Мери Целеста“. Ги одредил Дево и морнарите Аугустус Андерсон и Чарлс Лунд. Со манир на искусни морепловци тие тројца пловеле на „Мери Целеста“ 600 милји до Гибралтар, нејзиното прво пристаниште според планот, каде што ги чекала „Деи Грација“.
Британските власти во Гибралтар ја закотвиле „Мери Целеста“ и наредиле официјална истрага. Морхауз, Дево и другите членови на екипажот биле детално испитувани. Било речено дека под креветот на капетан Бригз бил најден орквавен меч – зар тоа не е сигурен доказ за злосторство? Мечот бил испитан и се докажало дека дамките не потекнувале од крв. Биле пронајдени и девет испразнети буриња за алкохол, а десеттото било почнато – дали е можно екипажот да го обзел пијан бес? Дево стрпливо објаснувал дека во потпалубата се било во најдобар ред. Дали Бригз го фатила паника од претстојната бура па наредил чамците да бидат спуштени во морето? Има само малку знаци што одат во прилог на тоа – во кабината на капетанот се било совршено уредно, како што и му доликува на вистински џентлмен. Капетанот внимателно го отсекол врвот на вареното јајце што останало неизедено на неговата маса.
Прашањето што најмногу ги збунувало иследниците било: „како можела ’Мери Целеста‘ да остане на курсот цели десет дена, без екипаж, минувајќи притоа 500 милји? Кога „Деи Грација“ го забележала мистериозниот брод, Морхауз едрел фаќајќи го ветрот од лево. „Мери Целеста“ добивала ветар во едрата од десната страна. Било непоимливо, покажала истрагата, дека „Мери Целеста“ можела да плови по курсот со така поставени едра. Бездруго имало некој на бродот неколку дена по последниот запис во дневникот...
Властите во Гибралтар биле сигурни дека исчезнатиот екипаж набргу ќе се врати со чамците и дека ќе ги објасни прашањата чиј одговор не го знаеле. Но тоа не се случило и на 10 март 1873 година судот им доделил скромни 1.700 фунти на спасителите на бродот, Морхауз и неговиот екипаж. Тоа било 15% од вредноста на бродот и на неговиот товар што тежеле 200 тони.
Истрагата завршила отстапувајќи им го местото на најфантастични претпоставки. Екипажот на „Мери Целеста“ го заробиле гусари, ги одвлекла огромна сипа, преминале на леден брег што пловел низ морето, се разболеле од жолта треска, капетанот полудел, и уште многу други слични претпоставки. Најнеобичното објаснување на мистеријата било понудено 40 години подоцна, во 1913 година.
Хауард Линфорд, управник на училиште во Хемпстед, Лондон, тврдел дека открил еден ракопис меѓу работите што му ги оставил на стариот школски служител додека лежел на смртната постела. Служителот бил човек што патувал многу и се викал Ејбел Фосдик. Во ракописот било запишано дека тој бил единствениот непријавен патник на „Мери Целеста“ – и единствениот преживеан во трагедијата што им се случила.
Фосдик пишувал дека капетан Бригз во текот на пловидбата ја нашол својата мала ќерка како невнимателно си игра на косата катарка на бродот – греда што стрчи од носот на едреникот. Му наредил на бродскиот дрводелец да и направи површина за играње од стол свртен наопаку. Додека го правел тоа, дрводелецот засекол длабоко во дрвото од двете страни на носот – тие мистериозни белези подоцна биле пронајдени на „Мери Целеста“. Еден ден, кога морето било мирно и без ветар, капетан Бригз имал расправија со својот прв офицер околу тоа колку долго човек би можел да плива во костим и ексцентричниот капетан скокнал преку оградата за да го докаже тоа. Сите дурги побрзале на импровизираната платформа за да ја видат одблизу необичната глетка, но гредата попуштиле и тие паднале во морето. Набргу се појавиле ајкули и ги изеле сите освен Фосдик кој останал залепен за остатоците од платформата се додека брановите не го исфрлиле на африканскиот брег.
Приказната ја запалила фантазијата на читателите ширум светот, но подоцна била отфрлена како измислена.
Така мистеријата за тоа што се случило со екипажот на „Мери Целеста“ останала до денес. А што се случило на бродот?
Кога „Мери Целеста“ била ослободена од истражниот судија во Гибралтар, морнарите одбивале да служат на тој брод тврдејќи дека е проколнат. Во следните 11 години бродот сменил 17 сопственици, се додека во 1884 година не го купила група деловни луѓе од Бостон. Тие одново го осигуриле бродот и го пратиле на пат за Хаити. Таму, на убаво и мирно море, капетанот налетал на корален гребен и заринкал. Планираната измама со осигурувањето била откриена, а сопствениците и капетанот биле изведени на суд. Во меѓувреме, стариот дрвен труп на „Мери Целеста“, заборавен од сите, гниел на далечниот карипски гребен.