Нема крај на циркусот: медицинската опрема на ракометарите патува со рентакар од Рим до Севилја!
Откако вчера не им било дозволено да ја внесат медицинската опрема во авионот на „Рајан Ер“ на летот од Рим до Севилја (преку Тревизо), одговорните лица на Ракометната федерација на Македонија решиле куферот тежок 75 килограми да го пратат со рентакар возило, кое до саканата дестинација го управуваат Никола Панчевски, директорот на репрезентацијата и Небојша Настов, лекарот на националниот тим.

Организација „на ниво“: претседателот на РФМ со селекторот и со капитенот на националниот тим
Ракометарите вечерва во салата во Севилја треба да го имаат последниот (и единствен) тренинг пред утрешниот дуел со Чиле од 15.45 часот и сите се надеваат дека медицинската опрема која е повеќе од неопходна и за време на тренинзите ќе стигне навреме на закажаната дестинација. Добро е што со тимот останале двајцата физиотерапевти, па играчите ќе имаат каква-таква медицинска нега додека не стигне официјалниот лекар.
Неразбирливо е како господата од РФМ не знаеле дека огромен метален ковчег тежок 75 килограми нема да биде примен во авион кој е од нискобуџетна авиокомпанија, па дури се обидувале со познатиот македонски шмек да го „поттурнат“ во официјалниот багаж. Но, кога виделе дека ѓаволот ја однел шегата, решиле опремата да остане во Рим, а со неа и директорот и лекарот на селекцијата. Двајцата добиле задача да изнајмат рентакар возило од Рим до Севилја, и да ја донесат потребната опрема до доцна попладнево.
Патот од Рим до Севилја е долг 2.355 километри, што е за 350 километри подолго растојание ако ковчегот со опрема тргнеше од Скопје до Севилја.
Во време на објавувањето на овој текст, опремата се уште не е пристигната во Севилја, а ракометарите, фала богу, конечно се сместија во официјалниот хотел каде што се селекциите учеснички на ракометниот Мундијал.