На денешен ден пред 13 години (11.11.2001) при обезбедување на ископувањето на масовна гробница кај Требош, Тетовско, подмолно и кукавички од заседа беа убиени тројца наши чеда Бранители,
припадници на Е.Б.И. ЛАВОВИ:
– ДРАГО МАНЕВСКИ (†35) од с. Марино, Скопско. Тагува семејството Маневски по својот домаќин, татко и син бранител на својата татковина. Село Требош, Тетовско беше последното место по кое шеташе и бдееше Драго, носејќи ги во своите мисли ќерките Ивана и Ана, на тогаш 11 и 4 годишна возраст коии останаа грижа на сопругата Соња. Загина од злоделата на албанските терористи во 35 година од животот кој колку и да беше суров и неизвесен сепак секој го минуваше според сопствените услови. На 11 ноември 2001 година судбината сакаше родителите Станојко и Милевка од с. Марино да ја слушнат трагичната вест - загина Драго и за да вечно сведочи колку е сурова вистината и колку е скапа слободата.
– БОБАН ТРПКОВ (†33) од Драчево, Скопско. Драчевци ќе го паметат својот Бобан по насмевката и веселиот дух со кој ги освојуваше врцниците и сограѓаните. Каде и да беше, со неизмерна среќа се враќаше дома, да биде со своите ќерки, тогаш 5 годишната Рената и едногодишната Јана, чии насмевки го радуваа и го чинеа посебно среќен со сопругата Силвана. Невремето во кое живееме, и тероризмот кој стана наша реалност и суровост однесоа уште една жртва, миленикот на Драчево, Бобан. Со своите 33 години живот, премалку за едно векување насилно прекинато, Трпков се нареди меѓу македонските бранители и жртви на албанскиот тероризам.
– ОЛИВЕР ПЕТРУШЕВСКИ (†23) од Куманово. Врели се солзите на сестрата Марјана по својот брат Оливер. Немаше крај на муабетите и доверувањата што меѓу себе ги имаа братот и сестрата. Која ја наполни 23 година од животот, ги побара егзистенцијата и сопствениот пат во иднината. Го прифати повикот и се стави во служба на својот народ и земја. Згасна невоиот живот за да спомените вечно траат. Надгробната плоча, ќе потсетува и ќе сведочи за проклетството на војната и терористичкото подмолно злодело кое унесреќи многу домови и семејства во македонската држава. Кумановецот Оливер Петрушевски ја вгради својата младост и живот во земјата во која се роди и која верно ја сакаше.