Сега па излезе дека и МТВ снима нови МНП.
Продолжуваат ’Македонските народни приказни’!
Проектот на легендарниот Ѓорѓи Колозов на радост на многубројната публика продолжува. Денес во Македонската радио телевизија се снимаше првата клапа на приказната ’Грнчарот’ со што и официјално почнува новиот серијал Македонски народни приказни!
Шенка Колозова, Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски, Дубравка Киселичка, Кирил Андонов, Александар Микиќ, Владо Дојчиновски, се дел од актерската екипа што настапува во првата приказна ’Грнчарот’.
Сценариото е на Шенка Колозова, а режијата на
Миле Гроздановски.
Од МРТ најавуваат дека ова е подолга серија и оти во нејзината реализација ќе учествуваат повеќе автори и режисери. За почеток ќе се снимаат околу 50 приказни, во етапи.
Режисер на првите приказни е Миле Гроздановски, а на следните ќе биде
Љупчо Билбиловски. Приказните ќе се снимаат континуирано и веќе за 10 дена се очекува промоцијата на првата приказна.
Ефтим Гаштов, извршен директор на МРТ, изјави дека досега продуцирале повеќе од 200 епизоди на ’Македонски народни приказни’ и потенцира дека МРТ е подготвена да инвестира во продукцијата на „Македонските народни приказни“ зашто тие се белег на куќата.
Режисерот Миле Гроздановски по снимањето на првата клапа изјави дека „Македонски народни приказни“ се култна серија и оти заслужуваат повторно да се снимаат зашто почиваат на традицијата која ја имаат зацртано собирачите на народни умотворби, како
Цепенков, Миладиновци...
- „Македонски народни приказни“ се четиво кое секој човек би сакал да го гледа, рече Гроздановски.
Актерката Шенка Колозова изјави дека почнуваат со македонската народна приказна „Грнчарот“, собрана од
Кузман Шапкарев.
- Приказната зборува за итрината и добрината на еден обичен човек како може да му помогне да си помине убаво во животот, рече Колозова.
Според неа, досега се снимени помалку од 300 епизоди на „Македонските народни приказни“ и додаде дека дека некои приказни се изгубени и не се прикажани. Таа изрази надеж дека приказните повторно ќе бидат прифатени од гледачите и оти ќе доживеат голем успех.