Бавноста на државните органи држи неупотребени милионски суми странски заеми
Шпански кредит за ХЕЦ „Лера" стои „замрзнат" три години
Нејасно е зошто надлежните не покажуваат барем малку менаџерски дух за да ги најдат дополнително потребните 3 милиони евра
Државава излегува несериозен партнер, што е погубно за неа во услови кога бара странски инвестиции
НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА
Шпанскиот кредит тежок 7,3 милиони евра, кој го доби Македонија за да ја изгради хидроцентралата "Лера" во Битола, стои практично мртов цели три години. Нашите власти тврдат дека немаат пари за преостанатиот дел од објектот, па затоа тој не може воопшто да се реализира. Додека тие не мрднуваат ни со прст за да изнајдат решение, шпанските кредитори се револтирани поради тоа што нивните пари стојат неискористени, иако пред неколку години ги барала самата македонска Влада.
Станува збор за заем вреден 7,3 милиони евра со екстраповолни услови, односно рок на отплата од 14 години, грејс-период од 4 години и камата од 1,5 отсто годишно. Нашата држава го има овој заем на располагање уште од 2003 година. Комерцијалниот договор за него бил потпишан во 1999 година, а во 2002 година Собранието донело соодветен Закон за задолжување, што значи дека како гарант за неговото враќање се јавува државата. Единствениот услов што го поставуваат Шпанците е проектот да го реализира шпанскиот конзорциум ИСИНЕЛ, во делот на електромашинската опрема, челичниот цевковод, транспортот и монтажата, за кои, всушност, е добиен заемот.
Но, проблемот е во тоа што од Јавното претпријатие "Стрежево", во чија надлежност е изградбата на "Лера", велат дека тоа нема пари да ги изгради бетонските канали за хидроцентралата, кои уште од стартот било одредено да паднат на негов трошок. Се проценува дека станува збор за околу три милиони евра. ЈП "Стрежево" неодамна нарачало анализа, која покажала дека ако земе нов кредит и за бетонските канали, финансиски нема да може да го издржи враќањето и на двата заема. Затоа експертите му препорачале да побара помош од Владата за овој дел, а доколку не успее да ја најде, дури и предложиле да се раскине меѓудржавниот договор за заемот. Од ресорот за земјоделство, под чија капа е ова ЈП, се на став дека во буџетот нема предвидено пари за таа намена и оттука нема никакви шанси да се реши проблемот.
Но, зошто надлежните не покажуваат барем малку менаџерски дух и не се обидат или да најдат донација од одделни меѓународни институции за дополнително потребните пари или да обезбедат, исто така, поволен кредит, за кој дури и ресорот за финансии им ветил дека може да им помогне, засега останува непознато. Не е јасно ни зошто не се прифаќа предлогот од шпанските кредитори, а тоа е ЈП "Стрежево" да го изработи преостанатиот дел од објектот во партнерство со некое друго ЈП кое ги има на располагање потребните средства, а потоа да ги поврати нив преку приходите што ќе ги носи "Лера" од продажбата на електричната енергија. "Објектот ќе произведува струја во следните 50 години, што значи ќе има од каде да се вратат средствата", велат наши извори.
И додека три години проектот никако да мрдне од мртва точка, се набројуваат штетите што ги трпи државава од ваквата инертност. Прво, таа излегува несериозен партнер пред шпанските кредитори и го губи својот меѓународен углед, што е погубно за неа во услови кога бара странски инвестиции. Потоа, шпанската страна има право да бара надомест на штета, а земјава останува покуса за една исплатлива и еколошка хидроцентрала, во време кога е интенција да се градат енергетски објекти во земјава. :lud:
http://vesnik.com.mk/