Му нема крај на албанскиот хегемонизам и национализам во Македонија. Најновата порција зачинета со отрови ни ја сервираше првиот човек на друштвото на историчарите-Албанци - Неби Дервиши. Тој деновиве излезе и јавно ги обвини монасите од манастирот „Свети Јован Бигорски“ дека намерно го запалиле за да ги прикријат историските докази оти тој отсекогаш бил албански. И што да каже човек на вакво нешто? Освен дека тврдењето на Дервиши е толку глупаво што поглупаво и не може да биде.
Но сега се наметнува едно друго прашање. Што да се прави со Дервиши и со таквите како него за да се спречат и понатаму да го трујат народот со глупости? И тоа со опасни глупости. Работи што освен што може да предизвикаат заблуди, сигурно ќе предизвикаат омраза и меѓуетничко нетрпение. И најобична глупост ако се игнорира може да предизвика најсериозен проблем. Оти да не заборавиме, и на рамковниот договор му претходеа изјави за кои не верувавме дека може да станат многу сериозни. Никој не можеше да верува ни тоа дека првата Македонска енциклопедија може да го наруши примирјето, како што порача лидерот на ДУИ, но ете и тоа ни се случи. Што ќе беше доколку изданието не беше повлечено од употреба? На што повикуваа заканите за палење македонски знамиња среде Скопје? Да не споменуваме и тоа дека Али Ахмети, партнерот во власта, од Тирана и од Приштина порачуваше дека е подготвен ако треба и со топови и „калашникови“ да тргне против Енциклопедијата.
И затоа со право треба да се запрашаме каде се сега надлежните државни институции и зошто се неми на изјавата на Дервиши? Планираат да ја игнорираат затоа што е недостојна за коментар. Грешка.
Дервиши, ги обвини монасите дека го запалиле манастирот за да ги прикријат доказите дека „Свети Јован Бигорски“ бил албански! Тој јавно, без да изнесе никакви докази, ги обвини луѓето за пироманство и без докази го утврди нивниот мотив за палењето – целта била да ги уништат историските докази оти манастирот му припаѓал на албанското културно наследство!
Во случајов, треба да се истакне и тоа дека тешките и неосновани обвинувања доаѓаат од претседател на Друштвото на историчари-Албанци во Македонија. Човек што во оваа држава ги добил сите права и слободи научно да твори, да се развива и да се просветува. Тоа што тоа право го искористил за други работи не е само негов проблем. Наместо како научник-историчар да и се посвети на науката, Дервиши се одлучил да провоцира меѓуетничко нетрпение во сопствената држава. Ако сака Дервиши да биде патриот и ако си го сака сопствениот народ, подобро ќе биде да се посвети на едукација на младите Албанци. Да придонесе во процесот на создавање на млади, образовани и стручни кадри Албанци што недостигаат во Македонија. Само така може вистински да и помогне на сопствената етничка заедница, а не со демагогии што шират омраза и нетрпение.
Поради неговото тврдење дека монасите сами го запалиле манастирот, Дервиши треба да заврши на суд (веројатно и тоа ќе го направат монасите поради изнесените клевети).
А, за културното наследство на манастирот „Свети Јован Бигорски“ постојат историски факти и докази. Ако има Дервиши некои други нови научни сознанија, нека ги презентира пред јавноста. Зборот не вреди пет пари без аргументи. Тоа би требало барем да му е познато на Дервиши, кога веќе не си ја знае ни сопствената историја.
И уште нешто. Каде се сега партиите на Албанците да скокаат и да се жештат како што се жештеа против изданието на Македонската енциклопедија? Каде е сега Али Ахмети, партнерот во власта, да ја осуди изјавата на Дервиши како „скандалозна“ и како „провокација што може да предизвика војна“? Колкаво лицемерство.
И каде е сега Груевски, да побара од Ахмети јавно да се огради од „историските“ сознанија на првиот човек на Друштвото на историчари-Албанци во Македонија? Како што тоа го направи неговиот партнер во Владата, по што беше повлечено научно дело.
Зарем и паушалната изјава на историчарот Неби Дервиши е помоќна од целиот тим академици на МАНУ?
Вељаноски во Загреб ќе се сретне со Месиќ, Косор и Бебиќ
Загреб, 9 октомври (МИА) - Македонската заедница што живее во Хрватска е задоволна од остварувањето на нивните права во оваа држава, но сметаат дека постојат некои отворени прашања во делот на изборната политика.
Нивни претставници на вчерашната средба во Загреб со претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски побараа од него да се покрене прашањето да може да гласаат и на листата на малцинствата и на листата на политичките партии, бидејќи како што посочија, сега гласаат изборно само за една од двете листи.
Вељаноски, јави известувачот на МИА, се заложи дека ќе стори се што е во негова моќ да се покрене ова прашање.
Тој ги информираше претставниците на македонската заедница за состојбата во Македонија, тргнувајќи од мерките што се преземаат за справување сп економска криза па се до изборното законодавство.
Во однос на спорот за името со Грција, Вељаноски изрази надеж дека новиот грчки премиер Јоргос Папандреу нема да биде толку ригиден како неговиот претходник, притоа истакнувајќи дека македонската страна во овој спор досега покажувала конструктивност. Тој се надева дека претстојниот извештај на ЕК за Македонија ќе биде позитивен и оти земјата ќе добие препорака за почеток на преговорите.
- Процесот да станеме членка на ЕУ никој не може да го запре, но за нас е многу важно да бидеме што побрзо интегрирани, рече Вељаноски.
Во Хрватска во однос на македонскиот јазик и култура веќе се отворени три паралелки каде се учи македонскиот јазик како изборен предмет, а во рамки на Филозофскиот факултет во Риека е отворен Лекторат за кој интересот е се поголем. Македонското здружение во оваа држава се изборило и за емитување на едночасовна емисија на македонски јазик на една локална сплитска радио станица, а за ноември најавува одбележување на 70 години од излегувањето на збирката песни „Бели мугри“ со откривање на нова спомен-биста на Кочо Рацин во Самобор.
Претседателот на македонското Собрание денеска ќе се сретне со неговиот хрватски колега Лука Бебиќ, со премиерот Јадранка Косор и со претседателот на Хрватска Стипе Месиќ.
Македонската делегација во чиј состав се и пратениците Благородна Дулиќ, Томе Чингоски и Вулнет Амети вчера го посетија Музејот во Самобор каде што положија цвеќе пред бистата на Кочо Рацин.
Посетата на македонската делегација на Хрватска се реализира на покана на претседателот на хрватскиот Сабор Лука Бедиќ.