Acid
Frontman
- Член од
- 22 јануари 2005
- Мислења
- 35.540
- Поени од реакции
- 35.642
- Возраст
- 40
- Локација
- Скопје
- Веб-сајт
- www.kajgana.com

Трите извичници на крајот се намерно поставени, за да одговараат на тематиката која во кратки црти ќе ја обработиме. Прво, точно е дека Мајкл е жив. Кајгана има свои тајни извори кои ексклузивно за вас сведочат за нивните искуства сретнувајќи го или забележувајќи го Мајкл после неговата смрт, со што целата конспирација добива на тежина и е јасно дека смртта на Џеко е само исценирана.
Ма, тој беше, што ти е...
1.Мајкл е забележан во Мексико, јадејќи бурито со малку чили. Сведокот знае дека Мајк јадел слабо забиберен сендвич бидејќи за време на оброкот само неколку пати кивнал, без да заплаче или да се истопи како свеќа од лутината на мексичкиот специјалитет. Потоа заминал во непознат правец, јавајќи на мазга кон зајдисонцето.
2.Друг сведок го видел Џексон во Дубаи. Според него, ова е идеалното место каде Џеко би се криел, особено после исценираната смрт, бидејќи е нималку посетена локација и веројатно единственото место каде би можел подобро да се сокрие е Лас Вегас, ама таму носењето на марами околу глава не се смета за фенси моден потег.
3.Мајкл се крие во источна Европа, како личен гостин на поранешните Советски тајни служби. Зошто? Па Елвис (кој патем, ве поздравува сите) беше во ЦИА. Природно, КГБ го врбува Џеко. 1:1, suckeeeeerz!
4-143 527. Наредните 143 523 видувања ќе ги сумираме во една точка-заклучок, почитувајќи го вашето ценето време: не знаеме дали е клониран или едноставно умее да патува со брзината на ширење на есенција од добро сварен грав, но факт е дека Мајкл е насекаде околу нас. Не „насекаде“ како главата на Курт Кобејн (уште еден лажно исцениран случај на смрт во шоу бизнисот...псссст!), туку насекаде како, на пример, малите жолти џуџиња кои човек ги гледа наоколу после 4 дена неспиење.
Зошто целава фрка?
TMZ магазинот кој прв ја објави веста за „смртта“ на кралот на поп музиката е добро познат претставник на жолтиот печат. Па откако веста во дел од секунда се рашири како Македонија во времето на Александар, Џексон кој во својот дом во Ел-Еј во тој момент ги средувал даночните пријави помислил дека и не би била лоша идејата со вакво алиби да исчезне од видикот на даночниците кои го товареа за преголеми долгови и го доведоа до работ на банкрот.
Кој ќе ви каже дека со секое пуштање на неговите песни во САД, на пример, Џеко зема по некое доларче, тој ве лаже. Дури и да не ве лаже, реално музиката на Мајкл никој не ја врти по станици, или дискотеки - па човекот едноставно нема од каде да црпи средства.
И што да прави во една таква ситуација? Ќе исчезне нормално. Или подобро речено, „ќе умре“ поради предозираност со лекови, што не носи до нашата наредна точка...
Медикаменти, тракатанци, лажги со опашки
Кој нормален би помислил дека Мајкл Џексон ќе има потреба од земање на силни медикаменти еден солидно долг период од својот живот? За што ќе му се, побогу?
Секој добар конспиратор знае дека наводните пластични операции поради кои имал огромни болки се чиста измислица. Мајкл Џексон е роден како белец, во фамилија на романски рудар. Како исклучителен играорец во своето село, на 7 годишна возраст патува за Америка каде гледа прилика да направи нешто од својот живот, бега од групата и се стекнува со статусот на нелегален имигрант.
За да преживее, започнува да пее низ метроата, каде го забележува еден чичко од кланот на Џексонови, познат под името Џо. Го зема под своја закрила, го маскира како црнец, снима со него 10 албуми и прави неверојатно богатство. Приказна со среќен крај. Се до моментот кога Џеко започнува да игра покер на Фејсбук, ги губи сите пари и посакува да е мртов...Речено сторено. Медиумите само му направија услуга, која тој ја искористи.
Зошто Си-Ен-Ен, а подоцна и сите светски медиуми ја објавија веста пласирана од TMZ? ЗАГОВОР! Како зошто?!
Афтерпарти
Според некои проценки, погребот на Џеко е еден од најгледаните телевизиски настани во историјата. Зошто би се правел толку грандиозен помен на кралот? Поради профит од рекламите кои се пуштаа пред, за време и по комеморацијата. Нели е премногу едноставно?
Нашите тајни извори имаат информации и дека неговата фамилија купила енормни залихи на лажни солзи, спакувани во тегли, за да им помогнат во што поверодостојното прикажување на лажната тага поради „смртта на Мајкл“. Ма дај, толку беа провидни што секој забележа...
Неговата мала ќеркичка дури и толку уверливо се расплака што, да не знаевме која е вистината, можеби ќе се запрашавме дали можеби навистина Џексон е мртов. Но бидејќи сме полни со информации, ни останува да заклучиме дека лукавото девојче едноставно имаше брилијантен перформанс, заслужен за Оскар.
А ја видовте Мараја Кери, која на поменот ја пееше „I'll be there“? Не пушти ниту една солза. Уште повеќе, делуваше како да се смее по малку. Ни се смееше нас! Кучка. Знаеше што се случува, уште тогаш.
Пари, пари, пари
Клучниот фактор во целата приказна се парите. Ја спомнавме сиромашната историја (вистинската) за малиот седумгодишен Мајкл (Михаел, на романски). Уште од тогаш, поточно после добивањето на првите хонорари во ветената земја, Мајкл си ветува на самиот себе дека еден ден ќе биде најбогатиот музичар во светот.
Па после инцидентот на Фејсбук покерот, сценирањето смрт го спасува од даночните обврски, а добро е познато дека луѓето се особено емпатични према мртвите фаци па купуваат како на норма нивни албуми, маици, чорапи, трски за по риби, порцелански филџани за кафе и што уште не (во овој бизнис на врвот се наоѓа наводно мртвиот Ернесто Че Гевара кој држи 7 фабрики за конфекција во источна Кина и спие на злато).
Епилогот на целото ова 2-месечно измачување за нас, а уживање за него: Мајкл ќе живее во анонимност, повремено нервирајќи се поради индискрецијата на луѓето кои случајно ќе го видат, богатството ќе му се зголемува, медиумите постојано ќе известуваат за него, песните ќе му бидат слушани. Па што повеќе човек може да посака, а? Просто, да ти е мерак да умреш....
....ако ги слушаш луѓето кои доручкуваат теории на заговор. Видете, ја разбираме човековата психологија која кога станува збор за „енормна загуба“ (може и без наводници) во некоја сфера од нашето живеење го бара секој можен начин за неприфаќање на еволуцискиот факт дека (пази чудо) луѓето - умираат, и наместо прифаќањето на реалноста бара начини како да компензира за сопствената неможност да преброди еден, на некој начин, нормален факт.
Очекувано или неочекувано, во дел од секунда секој „незаменлив“ лик може да замине. Легендарниот Шарл де Гол во една прилика рекол: „Гробиштата се преполни со „незаменливи“ луѓе“. Е сега, доколку сте од типот на луѓе кои нема да веруваат дека Мајкл е мртов дури и доколку неговиот дух ги здрви со тупаница во лице, тоа е ваш избор. Ама доколку имате елементарна почит према Џеко, па дури и да не мафтара цело време дека скинал конци и нашиот сарказам од погоре да не вреди ни пет пари, неговиот лик и дело ќе ги конзумирате на единствениот правилен начин, откако го нема: со неговата музика.Барем таа ни ја остави во наследство, само за наше уживање.
И конечно, насловот на овој текст е точен. Мајкл Џексон не е мртов (клише, не клише, така е) и ќе живее вечно преку она што го направи додека живееше меѓу нас, односно она што од него го „добивавме“, нема да запре. Па затоа, нема потреба да се замајувате од теории на заговор какви кружат наоколу. Не е дека многу од нас ќе одеа во Лондон на концерт или дека ќе му свратевме до дома на кафе и крушевски локум, нели?
Kлик на плеј и уживајте во музиката. Ние брзаме, треба да свртиме една партија шах на нет со Елвис (денес тој игра со црни фигури)

виа Кајгана
-

