Брат Љубе почна со Кампања
Со промоција на здружението Обединувачко движење - Алијанса за Македонија ексминистерот за внатрешни работи Љубе Бошковски во петокот вечерта, во Битола, неформално ја почна својата кампања за претседателските избори во март следната година.
Иако негираше дека здружението ќе прерасне во политичка партија, Бошковски најави активна кампања низ цела Македонија. Меѓу присутните беа и Ден Дончев, Драги Гроздановски и Александар Делов, кој е избран за претседател на здружението.
- Македонија пред 17 години прооде како дете, кое кога ќе прооди никој не може да го запре неговиот од. Така и ние од вечерва одиме, критикуваме и бараме посветла иднина за нашата вечна единствена и самостојна Република Македонија. Знаеме со кои проблеми сме соочени, но знам и дека имам визија, желба и знаење како да ги решам проблемите, кои се наталожени на внатрешен и надворешен план - рече Бошковски.
Тој им порача на граѓаните да го победат стравот и да чекорат напред за Македонија, како што тој успеал да победи нешто што изгледало непобедливо, Хашкиот трибунал.
- Ништо од мене не можеше да ја оттргне Македонија. Пробаа на многу начини, ми измислија процеси и разни злодела, ме анатемисаа, но не успеаја да ја оттргнат од мене Македонија - истакна Бошковски во неговото обраќање. За него евроатлантските интеграции се единствената алтернатива, а Македонија мора да биде европска држава покриена со штитот на НАТО.
- Како да влеземе во Европа? Јас имам решение и го знам патот, ги знам методите и подготвен сум оној момент кога ќе одлучам да се вратам на македонската политичка сцена, тие да му ги понудам на македонскиот народ - рече Бошковски пред битолчани.
Според последното истражување на јавното мислење на Американскиот републикански институт, Бошковски е најпосакуваниот кандидат за иден претседател на државата.