Секако дека не би јадел кучешко месо, но тоа е одраз на нашите цивилизациски, културни посебности и одлики.
Не сакаме да јадеме одредени видови животни затоа што имале друга намена - служеле за пренос (коњи и магариња), или чувале (кучиња), или пак едноставно ни биле гадни (разни видови инсекти, птици и сл.). Сме научиле во некои од животните да гледаме нешто повеќе од храна. Некои не мислат така и тоа е тоа.
Некаде не јадат свинско. Всушност најголемиот број муслимани, ако не и сите од таа една милјарда колку што се, не би ни пробале, од верски причини. Хиндусите, кои ако не се милјарда, набрзо ќе бидат, не би се омрсиле со телешко. Веројатно и на едните и на другите им се гади кога ќе видат како остатокот од светот се „дави“ во резноразни специјалитети со свинско, телешко...
Во југоисточна Азија, во Кина, Виетнам, Тајланд итн. кучето е специјалитет за тамошното население (околу 1,5 милијарда). Специјалитет се и мачки, стаорци, пржени или живи инсекти, за малку неизведени пилиња (ги конзумираат од самото јајце, без термичка обработка) и многу други работи. Нив не им е гадно, напротив, уживаат во тоа, па редовно си кркаат. Ние не сакаме и не јадеме. Значи, проблемот има некаква етичка и културна димензија, се друго е бесмислено, зошто во крајна линија, малку се нештата од живиот свет (отровните растенија и печурки) што не можат да се искористат за храна. И да, иако многу од нас велат дека никогаш не би јаделе ова или она, мислам дека секое човечко суштество доколку би се нашло во некоја непредвидена, тешка ситуација, кога навистина не би имало штоа да јаде, сериозно би го преиспитале овој став. Гладот ги руши сите табуа.