ШИШ: Албанците во Сирија војуваат за терористите, а не на опозицијата
Деведесеттината Албанци, кои според извештајот на албанската тајна служба,ШИШ, војуваат во Сирија, не се подршка на опозицијата.
Според овој извештај, но и истрагата на албанското Обвинителство за тешки кривични дела, Албанците војуваат заедно со воените бригади кои од страна на Светската организација се прогласени за терористички. Албанците се построени заедно со Ал-Нустра или други бригади кои немаат интерес да го соборат Башар Ал –Асад, туку да создадат исламска држава Ирак и Сирија.
Како доказ дека Албанците не војуваат за сириската опозиција, групата истражители го земаат убиството на Хасан Корвафај од село во близина на приморскиот град Валона. Се дознава дека Корвафај за Сирија заминал заедно со семејството и оти е убиен од опозициската армија во јануари годинава. Заедно со него убиени се и четворица Косовци, додека пак нивните деца се заробени.
„ Ал Нустра и нејзините сестрински бригади се најнасилни во сирискиот конфликт, но и најуспешни, зашто го имаат зголемено нивното присуство во разни области на Сирија. Генци Бала и Бујар Хиса, самопрогласени имами во џамијата „Нов прстен“ во Тирана, односно селото Мезез, кај Тирана, заедно со шестмина верници уапсени од албанските власти, освен поттикнувањето да се оди во Сирија, тие на верниците им велеле дека во Сирија има џихад, -стои во документот на ШИШ.
Ова е доказот поради кој Обвинителството за тешки кривични дела почна истрага и покрена обвинение против 13 албански државјани. Над 500-те Албанци кои војуваат во Сирија ги предводи Лавдерим Мухаџери од Качаник. Тој е позната личност во сириската војна, бидејќи е познат како лидер на албанските џихадисти таму.
Во написите кои деновиве наголемо ги пренесуваат албанските медиуми е и прислушкуваниот разговор на сопругата на еден од Албанците кои заедно со семејството е во Сирија.
Таа на своја роднина и признава дека за тоа што се таму добиваат пари. И доушник на ШИШ, кој присуствувал на наводните молитви во џамијата во Тирана, потврдува дека оние кои се приврзаници на самопрогласените имами, редовно добиваат големи пакети со помош,која се истоварувала во дворот на џамијата, но не изостанувале и “дебели пликови“.
При минатоделениот престој во Тирана, како амбасадор на мирот на над 11 милиони сиријци во светот, Шеикот Фарис Ал –Таи,порача дека опозицијата во Сирија е против присуството на албанските џихадисти во неговата земја.
-Албанските џихадисти при престојот во Сирија се искористени од екстремни и радикални групи кои се поврзани со терористите.Во Сирија се води политичка и економска војна и таа војна не е џихад, изјавил тој упатувајќи повик до верниците муслимани во Албанија правилно да ја сфатат војната во неговата земја.
Според албанските медиуми неговиот престој во Тирана се поврзува со војувањето на групи Албанци во Сирија.
Вера Тодоровска