Калиопи и Раде Шербеџија во дует
 
		
		
	
	Македонската поп-дива Калиопи и светски познатиот актер Раде Шербеџија снимија дует на легендарната македонска песна
 Кажи кажи либе Стано, заедно со хрватската етно-група 
Езерки. 
 Песната за која аранжманот го направи Бруно Урлиќ од Хрватска, ќе се најде на најновиот албум на познатата етно-група 
Езерки, во која членуваат Хрватки со македонско потекло кои години наназад ја негуваат традиционалната македонска песна. 
 Благодарение на извонредната интерпретација на Калиопи и Шербеџија и неверојатниот спој на нивните гласови, но заедно со оригиналната изведба и аранжман на 
Езерки, оваа надалеку прочуена македонска песна прозвучи како музичка тема од филм. 
 Калиопи и Шербеџија, кој моментно во Лондон го снима продолжението на филмскиот мега-хит Хари Потер, со задоволство ја прифатија поканата да гостуваат на албумот на 
Езерки на кој ќе бидат објавени преработки и на други македонски песни. 
 Либе Стано наскоро ќе биде промовирана и како најавен сингл на албумот на 
Езерки, кој ќе биде објавен до крајот на месецот, а ќе биде промовиран со концерт во Ватрослав Лисински во Загреб. 
 Инаку, Калиопи која деновиве престојуваше во Загреб заради подготовките на новиот поп-албум, веќе е во Сараево, каде што утревечер заедно со Един Карамазов ќе одржат голем концерт со кој пред босанската публика ќе го промовираат нивниот заеднички албум 
Обливион.