Календар - денес се слави

  • Креатор на темата Креатор на темата Чаир
  • Време на започнување Време на започнување
Статус
Затворена за нови мислења.
Свети Мелитон, епископ Сардиски 14.04.2007
Прочуен пастир на Црквата од 2 век. Владееше со голема ученост и се трудеше сите книги на Светото Писмо да ги собере во еден кодекс. А според својата кротост и благочестие пак, се трудеше да внесе мир во Лаодикиската Црква, вознемирена од спорот околу датумот на празнувањето на Пасха. Освен ова, го бранеше христијанството пред незнабожците. Така околу 170 година патуваше во Рим и на царот Марко Аврелиј му поднесе една писмена одбрана (апологија) на верата и Црквата. Овој учен, благочестив и ревносен маж се упокои мирно во Господ во 177 година.
 
Света Марија Египетска 14.04.2007
Житието на оваа светителка го напиша ерусалимскиот патријарх Св. Софрониј. Еден свештеномонах, старецот Зосим, се оддалечи еднаш за време на Чесниот Пост во Задјорданската пустина на растојание од дванаесет дена одење. Одеднаш здогледа едно човечко суштество, суво, голо во телото, со коса бела како снег, кое веднаш почна да бега од погледот на Зосим. Старецот долго трчаше додека онаа човечка прилика не прилегна во потокот и не викна: „Авво Зосиме, прости ми заради Господ, не можам да ти се обратам, зашто сум гола жена!” Тогаш Зосим ѝ ја дофрли својата горна наметка и таа му се јави. Старецот беше застрашен од звукот на своето име што го изговорија усните на таа непозната жена. На негово долго настојување жената му го раскажа своето житие. Таа била родена во Мисир и од својата дванаесетта година почнала да живее развратно во Александрија и во разврат поминала цели седумнаесет години. Гонета од блудниот телесен оган еден ден седнала на кораб што пловел за Ерусалим. Кога пристигнала во Светиот Град, посакала и таа да влезе в црква и да му се поклони на Чесниот Крст, но некоја невидлива сила ја задржувала и не ѝ допуштала да влезе. Во голем страв погледнала во иконата на Пресвета Богородица во припратата на црквата, молејќи се кон Пречистата да ѝ дозволи да влезе и да го целива Чесниот Крст, исповедајќи ја својата грешност и нечистотија, а ветувајќи дека по ова ќе појде таму каде што ќе ја упати Богородица. Тогаш ѝ било дозволено да влезе в црква. Откако го целивала Чесниот Крст повторно излегла во припратата пред иконата и Ѝ се заблагодарила на Пресвета Богородица, но во тој миг чула глас: „Ако го преминеш Јордан, ќе најдеш мир!” Таа веднаш купила три леба и тргнала кон Јордан, каде што стигнала истата вечер. Утредента се причестила во манастирот на Св. Јован и ја преминала реката. Во пустината поживеала цели четириесет и осум години, во преголеми маки, во страв, во борба со страсните помисли како со диви ѕверови. Се хранела со зелје. Сега таа го замоли Свети Зосим идната година да дојде на брегот на Јордан и да ѝ донесе Причест, ветувајќи му дека ќе дојде да се причести. Следната година авва Зосим дојде на брегот носејќи ѝ Света Причест, а се чудеше како светителката ќе го премине Јордан. Во тој миг виде на блесокот од месечината дека таа дојде до реката, ја прекрсти и појде по водата како по суво. Кога ја причести, го замоли идната година да дојде кај истиот оној поток каде што се видоа првпат. Авва Зосим појде и на она место го најде нејзиното мртво тело, а над главата натпис: „Погребај го, авво Зосиме, на ова место телото на смирената Марија, предај му го правот на правот, се преставив на први април, во ноќта на спасоносното Христово страдање, по причестувањето со Божествените Тајни”. Од овој натпис авва Зосим го дозна прво нејзиното име, а второ страшното чудо дека таа претходната година, истата онаа ноќ кога се причести, стасала до овој поток до којшто тој мораше да патува дваесет дена. Вака Зосим го погреба телото на чудесната Светителка Марија Египетска. А кога се врати во манастирот, ја раскажа целата историја на нејзиниот живот и чудото коешто самиот го виде од неа. Така ја прослави Господ покајаната грешница. Света Марија се споменува и во петтата недела на Чесниот Пост. Во тие денови Црквата им ја предочува на верните како пример за покајание. Се упокои во Господ околу 530 година.
 
Свети Никита Исповедник 16/04/2007 Роден е во Витинија во градот Кесарија. Неговиот татко Филарет штом се лиши од својата сопруга се замонаши и Никита остана кај баба му, мајката на татко му. Откако порасна и заврши со изучувањето на науките појде во Мидикискиот манастир, каде што игуменот Никифор го потстрижа за монах, а по седум години подвиг патријархот Тарасиј го ракоположи за јеромонах. По смртта на Никифор и на Никитиниот верен другар Атанасиј, братството го избра Никита за игумен, а тој тоа го прими наспроти својата волја. Свети Никита им беше светол пример за живот и подвиг на браќата цела низа години. Но кога се зацари царот Лав V Ерменин, после благочестивата Ирина и правоверните цареви Никифор и Михаил, иконоборната ерес повторно се распали. Царот го симна патријархот Никифор и го испрати во прогонство, а на негово место го воздигна еретикот Теодот Каситер, човек со нечист живот. Беше затворен и мачен и Никита, но тој не се поколеба во Православието. Го носеа од затвор во затвор, го мореа со глад и со жед, со мраз и со пот и подбив. Но не даде да се расколеба. Особено му здодеваше еден Никола со потсмеви и навреди. Една ноќ на Никола му се јави неговиот покоен татко во сон и прекорно му рече: „Отстапи од Божјиот слуга!“ Од тој миг Никола се покаја и не само што повеќе не му здодеваше на светителот туку и другите ги одвраќаше да не му здодеваат. Кога царот Лав Ерменин загина со зла смрт, царството го презеде царот Михаил Валвос, а тој ги ослободи православните страдалници. Никита се повлече во едно осамено место близу Цариград, каде последните денови од неговиот земен живот ги помина во молитва и благодарење. Кога умре телото му го пренесоа во неговиот манастир. При оваа поворка мнозина болни коишто се допреа до неговото тело се исцелија. Моштите му беа положени до гробниците на неговиот духовен отец Никифор и другар му Атанасиј. Овој голем јерарх се упокои во Господ во 824 година.
 
Христос Воскресе

Преподобен Јосиф Песнописец 17/04/2007


Роден е во Сицилија од благочестиви и добродетелни родители, Плотин и Агатија. По смртта на родителите премина во Солун, каде што се замонаши. Како монах на сите им беше пример во постот, во крајната воздржливост, непрестајната молитва и псалмопеење, бдеењето и трудољубивоста. Солунскиот епископ го ракоположи за јеромонах. Кога прочуениот Григориј Декаполит го посети Солун, од дното на срцето го засака Јосиф заради неговиот редок карактер, па го зеде со себе во својот манастир во Цариград. Кога повторно изби пламенот на иконоборната ерес под Лав Ерменин, овој Јосиф беше испратен во Рим да ги повика папата и римската Црква во борба за вистинската вера. Но патем го фатија гусари и го одведоа на Крит, каде што еретиците шест години го држеа во затвор. Светиот Јосиф се радуваше зашто се удостои да пострада за Христа и непрестајно за ова Му благодареше на Бога сметајќи ги како златни украси железните окови на своето тело. Шестата година на Божиќното утро злочестивиот цар Лав беше убиен во црквата за време на утрената. Во истиот тој час на Јосиф му се јави Св. Николај и му рече: „Стани и следи ме!“ Тој се почувствува како подигнат во воздухот и одеднаш се најде во Цариград. На неговото доаѓање му се израдуваа сите правоверни. Им испеа канони и стихири на многумина светители. Имаше дар на проѕорливост, заради што патријархот Фотиј го постави за духовник и исповедник на свештенството, а го препорача како: „Човек Божји, ангел во тело, отец на отците“. Во длабока старост Му го предаде својот дух на Бога, Кому тој верно Му послужи. Се упокои мирно во Господ на Велики Четврток 883 година.
 
Христос Воскресе

Светата маченичка Фервута
и нејзината сестра вдовица
и нивната робинка 17/04/2007



Во времето на персискиот цар Савориј беше погубен Светиот епископ Симеон. Неговата сестра Фервута по желба на царицата ја зедоа во дворецот. Но таа беше необично убава и затоа навалија многубројни кандидати за женидба, меѓу кои имаше и незнабожечки гатачи и жреци. Фервута ги одби сите и со ова предизвика против себеси голем гнев. Бидејќи во тоа време се разболе царицата, гатачите му објаснија на царот дека е отруена од Фервута, а на болната царица како лек ѝ го препорачаа ова: Фервута, нејзината сестра и нивната робинка како христијанки да се престругаат со бичкии, трите половини на нивните тела да се состават на една страна, а другите три половини на друга, а царицата да се протне меѓу нив. Царот се согласи со овој крволочен предлог на гатарите. Фервута, нејзината сестра и нивната робинка пострадаа за Христа во 343 година, со ваква смрт влегувајќи во бесмртното царство на Господ Христос.
 
Христос воскресе

Преподобен Марко Трачески 18/04/2007
Се нарекува уште и Атински, според неговото родно место Атина. Кога таму ги заврши високите школи, родителите му умреа. Тој во себе помисли дека благовремено треба да се подготви за чесно заминување од овој свет. Откако им го раздаде имотот на сиромашните, седна на една штица и тргна по морето со тврда вера во Божјата помош и молејќи Го Бога да го одведе на место коешто ќе ѝ биде угодно на Неговата Света волја. Промислителот Бог го одведе во Ливија (или Етиопија), на планината наречена Траческа. На оваа планина Марко се подвизуваше полни деведесет и пет години и не виде таму ниту човек ниту ѕвер. Цели триесет години водеше страшна борба со демоните и се мачеше со глад и жед и жега и мраз. Јадеше земја и пиеше морска вода. После триесет години најжестоко страдање демоните победени побегнаа од него, а ангел Божји почна секој ден да му носи храна во вид на леб, риба и овошје. Пред смртта дојде да го посети Св. Серапион, којшто потоа и го објави житието на овој чудесен светител. Го запраша Марко Серапион: „Има ли денес христијани во светот кои кога би ѝ рекле на оваа гора: „Дигни се одовде и фрли се в море “, тоа и би се случило?“ Во тој миг накај морето се крена планината на којашто седеа самите. А Марко замавна со раката и ја запре. Таква чудотворна сила имаше овој Божји човек. Пред смртта се помоли за спасението на луѓето и Му ја предаде својата душа на Бога. Св. Серапион ги виде ангелите што ја зедоа душата на Св. Марко и раката што се пружи од небото за да ја прифати. Свети Марко поживеа сто и триесет години и се упокои во Господ околу 400 година.
 
Христос воскресе

Светите маченици Агатопод и Теодул 18/04/2007


Првиот беше ѓакон, а вториот чтец на црквата во Солун; првиот преукрасен со старечка мудрост, а вториот со младешка девственост. Во времето на Диоклецијановата хајка на христијаните овие двајца беа повикани на суд. Тие се одѕваа со радост и држејќи се еден другиот за рака одеа викајќи: „Ние сме христијани!“ Сите совети на судиите да се одречат од Христа и да им се поклонат на идолите останаа залудни. После долготраен затвор и гладување ги осудија на смрт со потопување во морето. Рацете им ги врзаа наопаку и им обесија по еден тежок камен на вратот, па ги поведоа на потопување. Кога сакаа да го турнат прв Агатопод во длабочината, тој возвикна: „Еве, со второ Крштение се миеме од сите наши гревови и излегуваме чисти пред Христа Исуса!“ Нивните потопени тела морето наскоро ги исфрли на брегот, а христијаните чесно ги погребаа. Свети Теодул во сон им се јави на своите познаници како светол ангел во бела облека и им нареди сиот негов преостанат имот да им го раздадат на сиромасите. Овие прекрасни Христови војници чесно пострадаа за верата во времето на царот Диоклецијан и солунскиот кнез Фаустин во 303 година.
 
Свети Евтихиј, патријарх Цариградски 19/04/2007


Роден е во Фригија од благочестиви родители. Татко му беше офицер. Еднаш момчето Евтихиј се забавуваше со своите врсници, а нивната игра се состоеше во тоа што секој го запишуваше своето име на карпата и покрај името оној чин којшто според насетувањето ќе го добијат во животот. Кога дојде на ред Евтихиј, тој напиша: „Евтихиј патријархот“. Во неговата триесетта година стана игумен на еден амасиски манастир. А кога имаше четириесет години, амасискиот митрополит го испрати наместо себеси на Петтиот Вселенски Собор. На Соборот тој заблеска како пресветла ѕвезда меѓу отците на Црквата, како со својата ученост така и со благочестието. Кога настана препирка за тоа можат ли еретиците после смртта да бидат предадени на анатема, тој го застапуваше мислењето дека можат, повикувајќи се на 3 Книгата Царства 13, 1 - 8 и на 4 Книга Царства 23, 16. Многу му омиле на царот Јустинијан и на патријархот Мина. Царот често го прашуваше за совет, а Мина (кој во тоа време беше мошне богат) го назначи за свој наследник и го замоли царот тоа да биде спроведено и во дело. Така и беше. Свети Евтихиј мирно управуваше со Црквата дванаесет години. Но тогаш ѓаволот крена бура против него. Оваа бура го зафати и самиот цар Јустинијан. Имено, царот се опрелести и падна во монофизитската ерес на автартодокетите, која учеше дека Господ Исус и пред Воскресението имал Божествено и нераспадливо тело, без чувство за глад, жед и болка. Евтихиј одлучно стана против оваа ерес, заради што царот го протера во прогонство во неговиот прв манастир. Овде тој поживеа дванаесет години и осум месеци и се покажа голем чудотворец. Исцелуваше од разни болести со молитва и помазувајќи со елеј. Јустинијан се покаја и умре, а него го наследи Јустин, којшто го врати Евтихиј на патријаршискиот престол, на кој светителот остана до својата смрт мирно управувајќи со Црквата Божја. Во својата седумдесетта година, во 582 г. се пресели во Царството на Господ Христос, Кому верно и храбро Му служеше сиот свој живот.
 
Светите Сто и дваесет маченици
коишто пострадаа во Персија 19/04/2007
Кога персискиот цар Сапор ги ограби византиските земји, одведе во ропство сто и дваесет христијани. Откако залудно ги присилуваше да се одречат од Христа и да му се поклонат на огнот, ги фрли во оган и живи ги изгоре. Меѓу овие маченици имаше и девет девици посветени на Бога. Сите пострадаа чесно меѓу 344 и 347 година.
 
Христос Воскресе

Свети Георгиј Исповедник 20/04/2007


Заради големата добродетел што ја стекна со долготраен подвиг, Георгиј беше избран за митрополит митиленски. И светителот управуваше со словесното стадо ревносно и мудро до својата старост. Но кога настана гонењето под Лав Ерменин, којшто ги ништеше Светите икони, овој свет старец беше повикан од царот во Цариград на собор на епископи којшто требаше, според желбата на царот, да го уништи иконопочитувањето. Но Георгиј не само што не направи според желбата на злобниот цар туку со некои храбри епископи стана во заштита на Светите икони. За ова беше исмеан и од царот протеран во пределите на Херсон, каде што во телесна беда и секаква неволја го помина остатокот од својот земен живот. Се упокои и се пресели во Царството на бесмртноста околу 816 година. Заради својата голема праведност и љубов кон Господ Исус, беше чудотворец за време на животот и после смртта.
 
Христос Воскресе

преподобен нил сорски 20/04/2007

еден од големите отци на Pуската црква. основач на скитскиот монашки живот во Pусија. се упокои мирно во 1508 година. моштите му почиваат во сорскиот манастир. неговиот устав на скитскиот живот претставува првокласно духовно и практично дело.
 
Христос Воскресе

Светите апостоли Иродион, Руф, Асинкрит, Флегонт и Ермиј 21/04/2007


Сите беа од Седумдесеттемина апостоли. Св. апостол Павле ги спомнува во своите Посланија. „Поздравете го“, им пишува Павле на Римјаните, „мојот роднина Иродион“ (16, 11). Иродион пострада од Евреите многу како епископ Неопатарски; го биеја со стапови по главите, со камења по усните, го бодеа со ножови. И кога го оставија како мртов, Свети Иродион стана и продолжи да им служи на апостолите. Во Рим му помагаше на Св. апостол Петар. Го убија заедно со многумина други христијани истиот ден кога беше распнат Петар.
Свети Агав имаше пророчки дух. Во Делата Апостолски се спомнуваат неговите две пророштва. Прво, прорече голем глад по сиот свет, кое и се случи во времето на кесарот Клавдиј. И второ, кога во Кесарија се сретна со апостолот Павле којшто одеше за Ерусалим, Агав го зеде Павловиот појас, си ги врза себеси рацете и нозете, велејќи: „Вака вели Светиот Дух: човекот чијшто појас е ова вака ќе го врзат во Ерусалим Евреите“ (Дела 21, 11).
Свети Руф беше епископ во Тива Јудејска. И него го спомнува апостолот Павле: „Поздравете го Руф, избраниот во Господ“ (Рим. 16, 13). Беше епископ во Ирканија азиска.
Свети Флегонт, кој се спомнува на истото место, беше епископ во тракискиот град Маратон.
Свети Ермиј спомнат со останатите, беше епископ во Далмација.
Сите тие како пчели Христови го разнесуваа медот на Евангелието по разни краишта, страдајќи многу за љубовта Христова. Сите се преселија во вечното царство на љубениот Христос.
 
Христос воскресе!

22/04/2007

Светиот маченик Евпсихиј
Од благороден род и добро воспитан во благочестивата вера. Во времето на царот Јулијан Отстапник, кога во Кесарија со Црквата Божја управуваше Св. Василиј Велики, Евпсихиј стапи во брак со една угледна девојка. Но не му беше дадено да поживее во брак ниту еден ден. Зашто во времето на неговата свадба се погоди незнабожечкиот празник на принесување жртви на идолот Фортуна. Евпсихиј отиде со другарите и ги искрши сите идоли во храмот, па и самиот храм го разори. Кога слушна за ова царот Јулијан многу се разгневи и нареди виновниците да се убијат, многубројни христијани да се земат за војска, да им се наложи огромен данок на христијаните, на нивна сметка повторно да се изгради храмот на Фортуна, а на градот да му се одземе почесното име Кесарија (кое му го беше дал кесарот Клавдиј) и да се нарече со поранешното име Маза. Свети Евпсихиј најпрво го врзаа за дрво и страшно го мачеа, а потоа го убија во 362 година. Малку потоа свирепиот цар Јулијан патувајќи за Персија го посети овој град, а одеше во војна. Во пресрет му излезе Св. Василиј и во знак на почест и гостопримство изнесе три јачмени лебови. Царот нареди и на светителот како дар му дадоа грст сено. „Ти нам ни се подбиваш цару. Ние ти принесуваме од лебот со којшто се храниме, а ти нам ни даваш скотска храна, којашто ти со својата власт не можеш да ја претвориш во човечка“. На ова царот му одговори: „Знај дека со тоа сено ќе те хранам кога ќе се вратам од Персија!“ Но злобниот отстапник никогаш повеќе не се врати жив од Персија, зашто загина со заслужена и неприродна смрт.
Преподобниот маченик Вадим
За време на персискиот цар Сапор, игуменот на еден манастир, Вадим, маж исполнет со благочестие, беше фрлен во затвор заедно со седуммина свои ученици. Во затворот со нив беше и еден кнез христијанин, Нирсан. Секој ден ги изведуваа и ги тепаа. Се уплаши кнезот Нирсан и вети дека ќе ја напушти верата и ќе му се поклони на сонцето. Ова му беше угодно на Сапор и тој му вети на Нирсан дека меѓу другото ќе му го даде и сиот имот на Вадимовиот манастир, ако тој се согласи со своја рака да го убие Вадим. Нирсан се согласи и на тоа. Раката му се тресеше од страв пред достоинственото лице на Свети Вадим и тој удираше многупати по вратот на светиот игумен дури не го обезглави. Но наскоро по ова падна во очајание и самиот себеси се прободе со меч, примајќи казна од своја рака зашто уби праведник. Свети Вадим пострада во 367 година.
 
Христос воскресе!

23/04/2007

Светите маченици Теренциј, Африкан, Максим, Помпиј
и останатите триесет и шестмина со нив

Пострадаа за Христа и стекнаа венци на бесмртна слава во времето на царот Декиј. На заповед од царот намесникот на Африка му објави на сиот народ дека мора да им принесе жртви на идолите; во спротивно им се закануваа со страшно мачење на упорните. Кога ги слушнаа овие закани мнозина отпаднаа од верата и им се поклонија на идолите. Но овие четириесетмина маченици останаа непоколебливи, заради што беа изложени на мачење. Свети Теренциј ги храбреше своите другари со вакви зборови: „Да внимаваме, браќа, да не се откажеме од Христа, нашиот Бог, за и Тој да не се одрече од нас пред Својот Отец небесен и пред Светите ангели!“ Намесникот ги раздели во две групи: триесет и шестемина после биењето и стружењето и потурањето со сол врз отворените рани ги уби со меч. А првите четворица ги фрли во затвор со тешки окови на вратот, на рацете и на нозете. Но ангел Божји им се јави во затворот и со допир ги ослободи од оковите. Беа повторно изведени и мачени, па повторно фрлени во затворот. Намесникот им нареди на гатачите да соберат што поголем број влекачи, змии и скорпии и да ги затворат во иста одаја со мачениците. Но влекачите не сакаа ни да се допрат до Божјите угодници, туку се прибија во еден агол и така прележаа три дена. Кога третиот ден го отворија затворот, отровните животни јурнаа по гатачите и ги искасаа. Најпосле намесникот ја изрече смртната пресуда над четворицата маченици. Кога ги водеа на погубување тие радосно пееја псалми и Го фалеа Бога Којшто ги удостои со маченичка смрт. Чесно пострадаа и се удостоија со Небесното Царство во 250 година.
 
24/04/2007


Светиот свештеномаченик Антипа епископ Пергамски во Азија


Се спомнува во книгата на Откровението како „Антипа, мојот верен сведок“ (2, 13), „кој беше убиен кај вас, меѓу кои пребива сатаната,“ т.е. во градот Пергам. Жителите на овој град живееја во мракот на идолопоклонството и во крајна нечистота; им беа робови на страстите, клеветници, насилници, крвомешачи и со еден збор сатански слуги. Антипа живееше меѓу нив „како светлина сред темнината, како роза среде трње, како злато во калта“. Во Пергам за добар и праведен се сметаше оној којшто би фатил и убил еден христијанин. Целата незнабожечка вера се состоеше во гатање, во толкување на соништата, во служење на демоните и во краен разврат. Застрашени од Антипа како од оган, демоните им јавија на жреците во сон и им исповедаа дека се плашат од него и затоа мораат да побегнат и од овој град. Жреците кренаа толпа народ против Антипа и почнаа да го измачуваат и да го присилуваат да се одрече од Христа и да им се поклони на идолите. Антипа им рече: „Кога вашите т.н. богови, господари на вселената, се плашат од мене којшто сум смртен човек и мораат да бегаат од овој град, зарем не познавате по тоа дека вашата вера е заблуда?“ И им говореше светителот за Христовата вера како за единствена вистинита и спасоносна. Но тие се разјарија како ѕверови и го довлекоа старецот Антипа пред храмот на Артемида пред кој стоеше излиен вол од бронза. Го усвитија волот со оган и го фрлија внатре слугата Божји. Во внатрешноста на волот Свети Антипа Го славеше Бога со благодарност, како некогаш Јона во утробата на китот и Тројцата младенци во огнената печка. Антипа се молеше за своето стадо и за сиот свет, сѐ додека душата не го остави трошното тело и не се вознесе меѓу ангелите во Царството Христово. Пострада и стекна невенлива слава во 92 година.
 
Статус
Затворена за нови мислења.

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom