Календар - денес се слави

  • Креатор на темата Креатор на темата Чаир
  • Време на започнување Време на започнување
Статус
Затворена за нови мислења.
Христос воскресе!

14/05/2007

Светиот пророк Еремија
Роден 600 години пред Христа, во селото Анатот, недалеку од Ерусалим. Почна да пророкува во својата петнаесетта година, во времето на царот Јосија. Им пророкуваше за покајание на царот и на неговите големци, на лажните пророци и на свештениците и во времето на овој цар Јосија одвај си ја спаси главата од убиствените раце на огорчените големци. На царот Јоаким му прорече дека неговиот погреб ќе биде како погреб на магаре, т. е. мртов ќе биде исфрлен надвор од Ерусалим и телото долго ќе му се влечка по земјата непогребано. Заради ова Еремија беше фрлен во затвор. Бидејќи во затворот не можеше да пишува, го повика Варух, којшто застана покрај неговото затворско прозорче, а Пророкот почна да му диктира. Кога му го прочитаа ова пророштво на царот, тој гневен ја фрли хартијата во оган. Промислата Божја го спаси Еремија од затворот, а врз Јоаким се исполни зборот на Пророкот. На царот Јехониј пак, му прорече дека со целото семејство ќе биде одведен во Вавилон и дека ќе умре таму, коешто наскоро и се случи. Под царот Седекија Еремија си стави јарем на вратот и така одеше по градот Ерусалим, пророкувајќи го со тоа падот на Ерусалим и ропството под јаремот на Вавилонците. На еврејските робови во Вавилон им пишуваше да не се надеваат да се вратат во Ерусалим, зашто ќе останат во Вавилон седумдесет години - така и беше. Во долината Тотеф, под Ерусалим, каде што Евреите им принесуваа на идолите деца како жртви, Еремија зеде здрав лонец во рацете, го скрши пред народот, пророкувајќи ја брзата пропаст на Јудејското царство. Наскоро Вавилонците го зазедоа Ерусалим, го убија царот Седекија, го разорија и го ограбија градот, а огромен број Евреи беа заклани во долината Тотеф, на местото каде што Пророкот го искрши оној лонец. Еремија со левитите го зеде кивотот од храмот и го однесе на ридот Нават - каде што умре Мојсеј - и овде го скри во една пештера. Огнот од храмот пак, го скри во еден длабок бунар. Некои Евреи го принудија да оди со нив во Египет, каде поживеа четири години, а потоа беше од своите сонародници убиен со камења. На Мисирците им прорече дека идолите ќе им бидат разбиени и дека Дева со Младенецот ќе дојде во Мисир. Постои предание дека самиот цар Александар Велики го посетил гробот на Пророкот Еремија. На наредба од Александар телото на Еремија е пренесено и со почести погребано во Александрија. (Мисирците речиси го обожаваа Пророкот Еремија. Затоа и го погребаа како крал. Го сметаа за чудотворец и после смртта. Правот од неговиот гроб го земаа како лек против каснатици од змија. И ден денес мнозина христијани во молитва го повикуваат Пророкот Еремија против змии).

Преподобниот маченик Акакиј Влечкар
Од селото Неохор близу Солун. Бидејќи многу беше биен од мајсторот во Серез, тој се потурчи. Потоа живееше во Хилендар како покајник и монах. Неговата сиромашна и христољубива мајка го посоветува: „Како што доброволно се одрече од Господ сега така мораш доброволно да примиш и мачеништво за слаткиот Исус.“ Ја послуша мајка му и со благослов од светогорските отци отиде во Цариград, каде што Турците го заклаа во мај 1816 година. Неговата глава се чува во манастирот на Свети Пантелејмон.

Свети Пафнутиј Боровски
Син на татарски големец, кој подоцна прими христијанска вера. Во својата дваесетта година Пафнутиј се замонаши и проживеа во манастирот сѐ до неговата деведесет и четврта година, кога се упокои во Господ. Беше девственик и подвижник, па затоа и голем чудотворец и проѕорливец. Почина во 1478 година.


Надевај се на Господа од се срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки(Сол.из. 3,5-6)
 
Христос воскресе!

15/05/2007

Светите маченици Еспер, Зоја, Киријак и Теодул
Во времето на царот Адријан (117 г. – 138 г.) незнабожецот Катал ги купи како робови овој Еспер, жена му Зоја и нивните синови Киријак и Теодул. Бидејќи беа убедени христијани, никако не сакаа да вкусат од идолските жртви, а она што им се даваше од нив за да го јадат им го фрлаа на кучињата, додека самите гладуваа и трпеа. Кога дозна за ова Катал се разгневи и почна тешко да ги измачува овие свои робови. Најнапред ги мачеше децата, но децата останаа непоколебливи во верата, па дури и бараа од мачителот потешки маки. Најпосле сите четворица ги фрли во огнена печка, во која вознесоа благодарствена молитва и Му го предадоа духот на Господ. Нивните тела останаа цели и неподгорени од огнот.

Свети Атанасиј Велики, архиепископ Александриски
На денешен ден се празнува преносот на неговите мошти и чудата произлезени од нив. А животот и подвигот на овој светител се опишани под 18 јануари: Роден во Александрија 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Св. Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, по пустини. На двапати бегаше во Рим. Дури пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Св. Атанасиј. Но неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај Свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.

Светите маченици Борис и Глеб
Синови на великиот кнез Владимир, којшто го покрсти рускиот народ. До Крштението Владимир имаше многу жени и деца од нив. Борис и Глеб беа браќа од една мајка. Пред смртта Владимир им ја раздели државата на сите свои синови. Но најстариот син, Свјатополк, кнез Киевски, посака да ги земе и деловите што им припаднаа на Борис и Глеб. Затоа испрати луѓе, па на едно место го уби Борис, а на друго Глеб. Овие давјца браќа беа необично побожни и во сѐ богоугодни и ја сретнаа смртта со молитва и со срце воздигнато кон Бога. Нивните тела останаа нетлени и благоухани и беа погребани во Вишгород, каде што до денес од нив исходи благодатна сила, исцелителна за маките и болестите кај луѓето.



За чистиот се е чисто!
 
Христос Воскресе

Преподобен Теодосиј Киево-Печерски 16/05/2007
Од најрана младост ги одбегнуваше смеата и веселбите и се предаваше на молитва и богомислие. За ова мајка му често го тепаше, а особено откако еден ден здогледа дека носи железен појас по голото тело, од што имаше крв на кошулата. Бидејќи еднаш ги прочита во Евангелието зборовите на Спасителот „кој го љуби татка си или мајка си повеќе од Мене не е достоен за Мене“, тој го напушти родителскиот дом и побегна во Киевската пештера кај Преподобниот Антониј. Свети Антониј го прими и наскоро го замонаши. Кога мајка му го најде и почна да го бара да се врати, тој ја посоветува, па и таа се замонаши во еден женски манастир. Со неговиот подвиг, со кротоста и добрината Теодосиј набрзо ги надмина сите монаси и му стана мошне мил на Антониј, којшто го постави за игумен на манастирот. Во негово време манастирот многу се намножи, се соѕидаа цркви и келии и во целост се воведе Студитскиот устав. Заради неговата девствена чистота, заради преголемиот молитвен труд и љубовта кон ближните, Бог му подари на Теодосиј голема благодат и тој Божји човек имаше голема моќ над нечистите духови, исцелуваше болести и гледаше во човечките судбини. Свети Антониј и Свети Теодосиј се сметаат за основачи и устроители на монаштвото во Русија. Свети Теодосиј се упокои мирно во 1074 година. Неговите целебни мошти почиваат покрај моштите на Свети Антониј.
 
Христос Воскресе

Светите маченици Тимотеј и Мавра 16/05/2007


Судбината на овие прекрасни маченици, женик и невеста, е чудна. Дваесет дена по венчавката беа изведени на суд заради верата во Христос пред Тиавидскиот намесник Аријан, во времето на царот Диоклецијан. Тимотеј беше чтец во црквата во неговиот роден крај. „Кој си ти?“, го праша намесникот. Тимотеј одговори: „Јас сум христијанин и чтец на Црквата Божја.“ Оној пак му рече: „Не ги гледаш ли до тебе приготвените справи за мачење?“ Тимотеј одговори: „И ти не ги гледаш Божјите ангели што ме крепат“. Тогаш намесникот нареди и ушите му ги прободија со железна прачка, така што од болка му искокнаа очните зеници. Потоа го обесија главечки и му ставија во устата дрво. Мавра најпрво се исплаши од маките, но кога мажот ѝ ја охрабри и таа ја исповеда својата вера пред намесникот. Овој нареди и најнапред ѝ ја искубаа косата, а потоа ѝ ги отсекоа и прстите на рацете. По многубројни долги маки, на коишто брзо би подлегнале да не ги крепеше благодатта Божја, обајцата беа распнати на крст еден кон друг. Висејќи на крстовите останаа живи цели девет дена, советувајќи се и крепејќи се еден со друг во трпењето. Десеттиот ден Му го предадоа својот дух на Господ, за Кого претрпеа крсна смрт, со што се удостоија за Неговото Царство. Чесно пострадаа за Христа во 286 година.
 
Христос се вознесе!

17/05/2007

Светата маченичка Пелагија Тарсиска
Родена е во градот Тарс, од родители незнабожци, но богати и прочуени. Кога слушна од христијаните за Христа, таа се разгоре со љубов кон Спасителот и во душата беше целата христијанка. Се случи самиот цар Диоклецијан запре во Тарс и додека се бавеше во овој град неговиот син, принцот, се вљуби смртно во Пелагија, па сакаше да ја земе за жена. Преку својата зла мајка Пелагија одговори дека таа веќе Му се има ветено на Небесниот Женик, Господ Исус Христос. Бегајќи од скверниот принц и од својата мајка, Пелагија го побара и го најде епископот Клинон, човек прочуен по светоста. Тој ја поучи во христијанската вера и ја крсти. Тогаш Пелагија ги раздаде своите раскошни фустани и големото богатство, се врати дома и ѝ исповеда на мајка си дека е веќе крстена. Кога слушна за ова царскиот син и ја изгуби сета надеж дека некогаш ќе може да ја добие за жена оваа света девица, се прободе самиот себеси со меч и умре. Тогаш свирепата мајка појде и ја обвини кај царот својата ќерка, па му ја предаде на суд. Царот се восхити од убавината на девицата, заборави на синот и самиот се распали со нечиста страст кон неа. А бидејќи Пелагија остана непоколеблива во нејзината вера, царот пресуди да ја изгорат во метален усвитен вол. Кога ја разголеа мачителите, Света Пелагија се прекрсти со Крстот и со благодарна молитва кон Бога на усните самата влезе во усвитениот вол, во којшто за еден миг се растопи како восок. Чесно пострада во 287 година. Коските што останаа од неа ги прибра епископот Клинон и ги погреба на ридот под еден камен. Во времето на царот Константин Копроним на тоа место беше изградена прекрасна црква во чест на Светата девица и маченичка Пелагија, која се жртвуваше за Христа за со Него да царува вечно.

Светиот свештеномаченик Силуан, епископ Гаски
Најнапред беше во војничка служба, но подоцна, гонет од силата на својата вера, премина на духовната. Обвинет дека ги обраќа незнабожците во христијанската вера, најпрво беше луто мачен, а потоа заклан со четириесетмина други војници. Станаа небесни граѓани во 311 година.

Преподобен Никифор
Прво беше католик, а после премина во Православие. Се подвизуваше како монах на Света Гора заедно со мудриот Теолипт. Му беше учител на славниот светител Григориј Палама. Напиша едно дело за умствената молитва. Се престави кај Господ во 14 век. Преподобен Никифор учеше: „Собери го својот ум и принуди го да влезе во срцето и таму да остане. Кога твојот ум ќе се утврди во срцето, не треба да стои празен, туку постојано да ја твори молитвата: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме! ” И никогаш да не замолкне. Преку ова во тебе ќе се всели целата низа добродетели: љубовта, радоста, мирот и останатото, па секоја твоја прозба пред Бога ќе биде исполнета.

Вознесение Христово- Спасовден

Си се вознел во слава Христе Боже наш, и си ги зарадувал учениците со ветувањето за Светиот Дух, откако претходно си ги утврдил со благослов. Зашто Ти си Син Божји, Избавител на светот.

Вознесението Господово се празнува четириесет денови после Велигден, поточно во четвртокот на шестата недела после празникот на Воскресението Христово. На вечерната богослужба која се служи во средата пред Вознесение, во склад со црковниот типик се врши Оддание на Пасха, еден вид на опростување со Велигден. Почетокот и крајот на службата во овој ден се врши исто како и на самиот ден Велигден. Повторно се пеат радосни стихови: ”Нека воскресне Бог и нека се разбегаат непријателите Негови...” и ”Овој ден го создаде Господ, да се возрадуваме и возвеселиме во него...”.

Се простуваме и се ”разделуваме” од Велигден, до идната година. Во тие моменти на душата ни паѓа сенка на тага. Но наместо тага Бог ни испраќа нова радост-радостта на празнувањето на празникот Вознесение Господово и согледување на тајната на овој празник.
”И ги изведе надвор до Витанија; ги подигна Своите раце и ги благослови. И додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на Небо. А тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост...”(Лк. 24, 50-53).


”Со голема радост...”. Но зошто се радуваа апостолите со ”голема радост” која трае до ден денес и секоја година повторно и одново восхитувачки проблеснува во празникот Вознесение Господово? Знаеме дека на тој ден Христос ги напушти Своите ученици и си замина од нив; значи тоа бил ден на разделба. Она што следело после тој ден, бил долг и предолг период на проповедање на Христа, гонење, мачеништво и соблазни со кои до ден денес е преполна историјата на Христијанството и Црквата. Со тој ден, како да дошол крајот на радоста од секојдневното општење со Христа.
Но Црквата на овој ден не го празнува заминувањето Христово. Христос рече:”Јас сум со вас во сите дни до свршетокот на светот”, и сета радост на христијанската вера извира од свеста за Неговото постојано присуство.
Празникот Вознесение е празник за небото кое се отвори за човекот, празник за небото како нов и вечен дом и пребивалиште за човекот, небото како наш вистински дом. Гревот ја раздвои земјата од небото и не претвори нас во земни битија, гревот не е ништо друго туку нашето внатрешно одрекување од Небото. И ние на денот на Вознесението, не можеме да не се згрозиме пред тоа одрекување, со кое денес е затруен целиот свет. Човекот со гордост и одважност објавува дека тој е материја и само материја, целиот свет е само материја и не постои ништо друго освен материја. И ова е самиот врв на нашата култура, на нашата наука и на нашата идеологија. ”Какво е тоа небо за кое говорите, во какво небо се вознел Христос, кога се знае дека над небото нема ништо од тоа што го зборувате?”- не прашуваат безбожниците. Сите одговори на ова прашање се сведуваат на едно: Небо- тоа е името за нашиот вистински призив, Небо- тоа е крајната вистина за земјата.
Кога христијанството зборува за Небото, тогаш воопшто не се работи за некакво вон-галаксиско пространство, ниту за некаков непознат козмос. Се работи за Небото кое ни го врати Христос. За небото кое го изгубивме во својот грев и гордост, во своите земни и исклучиво земни науки и идеологии. За Небото кое Христос повторно ни го откри, ни го дарува и ни го врати да биде наше. Небо- тоа е Царство на вечниот живот, Царство на вистината, на доброто и убавината. Небо-тоа е Царство Божјо, победа над смртта, триумф на љубовта и знаењето.

Сето ова ни го откри и повторно ни го дари Христос, проткајувајќи го со небото целиот наш живот веќе овде и сега, претварајќи ја оваа земја во одраз и одблесок на небесната убавина. Кој се симна од небото на земја, за да ни го врати небото? Бог. Кој од земјата се вознесе на небото? Богочовекот Христос. Или како што вели св. Атанасиј Велики: ”Бог стана човек, за човекот да стане бог”. Бог слезе на земјата за ние да ја вознесеме на небесата. Тоа е вистинската смисла на празникот Вознесение Господово! Во тоа е неговата светлина и неговата неизречива радост. Ако е Христос на небото, ако веруваме во Него и Го љубиме, тогаш и ние сме со Него на небото, на Неговата трпеза, во Неговото царство. Ако во Христа се вознесува човекот, тоа значи дека во Христа и мене ми е отворен патот на Вознесението, тоа значи дека и јас сум повикан да се вознесам, значи дека и мене во вознесението ми се открива целта, смислата и крајната радост на мојот живот.
Се, баш се што не опкружува непрестано не влече надолу. Но на празникот на Вознесението, ние Го гледаме Христа Кој се вознесува во слава, Го гледаме Неговото божествено тело кое се вознесува на небо и му говориме на светот и себеси: ”Ова е вистината за светот и за човекот, тоа е она на кое отсекогаш не повикува Бог! ”


Александар Шмеман
(Тајната на празниците)


Господ е моја сила и песна и во Него ја полагам сета моја надеж!
 
Христос се вознесе!

18/05/2007

Светата великомаченичка Ирина
Живееше во апостолските времиња на Балканот во некој град Магедон, каде што татко ѝ Ликиниј беше малечок цар. Некои мислат дека таа е Словенка. Родена како незнабожка од родители незнабожци, Пенелопа (така ѝ беше името пред да се крсти) на христијанската вера се поучи од нејзиниот учител Апелијан. Св. Тимотеј, учителот на апостол Павле, ја крсти заедно со уште неколку дворјанки и ѝ ги донесе да ги прочита Посланијата на Светиот апостол Павле. Кога се одрече од мажачка го разгневи татко ѝ и тој сакаше да ја мачи, ама таа на чудесен начин го обрати во христијанство. Освен татко ѝ на маки ја подложуваа уште четворица други цареви, но Бог секогаш ја спасуваше преку ангели. Царот Седекија ја закопа до глава во ендек исполнет со отровни змии и скорпии. Но Божји ангел ги умртви отровните гадови и ја сочува Светата девица неповредена. Тогаш овој цар се обиде да ја истружи со бичкија, но бичкијата се одбиваше од нејзиното тело како од камен. По ова ја врза за тркало под воденица и пушти вода за да ја убие. Водата не сакаше да тече, а стоеше - и девицата остана жива и здрава. Царот Савах, синот на Седекија, ја поткова со клинци, натовари врз неа вреќа со песок и ја впрегна, па нареди да ја водат како добиче далеку надвор од градот. „Навистина, како добиче сум пред Тебе, Господи!“, говореше Светата маченичка впрегната трчајќи по своите мачители. Но Божји ангел ја затресе земјата и земјата се отвори, па ги проголта нејзините мачители. Откако ги преживеа сите маки, со што обрати во христијанство огромно мноштво незнабожци, Ирина премина во градот Калипол и во него ја проповедаше верата во Христа. Тамошниот цар Нумеријан сакаше да ја убие и ја фрлаше во три усвитени метални вола едно по друго. Но девицата беше спасена и остана жива. Мнозина видоа и поверуваа. Епархот Ваводин ја одведе во градот Константин, каде што намисли да ја убие ставајќи ја врз усвитени решетки. Но тоа не ѝ наштети на Света Ирина, а мнозина ги приведе кон верата на Вистината. Најпосле Ирина дојде во градот Месемвриј, каде што царот Савориј ја уби, но Бог ја оживеа. А кога го видоа тоа, царот и многубројниот народ поверуваа. И така со своите страдања Света Ирина приведе во Христовата вера околу сто илјади незнабожци. Најпосле самата легна во гроб и му нареди на Апелијан да го затвори гробот. Кога по четири дена го отворија, нејзе ја немаше внатре. Бог ја прослави занавек девицата и маченичката Ирина, која сѐ жртвуваше и сѐ претрпе за да Го прослави Него меѓу луѓето со сите сили што ѝ ги подари.
Светите Мартин и Ираклиј
Словени. Гонети од ариевците во Илирија. Испратени на прогонство овие витези на Православието го завршија својот земен живот и се преселија кај Господ во 4 век

Не очајувај на неправди, зошто чудни се патиштата Господови!
 
Христос се вознесе!

19/05/2007

Светиот праведен и многустрадален Јов
Јов беше потомок на Исав, внукот Авраамов и живееше во Арабија околу 2000 години пред Христа. Татко му е Зарет, а мајка Восора, а неговото цело име беше Јовав. Беше човек чесен, богобојазлив и многу богат. Но во седумдесет и деветтата година од неговиот живот Бог допушти тешки искушенија врз него преку сатаната, како што сѐ е потенко опишано во Книгата Јов. И во еден ден Јов го изгуби сиот свој имот, сите синови и ќерки свои. Потоа врз него падна тешка болест од којашто целото тело му се покри со рани од темето до табаните и лежеше Јов на ѓубриштето надвор од градот и со парче керамида си го вадеше гнојот од раните. Но не заропта на Господа, а стрпливо докрај ги поднесе сите оние маки. Затоа Бог му го врати здравјето и му даде многу поголемо богатство од претходното и пак му се родија седум синови и три ќерки, колку што ги имаше порано. Поживеа уште двесте четириесет и осум години, постојано славејќи и фалејќи Го Бога. Јов се смета за пример на трпеливо поднесување на секое страдање коешто Бог ни го испраќа и за предобраз на страдалниот Господ Исус.

Светиот маченик Варвар
Варвар беше војник во времето на Јулијан Отстапник. Кога царскиот војвода Вакх ја поведе римската војска против Франците, во таа војска беше и Варвар, потаен христијанин. На боиштето се појави некој си јунак од страна на Франците, сличен на Голијат и ги предизвикуваше Римјаните за да му излезе некој на мегдан. Војводата Вакх го посоветува Варвар тој да излезе. Варвар Му се помоли во своето срце на живиот Бог, излезе и го победи оној џин. Од тоа војската на Франците се збуни и побегна. Тогаш војводата направи голема веселба и нареди да им се принесат жртви на идолите. Но на тоа жртвопринесување дозна дека Варвар седи настрана. Кога го праша за тоа, Варвар изјави дека е христијанин. Војводата му јави на царот, а царот нареди Варвар да биде ставен на најтешки маки. Но Варвар поднесе сѐ со ретка храброст и присебност. При неговото мачење се покажаа многубројни чуда, а гледајќи го тоа, мнозина војници ја примија Христовата вера. Меѓу овие беше и самиот војвода Вакх, со Калиј и Дионисиј. Сите тројца беа убиени со меч за името Христово, а после нив и Варвар, во 362 година. Нивните души се преселија во Царството на Христос, бесмртниот Цар.

Светиот Варвар разбојник
После многубројни злосторства се покаја и самиот себеси си наложи прво, три години да оди четириножно и да јаде со кучињата и второ, дванаесет години да живее в шума, без облека, без покрив и без каква и да е друга храна освен трева и лисја. Од ангел доби известување дека гревовите му се простени. Патуваа трговци низ шумата, па го видоа Варвар оддалеку и мислејќи дека е ѕвер а не човек, ги вперија стрелите и го застрелаа. Кога умираше ги замоли да му јават на блискиот свештеник за него. Свештеникот дојде и чесно го погреба. Но од неговото тело потече целебно миро и исцелуваше разни болести и маки кај луѓето.

Пребивајте во љубовта Божја, учете се на неа, дишете со неа: Бог е љубов и кој во љубовта стои, во Бога пребива и Бог е во него. Во живот преполн со неволји слатко е да се живее со љубовта Божја!
 
Христос се вознесе!

20/05/2007

Спомен на јавувањето на Чесниот Крст во Ерусалим
Во времето на царот Констанс, синот на Свети Константин, кога беше патријарх Кирил Ерусалимски, во девет часот наутро над Голгота се појави Чесниот Крст и се простираше до небото над Елеонската Гора. Тој Крст беше посветол од сонцето и поубав од најубавото виножито. Сиот народ, и верните и неверните, ги оставија своите работи и во страв и со восхит гледаа во небесниот знак. Мнозина неверници се обратија во верата Христова, а исто така и многумина еретици аријанци ја оставија својата злобна ерес и се вратија во Православието. За овој знак патријархот Кирил му пиша на царот Констанс, којшто и самиот клонеше кон аријанството. Тоа се случи на 7 мај 357 година. И во таа прилика се покажа дека христијанската вера не е во светските мудрувања според телесниот човечки разум, туку во силата Божја, објавена преку чуда и знаци многубројни.

Светиот маченик Акакиј
Овој светител беше римски офицер при царот Максимијан. Одговарајќи на суд за својата вера во Христа, тој рече дека таа благочестива вера ја наследил од родителите и дека во неа се утврдил гледајќи ги многубројните чудесни исцеленија од моштите на христијанските светители. После големи маки претрпени храбро во тракискиот град Пиринт, Акакиј беше спроведен во Византија, каде издржа нови маки, додека најпосле не го убија со меч. Чесно пострада и се пресели во царството на вечната радост во 303 година.

Преподобните отци грузиски
Во 4 век, а двесте години откако Света Нина го проповедаше Евангелието во Грузија, му се јави Пресветата Мајка Божја на Јован, подвижник антиохиски, и му нареди да избере дванаесетмина од своите ученици и да отиде во Грузија за да ја утврди православната вера. Јован така и направи. Кога дојдоа во Грузија, овие дванаесет мисионери беа свечено дочекани од кнезот на таа земја и од католикосот Евлалиј и веднаш со ревност ја започнаа својата работа. Народот притекнуваше околу нив во толпи и тие го утврдуваа во верата со голема мудрост и многубројни чуда. Началник на сите овие христољубиви мисионери им беше Свети Јован Зедазниски. А нивните имиња се: Авид, Антониј, Давид, Зинон, Тадеј, Иса, Издериос, Јосиф, Михаил, Пир, Стефан и Шијо. Со апостолска ревност сите тие ја утврдуваа Христовата вера во Грузија, основаа многу манастири и оставија зад себе многубројни ученици. Така се удостоија со слава на небесата и со сила на земјата.



Оставете засекогаш секаква суровост и бидете пред Господ, во однесувањето со луѓето незлобиви како деца.
 
Христос Воскресе

Светиот пророк Исаија 22/05/2007
Овој голем пророк беше од царски род. Роден во Ерусалим од татко Амос, брат на јудејскиот цар Амасиј. Според големата Божествена благодат што беше во него, Исаија се удостои да Го види Господ Саваот на небесниот престол, опкружен со шестокрили серафими, коишто непрестајно пееја: Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот. Исаија им пророкуваше многу нешта како на одделни луѓе така и на народите. Еднаш три дена одеше сосем гол по улиците ерусалимски пророкувајќи го брзиот пад на Ерусалим под Асирскиот цар Сенахерим и опоменувајќи ги царот и народните главешини да не се надеваат на помошта од Мисирците и Етиопјаните, бидејќи и тие наскоро ќе бидат покорени од тој истиот Сенахерим, туку да се надеваат на помошта од Севишниот Бог. И ова пророштво како и останатите се исполни до збор. Но најважни беа неговите пророштва за воплотувањето на Бога, за зачнувањето на Пресветата Дева, за Јован Предвесник и за многу настани од животот на Христос. Овој видовит маж имаше, заради чистотата на своето срце и заради ревноста кон Бога, дар на чудотворство од Бога. Така, кога опседнатиот Ерусалим страдаше од жед, тој се помоли и потече вода под гората Сион. Таа вода е наречена Силоам (пратена); и на таа вода го упати подоцна Господ слепородениот за да се измие и да прогледа. Во времето на царот Манасија, кога Исаија грмеше против незнабожечките обичаи на царот и на главешините, изедначувајќи го тогашното поколение со Содом и Гомор, против овој голем пророк се дигна гнев од народот и главешините и беше фатен, изведен надвор од Ерусалим и стружен со бичкија. Живееше и пророкуваше 700 години пред Христа.
 
Христос Воскресе

Свети Николај, Чудотворец Мирликиски 22/05/2007


Пренос на моштите. Во времето на царот Алексеј Комнен и на патријархот Никола Граматик, во 1087 година телото на овој светител беше пренесено од Мир Ликиски во градот Бари во Италија. Тоа се случи заради навалата на муслиманите на Ликија. Светителот му се јави во сон на некој чесен свештеник во Бари и му заповеда неговите мошти да се пренесат во тој град. Во она време градот Бари беше православен и под православен патријарх. При преносот на моштите на Светителот се случија многу чуда, како од допирот на моштите така и од мирото коешто изобилно се лееше од нив. На овој ден уште се споменува и чудото извршено над српскиот крал Стефан Дечански, т.е. како Свети Николај му го врати видот на слепиот крал Стефан.
 
Христос Воскресе

Светиот маченик Христифор 22/05/2007


Голем чудотворец. Особено почитуван во Шпанија. Нему народот најмногу му се моли против заразни болести и разни помори. Намачен за Христа и прославен од Него во 249 година.
 
Христос Воскресе

Светиот апостол Симон Зилот 23/05/2007


Еден од Дванаесеттемина (големи) апостоли. Беше родум од Кана Галилејска. На свадба му дојде Господ Исус со мајка му и со учениците. Кога снема вино, Господ претвори вода во вино. Кога го виде ова, младоженецот ги остави домот, родителите и невестата, па тргна по Христа. Зилот значи Ревнител. А Симон е наречен Ревнител заради неговата голема и огнена ревност кон Спасителот и кон Неговото Евангелие. Кога Го прими Светиот Дух, Симон отиде да го проповеда Евангелието во Мавританија во Африка. Откако успеа мнозина да ги обрати во верата Христова, беше мачен и најпосле распнат на крст како неговиот Господ, Којшто му приготви венец на слава во бесмртното царство.
 
Христос Воскресе

Преподобна Исидора Јуродива 23/05/2007


Живееше во 4 век и беше монахиња во женскиот манастир во Тавенисиот. Се правеше луда за да ја скрие својата добродетел и својот подвиг. Ги работеше највалканите работи, се хранеше со помии од садовите, ги услужуваше сите и секого и беше презирана од сите и од секого. Во тоа време ангел Божји му ја откри на еден голем подвижник, Питирим, тајната за Исидора. Питирим дојде во женскиот манастир и кога ја виде до земја ѝ се поклони. Тогаш сестрите му кажаа на Питирим дека таа е луда. „Вие сте луди“, им одговори Питирим, „а оваа е поголема пред Господ и од мене и од вас. Јас само Го молам Бога да ми го даде мене она што нејзе ѝ е одредено на Страшниот Суд“. Тогаш сестрите се засрамија и ги молеа Питирим и Исидора за прошка. Оттогаш сите почнаа да ѝ укажуваат чест. А таа, за да ги избегне почестите од луѓето, побегна од манастирот и не се знае каде умре, околу 365 година.
 
Христос Воскресе

Блажената Таиса 23/05/2007


Богата девојка, христијанка, во Мисир. Се реши да не стапува во брак, а имотот им го раздаде на пустинските монаси. Кога го потроши сиот имот, се предаде на развратен живот. Монасите, кога слушнаа за ова, го замолија авва Јован Колов, па тој појде во Александрија и почна да плаче пред Таиса. Штом го чу старецот како плаче за нејзините гревови, веднаш се покаја и ја остави куќата и воопшто сѐ, па тргна во пустината по Светителот. По патот ноќе, кога таа спиеше а Јован стоеше на молитва, тој ги виде ангелите како ја зедоа нејзината душа во голема светлина. И позна Јован дека нејзиното миговно но топло покајание Му беше поугодно на Бога од долгогодишното надворешно покајание на мнозина отшелници
 
Незнам за денес ама утре ми е Именден и се слави св.Кирил и Методиј
 
Статус
Затворена за нови мислења.

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom