Д-р Митко Б. Панов
Имаме право да се сметаме за потомци на античките Македонци
Врз основа на изворните податоци, а во последно време и врз основа на археолошките наоди на територијата на етничка Македонија, вклучително и антрополошките истражувања, слободно можеме да се сметаме за потомци на античките Македонци. Од изворните податоци што беа занемарени и од анализата на тоа како латинските и грчките извори гледаат на населението на овие простори во Македонија пред Словените, вклучително и римскиот период, значи во континуитет, се гледа дека етничката доминантна структура на македонските простори се античките Македонци.
Значи, со сигурност можеме да кажеме дека ние сме потомци на Александар Македонски?
- Дефинитивно. Затоа што кога доаѓаат Словените на овие простори, доаѓа до еден вид етничко мешање и заемна комуникација во која се пренесуваат дел од традициите на античките Македонци, пред се', религијата. Христијанството пробива најрано на просторот на македонските Словени. Тоа е мое сознание кое се базира на анализа на култот на св. Димитрија, Словените го почитувале уште од триесеттите години на 7 век. Кај нив како пагани многу лесно продрел прво култот за него претставен на коњ и како воин, бидејќи многу лесно бил прифатлив и за нив.
Тогаш како се случило античките Македонци да го прифатат словенскиот јазик ако тврдите дека тие доминирале на македонските простори?
- Доминантен е словенскиот јазик врз основа на тоа што античкиот јазик што го зборувале античките Македонци, како што знаеме, не е зачуван во писмена форма, само се зачувани некои глоси, меѓутоа бил говорен јазик кај нив. И во таа етничка симбиоза која настанала меѓу нив, постепено античките Македонци го примиле словенскиот јазик. Тие на Словените им ја пренеле религијата, христијанството, а античките Македонци го прифатиле јазикот. Логично е ако на поголемиот дел на територијата се зборува на словенски јазик за комуникација постепено да се научи тој јазик. Постојат податоци дека и Словените говореле многу добро грчки јазик. Тоа не е класична, туку заемна асимилација.
Значи, Грците немаат никакво право на монопол врз античките Македонци и Александар Велики?
- Тоа е политички проблем, тоа не е историски проблем. Политички во смисла на тоа дека Грците сакаат да го наметнат тоа дека тие имаат исклучително право на античката историја, на Македонија. И монопол на некој начин. А кај нас тоа прашање е поврзано со идентитетот. Ако се согласиме за промена на името, тогаш што сме, независно во каква било форма.