НА МЕЧОТ ИНТЕР-ЧЕЛЗИ
Заев ги носи струмичани кај Пандев
Градоначалникот на Струмица ќе го предводи конвојот од стотина македонски навивачи кои ќе му дадат поддршка на Пандев на супердуелот од Лигата на шампионите на 24 февруари. - Најдобриот македонски фудбалер лично купил 50 влезници за наши навивачи
СТРУМИЦА. - Македонскиот фудбалски ас Горан Пандев го сврте вниманието кај своите струмичани со одличните настапи и голови во дресот на италијанскиот шампион Интер. Токму тоа е причината што нашиот најдобар фудбалер ќе добие голема поддршка од своите сограѓани на првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите помеѓу Интер и Челзи, кој се игра на 24 февруари на стадионот "Џузепе Меаца" во Милано.
Така, покрај навивачите на "нераѕурите", на трибините ќе се најдат преку стотина струмичани. Првата група од десетина члена ја предводи градоначалникот на Струмица Зоран Заев, кој, покрај со Пандев, се очекува во Милано да има средба и со членови на управата на прволигашот од Милано. Татково на Горан Ристо и дедо му Ѓорѓи Аџискерлев, таткото на неговата сопруга Надица, заедно со неколку симпатизери од Штип, ќе го сочинуваат вториот ешалон за Милано.
И туристички агенции од Струмица и Скопје, исто така, организираат патување на средбата Интер-Челзи. Интересот е голем и еден автобус е веќе пополнет. Феноменот од Македонија, како што Пандев го нарекуваат во Италија, ќе им се заблагодари на своите сограѓани за поддршката на овој натпревар со 50-ина влезници, кои лично ги платил.
Инаку, Пандев на почетокот од минатиот месец потпиша за Интер, откако претходно успеа да добие раскин на договорот со Лацио и веднаш се наметна кај тренерот на Интер Жозе Мурињо. Веќе постигна три гола и неколку асистенции, со што му помогна на Интер да се одлепи на врвот на италијанската Серија А. Посебно впечатлив беше голот од слободен удар во градското дерби против Милан, со кој ги освои срцата на навивачите на "нераѕурите". За кус период ја освои довербата на Мурињо и беше пријавен за настапите во Лигата на шампионите. Сепак, дуелот со Челзи нема да му биде деби во елитното европско клупско натпреварување, бидејќи со Лацио веќе имаше една таква епизода, кога успеа да му даде три гола на Реал Мадрид во двомечот од фазата на групи. (Љ.М.)
***
Го носев Пандев со комбе на тренинзи
Посебна чест на Пандев ќе му причини присуството на Илија Матеничаров, неговиот прв учител на фудбалската игра.
- Со голема радост и возбуда го очекувам настапот на Пандев на вака важен натпревар. Се уште во добро сеќавање ми е кога Пандев, заедно со Стојков и Попов, го носев со приватни комбиња на тренинг - рече Матеничаров.
Од познатата школа на Беласица, под водство на тренерот Илија Матеничаров, произлезе цела плејада фудбалски таленти кои денес се афирмирани интернационалци и репрезентативци, почнувајќи од Пандев, преку Ацо Стојков и браќата Роберт и Горан Попови, до Зоран Балдовалиев и Дени Масев.