Деновиве дојде кај мене едно лице што сега работи во компанија надвор од полиција и ми се претстави како бивш полицаец од државна безбедност, вработен за време на атентатот на претседателот Киро Глигоров во Седмата управа за следење. Фино! Професоре, јас сум тој службеник во МВР кој ја сликаше фотографијата на наводниот германски турист пред Бристол, на кој се гледа паркираниот „ами 6“, ден пред атентатот. Еден од државна ми рече да сликам, како што сликаме куп фотки секој ден, не ми објаснуваше зошто и јас сликав, ги предадов фотките и негативите нему и заборавив. Кога се појави таа фотка во весници со објаснение дека е направена од некој Германец, па нашиве уште пратиле екипа да го бара во Германија заедно со нивното БНД, се здрвив! Кај ќе го најдат во Германија, кога тој „Германец“ е овде. Напишав за тоа белешка до повисоките инстанци, која подоцна исчезна. Сега ја нема во документите за атентатот.
Професоре, тие што ми наредија ги знам по име и презиме, тој што го купи „амито“ од фотороботот го знам, тој е службеник на ДБК и мој колега, кој се издаде дека купил „ами“ за негов братучед од Алексинац. Тој тоа го призна пред мене. Тоа е спец-акција на ДБК, се знае кој ја наредува и се знае без чие знаење може да се нареди. Оваа приказна, драги мои, може да се нарече СВЕДОК, сведокот што долго го чекавме. Сега има приказната очевидец, сведок од прва рака. Го упатив на обвинителството, бидејќи јас не можам ништо особено да сторам освен да ви ја приопштам приказнава. Ќе видиме како „локалниов хорор“ ќе се развива и дали баналноста на злото што живее околу нас и ни се смее в лице ќе продолжи така? Станува јасно зошто странскиве служби немале многу информации за атентатот. Секој здив што го дишат оние што се учесници однатре во овој мрачен акт на себепорекнување во Македонија, секој нивни здив неказнет - е навреда за сите нас. Имаме ли сила да си се погледнеме в огледало и да кажеме што ќе видиме таму. Тоа е конститутивен акт на себевтемелување. Мораме да го расчистиме ова за себе и за следните генерации македонски граѓани.