Змија го презеде кормилото на Вардар!
* Ванчо Балевски вчера, за многумина неочекувано, го презеде вардаровиот тим одработувајќи го веќе и првиот тренинг
Хаотични одлуки од ден за ден во "црвено-црните" редови кои веќе и малкумина може сериозно да изненадат ако се знае актуелната ситуација во редовите на нашиот најтрофеен клуб.
Меѓутоа, како и да е, за многумина неочекувано одекна вчерашната одлука на раководството на ФК Вардар за нова промена на кормилото на стручниот штаб кое официјално го презеде поранешниот "црвено-црн" фудбалер Ванчо Балевски - Змија.
61-годишниот Балевски вчера, по прифаќањето на соработката со Вардар, го одработи и првиот тренинг со тимот на кој присуствуваше и спортскиот директор Драги Сетинов...
"Продолжуваме натаму. По договорот со раководството ја преземам работата со првиот тим. Верувам дека овој состав на Вардар има навистина голем потенцијал за далеку поуспешни резултати во првенството", им соопшти на своите фудбалери пред тренингот Балевски, кој и претходно беше вклучен во стручните служби на "вардарци".
Балевски тренерската позиција во повеќекратниот наш шампион ја презема од Марио Вујовиќ, кој, пак, беше назначен само пред седум дена како наследник на Пане Блажевски, кој на 16 август доби отказ по убедливиот пораз од 5:0 од Македонија ЃП. Вујовиќ сега останува како прв асистент, заедно со Живковиќ и тренерот на голманите, Благоја Георгиев, кои исто така и натаму остануваат во стручниот штаб.
Од јули 2008 година Вардар промени вкупно шест тренери, почнувајќи од Ратко Достаниќ, па Милко Ѓуровски, Жикица Тасевски и последните тројца за само два месеци.
Инаку, Ванчо Балевски уште пред стартот на летните подготовки беше најавен од членовите на УО на ФК Вардар како нов шеф на стручниот штаб. Меѓутоа, непосредно пред првиот собир за новата сезона на 24 јуни не успеа да се договори со раководството. И претходно во својата тренерска кариера бил дел од стручниот штаб на Вардар, како асистент на Ѓоко Хаџиевски во шампионските сезони од 2000 до 2003 година. Бил тренер на Маџари С, Скопје и на грчката Птолемаида. Зад своето име има извонредна играчка кариера во дресовите на Вардар, сплитски Хајдук и словенечка Олимпија Љубљана, а своите вистински фудбалски квалитети ги демонстрираше низ трите сезони минати во бундеслигашот Карлсруе.
В.Булатовиќ
УШТЕ ЕДЕН БИСЕР ОД КУЈНАТА НА ВАРДАР
Марио Вујовиќ, тренер со најкраток стаж во светот!?
Повеќе од шест години наназад Вардар убаво ја засмејува или растажува, кој како сака, домашната фудбалска јавност.
Па, вчера ни понуди уште еден "бисер" од својата кујна.
Младиот тренер Марио Вујовиќ веројатно лесно може да се запише во "фудбалската книга на рекорди" како шеф на стручен штаб со најкраток стаж во светот!? Вујовиќ назначен за тренер на 16 август 2009 издржа до 24 август 2009 без ниту еден официјален натпревар зад своето име.
"Марио Вујовиќ е новиот шеф на стручен штаб. Млад, амбициозен тренер со ПРО лиценца кој веруваме ќе внесе голема новина во работата со тимот за да дојдеме до поуспешни резултати", ќе изјави на 16 август претседателот на Вардар, Бојан Захариев.
На 24 август Вујовиќ е сменет!