Жонас: „Веднаш се јавив дома за да им кажам на моите колку сум среќен“
Жонас Гонсалвез засекогаш ќе го памети овој датум во својата кариера. Во просториите на Леванте Мотор Сеат, кој е еден од спонзорите на клубот, се оддржа денеска и официјалната презентација на Бразилецот како играч на Валенсија.
Бразилецот пресреќен пред многуте новинари кои се појавија на презентацијата, изјави дека сето ова претставува остварување на неговите соништа.
„Мојата најголема желба ми беше да бидам дел од големите европски екипи, и еве ме сега во Валенсија. Не очекував таков прекрасен пречек. Веднаш се јавив на моите во Бразил да им кажам што се случува и колку среќен се чувствувам овде.“ – изјави Бразилецот.
Со самото пристигнување во градот, Жонас ја покажа својата скромност и желбата да биде дел од клуб каков што е Валенсија. Му се допаѓа Местаља, му се допаѓа градот…но тоа што најмногу му се допаѓа е екипата.
„Иако имам голема желба да настапам во дресот на клубот, знам дека ќе морам малку по малку да се вклопувам и да покажувам што знам.“ – призна играчот. Слоганот Амунт Валенсија се слушна повеќе пати од страна на Бразилецот кој не ја криеше среќата пред присутните.
„Никогаш во животот не сум видел толку камери и новинари околу мене, ова е неверојатно.“ – одговараше Жонас на присутните новинари. Еден од најемотивните моменти за Жонас беше кога во позадина течеше видеото направено од клубот како тој пристигнува на Местаља, остварувајќи го својот сон, а притоа слушајќи ја неговата омилена песна „Meteoro“.
„Ќе играм кога така ќе одлучи тренерот. Подвижен сум во нападот и играм слично како Робињо.“ – изјави Жонас запрашан за неговата игра.
По прикажувањето на головите на Жонас во Бразилското првенство, Браулио Васкез одговорниот за неговото ангажирање изјави: „Жонас ги поседува сите можни карактеристики бидејќи тој е различен играч, кој знае да постигнува многу голови.“
Најголемото изненадување за Жонас беше присуството на Бразилецот Валдо, легенда на клубот од 60 те години, кој лично му го предаде неговиот нов дрес со бројот 18.
Претседателот Мануел Љоренте пак, изјави: „Очекуваме дека Жонас ќе ни ја донесе магијата на Бразилскиот фудбал. Со присуството на Жонас и Валдо овде, го имаме со нас минатото и иднината на клубот.“
Бразилскиот напаѓач веќе тренираше заедно со своите нови соиграчи во Патерна, каде беше придружуван од Португалецот Мигел кој го претстави на останатите играчи од клубот. Подоцна се запозна и со капитенот на екипата Давид Наваро кој му посака добредојде во клубот.
Жонас во Бразил е попознат како „ел детонадор“, иако неговите соиграчи го нарекувале и „ел маестро“. Најдобриот стрелец во Бразилската лига потпиша договор со Валенсија до 30 јуни 2015 година.