Тренерот на Вардар Осигурување и селектор на македонската репрезентација до 20 години,
Марјан Лазовски, ексклузивно за официјалниот сајт на КФМ,
www.basketball.org.mk, го искажа својот коментар за првиот финален натпревар од плејофот, помеѓу Струмица 2005 и Фершпед Работнички.
- Струмица 2005 заслужено го доби првиот натпревар од финалната серија. Струмичани одиграа максимално коректно и дисциплинирано. Имаа конкретен играчки план, кој го спроведоа, за разлика од Фершпед Работнички. Сметам дека Веселиновски и Стојановски се играчи, кои имаат големо значење за играта на Фершпед Работнички, и нивното отсуство беше голем хендикеп.
Диме Тасовски одигра еден слаб натпревар, а тој беше најсолидниот играч на Фершпед Работнички на офанзивен план сезонава. Тасовски непотребно солираше, за разлика од кошаркарите на Струмица 2005, кои играа изработени акции, имаше и доста лесни поени од контри. За разлика од нив, играчите на Фершпед Работнички реализираа само еден контранапад во текот на целиот натпревар, неговите играчи не постигнаа “лесни“ поени, што на крајот се покажа пресудно за нивниот висок пораз. – вели Лазовски
Во врска со вториот дуел, кој се игра вечерва, Лазовски изјавува:
- Сметам дека Фершпед Работнички вечерва ќе настапи комплетен. Психолошкиот товар на играчите на шампионот е голем, поради тоа што тие ќе мора да го добијат овој натпревар на домашен терен. Моја прогноза е дека Фершпед Работнички ќе успее да го добие овој натпревар, и очекувам долга и неизвесна финална серија. – завршува Лазовски