Славата може да им удри во глава на сите, па дури и на странските милионери што во оваа држава традиционално ги дочекуваме со раширени раце. Сепак, Сергеј Самсоненко веќе почнува премногу да лета во облаци и да го губи допирот со реалноста, не само на своите можности, туку и на обврските што ги има како прв човек на македонскиот ракометен клуб.
Како поинаку да се разбере неговата последна изјава, во која јавно се запраша „зошто сајтот на Металург ја имаше најдобрата фотографија од инцидентот на дербито во „Борис Трајковски“. Можеби алудираше дека станува збор за режија на противникот, можеби нешто сосема трето, но факт е дека Самсоненко не го стори она што требаше, не ја ПРИФАТИ ОДГОВОРНОСТА за несаканата случка на македонското дерби во ЛШ.
Затоа што Вардар беше домаќин на натпреварот и како таков требаше да обезбеди беспрекорни услови за игра, воедно и да ја гарантира безбедноста на актерите на теренот. „Црвено-црните“ успеаја во тоа во 99% од натпреварот, но факт е дека тој еден момент на лудило на поединец остави црна дамка на дербито, а со самото тоа и на организацијата на мечот. А тоа беше обврска на газда Сергеј и луѓето околу него, организациски предизвик на кои сакале признале или не – не успеаја да одговорат. Можеби Самсоненко е премногу горд да признае, но тоа е вистината.
Сега тој тврди дека е убеден дека не станува збор за приврзаник на неговиот клуб, просто да не знае човек дали Русинот навистина се однесува како странец во оваа држава за која не знае скоро ништо, или едноставно така му одговара. Затоа што момчето што ја предизвика немилата сцена седеше крај дваесетина фанови на „старата гарда“ од навивачите на Вардар, а ако некој барем малку сака да собере информации, лесно ќе стигне и до неговиот идентитет и до местото на живеење, во населба близу до СЦ „Борис Трајковски“. Можеби на Сергеј не му одговара, но тоа е вистината.

Сергеј Самсоненко беше дочекан во македонската спортска јавност како милионер со успешни бизниси, кој сега реши да инвестира во нашиот ракомет. Нормално беше да биде дочекан со раширени раце, потоа да се стартува иницијатива за негово преземање на машкиот ракометен клуб, а сега дури и да се моли да влезе во фудбалскиот колектив. Толку молење не ќе е на арно, па така и самиот Сергеј почувствува дека му скокнаа акциите, колку и тоа да звучи неверојатно бидејќи сепак станува збор за сериозен бизнисмен.
Многу сериозен човек кога станува збор за бизнисот, но многу далеку од тоа кога станува збор за неговата улога на прв човек на спортски клуб. Никој не може да поверува дека газда Сергеј се смета себе си доволно стручен за да биде прв тренер на тимот, да диригира со македонскиот шампион на мечеви во натпреварување како што е Лигата на шампионите. Секоја чест за вложувањата, но други луѓе ширум Европа вложуваат исто толкави, па и повисоки суми, но сепак знаат за што ги „бива“, а за што не. За водење на врвен тим, особено во ЛШ, е потребен врвен стручњак, а Самсоненко не е ниту тренер, камоли квалитетен. Можеби не му е по мерак, но тоа е вистината.
Никој не може да поверува, но сите молчат. Молчиме ние новинарите, шегувајќи се на оваа тема во меѓусебни муабети, но сепак без конкретна критика за Русинот. Молчат и навивачите, на кои целата ситуација им е смешна, но сепак не решаваат да го кренат гласот против човекот во кого гледаат спасител и за фудбалскиот клуб. Можете ли да замислите каква лавина од реакции ќе предизвикаше Михајло Михајловски доколку се решеше на нешто слично, без оглед на фактот дека триесетина години инвестираше сериозни пари во овој клуб.
Сепак, Михајловски е спортски мецена, каков што е и Минчо Јорданов, претходно и Трифун Костовски. Тоа се луѓе што знаеја што значи да си газда на клуб, кои се твоите обврски, но и границите на однесување на еден сериозен бизнисмен на чело на еден спортски колектив. Тие и по возраст се постари од Самсоненко, па сигурно и многу помудри. Прашање е дали Русинот ќе се реши да научи нешто од нив, или ќе продолжи да се однесува со Вардар како да е негова лична играчка.
Сергеј Самсоненко се покажува како идеален газда во ЖРК Вардар, тим што сигурно гази на патот кон врвот на Европа. Логично е човек да се праша зошто не го прави истото и во машкиот тим, едноставно да ги постави работите онака како што треба, како вистински директор на клубот, и потоа да ужива во успесите за кои овие ракометари имаат капацитет, со квалитетен стратег на клупата.
Јавноста со неосудувањето на досегашните потези му дава „зелено светло“ за такво нешто, па прашање е до колку далеку ќе оди и дали во некоја си поблиска или подалечна иднина ќе превземе и некоја друга функција во клубот. Можеби тренер-играч, па дури и изведувач на пенали… Да, во моментов звучи смешно и апсолутно нереално, но ако некој кажеше пред три-четири месеци дека Сергеј ќе биде тренер на Вардар, што ќе одговоревме тогаш?