ЗА КРАЈ НА 2012-ТА: ДАРКО СТАНИЌ – ЧУДО ОД ГОЛМАН
Дарко Станиќ е еден од најомилените ликови во македонскиот спорт. Блесна минатата сезона, но целосно завладеа со симпатиите на нашите фанови во текот на оваа година. Сите знаеме што значи добар голман за една ракометна екипа, а Дарко е повеќе од добар – Дарко е најдобар. Ретко харизматичен, скромен како човек, кога е во елемент вреди колку половина екипа. Неговите одбрани го уништуваа моралот на противничките ракометари и, не ретко, токму тој беше посочуван како најголема опасност за нашите спортски противници. Имал Дарко и слаби денови, но секогаш кога навистина е потребно тој станувал несовладлив. Неговите одбрани го потхрануваа моралот на нашите ракометари, кои преку него ја стекнуваа потребната сигурност во одбраната.
Во неговата кариера 2012 година е најдобрата година, но и најнапорната. На прсти се бројат неговите слободни денови во текот на годината што е на заминување. Натпреварите од Лигата на шампионите ги замени со репрезентативните настапи на ЕП 2012 во Србија, а пак нив со настапите на Супер Глобе (светското клупско првенство). Потоа дојдоа квалификациите за влез во групната фаза во новата сезона на Лигата на шампионите, настапите во групната фаза, СЕХА-лигата итн. Наскоро ќе ѝ се приклучи на српската репрезентација, со која ќе се подготвува за СП 2013 во Шпанија.
Станиќ е миленик и на српска спортска јавност. Неговите настапи на ЕП 2012 го однесоа до насловот најдобар голман на првенството, а српската репрезентација до сребрениот медал. Набргу е прогласен и за министер за одбрана.
Настапувајќи за тимот на Ал-Џаиш, Дарко Станиќ до последниот ден беше убедливо најдобриот голман на Супер Глобе-турнирот и само несфатливата одлука на тренерот (кој реши да не го соблече на последниот натпревар) му ја одзеде и таа титула. Станиќ оствари 57 одбрани, две помалку од Хомбрадос и шест помалку од првопласираниот Примож Прост.
Сепак, своите најдобри игри Станиќ ги одигра во дресот на Металург.
Во Лигата на шампионите тој настапи на сите 12 средби во 2012 година, пет во сезоната 2011/2012 и седум во сезоната 2012/2013.
Еве го неговиот ефект: 176 одбрани на 12 натпревари (просек 14.7 по натпревар)
Сезона 2011/2012 Сезона 2012/2013
Против Цимос Копер 18 одбрани Шамбери 12
Висла Плоцк 21 Горење 14
Хамбург 13 Силкеборг 22
Загреб 10 Санкт Петербург 14
Пак Загреб 13 Киелце 8
Пак Киелце 18
Шамбери 13
На двете квалификациски средби за влез во групната фаза на Лигата на шампионите тој оствари вкупно 35 одбрани (Алпла Хард 17 и Хаслум 18).
Во СЕХА-лигата Станиќ настапи во само 14 средби, и тоа со многу помала минутажа од вообичаеното. На тие средби Станиќ оствари точно 150 одбрани.
Мала минутажа имаше и на натпреварите во домашното првенство и Купот. За обележување се неговите три настапи против екипата на Вардар ПРО, два во првенството и еден во Купот, на кои одбрани вкупно 47 удари.