Кометал е меѓу најголемите на сите времиња
ХРВАТСКИОТ ПИВОТ ТИХАНА САРИЌ ЗА ОФИЦИЈАЛНИОТ ЕХФ ВЕБ-САЈТ НЕ ШТЕДЕШЕ КОМПЛИМЕНТИ
Утре екипата на Кометал Ѓ. П. заминува во Шпанија, каде в сабота ќе го одигра првиот четврфинален натпревар од Лигата на шампионите. Противник на македонскиот шампион е екипата на Валенсија, единствениот тим во Европа кој во сите досегашни официјални одмерувања на силите со Кометал Ѓ. П. излегувал како победник.
Годинава односот на силите би требало да е сменет во корист на македонскиот тим. А. Сагунто или Мар Валенсија, како што порано се викаше овој клуб, пред почетокот на сезоната имаше големи играчки промени, заминаа неколку играчи кои беа носители до ланската сезона, пред с$ Марта Мангу, Тања Маедвед и Наталија Морскова. Нивна амбиција беше пласман во 1/4 финалето, план кој е исполнет, но сега шпанската екипа ги зголеми апетитите и сака во продолжение на Лигата да направи и поголем успех. Кометал е екипата која им стои на патот, а претстојното одмерување на силите привлекува внимание и во центарот на ракометот во Европа, во канцеларијата на ЕХФ, од каде на официјалната веб страна е објавено интервју со ракометарката на А. Сагунто, Тихана Сариќ, во кое таа говори за мечот со Кометал Ѓ. П. Еве накратко што мисли Сариќ за претстојниот натпревар со македонскиот шампион:
"Многу сум среќна што за противник во 1/4 финалето имаме толку голем противник затоа што тоа е вистински предизвик за нас како тим и за мене лично затоа што сакам предизвици. Можеш да знаеш колку си добар само ако играш против најдобрите тимови и најдобрите играчи. Тоа е и единствениот начин да напредуваш како тим и како играч.
Кометал е еден од најголемите клубови на сите времиња. Имаат одличен тренер, добар тим во кој се некои од најдобрите европски играчи, но ние не се плашиме. Ако добијам шанса да играм, ќе дадам 110 насто од силите, исто како и другите играчи од нашиот тим. Сигурна сум. Со поддршка од нашите навивачи, кои секогаш прават совршена атмосфера, сигурна сум дека ќе покажеме добра игра и дека публиката ќе ужива", вели во интервјуто Тихана Сариќ.
Признание за квалитет доаѓа и таборот на македонскиот тим:
"Сагунто има квалитетен состав и не смееме да си дозволиме ниту секунда опуштање на овие дуели. Сигурно нема да биде лесно. Ние одигравме два натпревари со нив во подготовките, уште во септември и знаеме со каков квалитет располага Сагунто. Важно е во Скопје да донесеме добар резултат. Нерешено е минимум на што сметам од првата средба", изјави Валентина Радуловиќ.
Мечот меѓу Кометал и Сагунто ќе се одигра в сабота, со почеток во 16:30 часот.