Prezemno od A1 Televizija
Наместо шампионски, славенички, промотивен за најдобрите скандалозен и срамен беше минатиот викенд за Македонскиот спорт.
Најмалку од спортски причини ако е тоа некаква утеха. Шестмина во апс во Данска, каде што меѓусебна тепачка на нашите навивачи го девалвираше пристојниот резултат на Кометал Ѓорче Петров во првиот финален натпревар со Шлагелсе од лигата на шампионките.
Тетово не е скандинавски град, па само во научнофантастичните филмови зад решетки би се нашол некој од насилните навивачи на Шкендија, што ги линчуваа фудбалерите на новиот шампион Работнички Кометал.
Покуса не остана ниту кошарката Фершпед Работнички и Вардар Осигурување развија нездраво ривалство базирано на лични антагонизми и насилни особини, наместо предизвикот да им биде чисто спортски борба за тронот. Зборува ли некој за резултатот на Кометал во саботниот натпревар со Шлагелсе.
Малкумина ги запаметија точните 23:27. Непријатниот, но поднослив резултат дава надеж за втора титула на реваншот в петок во Скопје. Но, се паметат ли маестралната игра на Озел или пак повредата на Кастратовиќ. Сето тоа падна во втор план, по немирите што ги предизвикаа Македонските навивачи по средбата.
Кој бил виновен допатуваните од Скопје или Битолските гастарбајтери, најмалку е битно. Со бедниот циркус во Данска ги засенија најважните ракометарките, но му зададоа тежок удар на нашиот спорт во меѓународни рамки, без разлика што настанот беше пред салата, а не на теренот во Брондби.
Официјално, клубот се оградува од инцидентот. Објективно одговорноста мора да ја прифати. Затоа што, како и сто пати досега, управата сама го полнеше авионот со пријатели на на клубот, а всушност проблематични гости и конфликтни навивачи.
На клуб од шампионски формат каков што е Кометал, фанови му се потребни, но искрени, кои ќе сами ќе платат влезница за да навиваат, а не оние на кои ќе им се плати, за на крајот да предизвикаат инцидент.