Робињо доби дозвола за настап против Мајорка
Бразилскиот репрезентативец Робињо, сепак, ќе игра во поледниот натпревар од Примера против Мајорка кој директно одлучува за освојувачот на шампионската титула. Оваа одлука ја донесе ФИФА која ја прифати молбата на Реал Мадрид да го има на располагање еден од најдобрите фудбалери во последните неколку месеци. Робињо требаше да се приклучи во вторникот на бразилската репрезентација која се подготвува за Копа Америка што од 26 јуни до 15 јули ќе се одржи во Венецуела, но, сепак, ќе го направи тоа дури во понеделник, по одигрувањето на последното коло од Примера. Тоа е спротивно на правилата на Светската фудбалска асоцијација, според кои сите клубови се должни да ги ослободат своите фудбалери во интерес на националниот тим најмалку 14 дена пред првиот натпревар од континенталните првенства. Реал Мадрид, најверојатно, ќе го има на располагање и интернационалецот од Мали, Мамаду Диара, кој овој викенд има квалификациски натпревар за Купот на Африка.
Откако доби дозвола од ФИФА Робињо, сепак, е во дилема дали да остане во Мадрид и да му се стави на располагање на тренерот Фабио Капело. Од една страна е притисокот од Бразил да се појави на подготовките, а од друга желбата да се помогне на клубот во борбата за првата шампионска титула по четири години.
"Ова е многу комплицирана ситуација. Мислев дека Бразилската фудбалска федерација ќе го ослободи Робињо, но тие не се согласија на такво нешто. Тој знае дека натпреварот со Мајорка е од исклучително значење, можеби најважен во неговата досегашна кариера и да настапи в недела ќе биде добро за него, за Реал и за репрезентацијата. Од друга страна, ако дојде во Бразил само ќе тренира. Можно е да игра во неделата и веќе идниот ден да пристигне во Бразил. Тој сака да игра за својата репрезентација, без разлика што ова лето нема да има одмор. Робињо не побара да биде поштеден, како што направија Роналдињо и Кака", изјави менаџерот на Робињо, Вагнер Рибеиро.
Одлуката на ФИФА да му дозволи на Бразилецот да остане во Шпанија за последното коло предизвика бура кај останатите клубови од Примера. Помалите екипи кои се борат за опстанок или за пласман во европските купови, како Селта или Виљареал, па дури и Севиља, која с$ уште има шанси за шампионската титула, мораа да ги ослободат своите фудбалери за Копа Америка, квалификациите за Африканскиот куп на нации или Европското првенство до 21 година. За разлика од Диара, кој доби дозвола за настап в недела, неговиот сонародник Фреди Кануте ќе мора да се појави во Мали за квалификацискиот натпревар против Сиера Леоне.