Реал, конечно, прв!!!
По долга, долга пауза, тимот на Реал Мадрид успеа да ја мине Барселона и да се искачи на првото место на табелата.
"Кралевите" во фантастичен натпревар на Сантијаго Бернабе го совладаа Еспањол со 4:3, додека Каталонците неочекувано "кикснаа" на свој терен против просечниот тим на Бетис (1:1).
Иако сите очекуваа Еспањол да се чува за финалето од Купот на УЕФА в среда, гостите од Барселона апсолутно доминираа во првото полувреме на Бернабе. Препуштајќи му ја иницијативата на противникот, тимот на Еспањол фантастично ги организираше против-нападите, и преку Пандиани дури трипати успеа да го матира Икер Касиљас.
Навивачите на Реал беа во шок, но Фабио Капело најде начин да ги мотивира своите фудбалери. Во првите петнаесетина минути од вториот дел "кралевите" израмнија на 3:3, а на победничкиот гол се чекаше с$ до самиот финиш. Рејес одлично го проигра во празно Хигуаин, а младиот Аргентинец без поголеми проблеми го постигна својот втор гол во дресот на "кралевите" по јануарскиот трансфер од Ривер Плата.
"Долго време бевме сконцентрирани на тоа како да ја симнеме Барселона од тронот. Сега кога се наоѓаме на врвот на табелата, треба да се погрижиме да останеме тука. Јас имам огромна доверба во мојата екипа, и знам дека ќе успееме во зацртаната цел", изјави Фабио Капело.
Во прилог на Реал му одеше и исходот од пресметката на Ноу Камп, каде Бетис на големо изненадување му украде бод на актуелниот првак.
Барса целосно ја контролираше играта и резултатот, особено по раниот погодок на Роналдињо од пенал, откако Деко беше соборен во шеснаесетникот на гостите.
Кога се очекуваше мечот да биде приведен до крај, Бразилецот Собис го замолкна Ноу Камп постигнувајќи гол во самиот финиш од петнаесетина метри откосо, по слабата интервенција на Викторд Валдес.
Ваквиот резултат сигурно уште повеќе ќе го зголеми притисокот врз тренерот Франк Рајкард, особено поради неговата одлука при резултат 1:0 во 65. минута да го извади од игра Роналдињо, и на негово место да го уфрли далеку подефанзивниот Едмилсон.
Севиља се наоѓа на само два бода негатива во однос на водечките, по триумфот од 2:1 што оваа екипа го забележа на пресметката со Рекреативо Хуелва.
"Н$ очекува финалето од Купот на УЕФА, но знаевме дека не смееме да се опуштиме. Моите фудбалери одиграа токму онака како што побарав од нив, и уште еднаш покажаа дека се фантастични професионалци", изјави тренерот Хуанде Рамос.
Селта ги загуби скоро сите шанси за опстанок откако на свој терен беше поразена од Леванте со 1:2, додека во дербито на дното Реал Сосиедад славеше со 3:1 на гостувањето во Тарагона против Гимнастик. :tv::tv: