Управата на клубот решена да ги отстрани сите проблеми
После се што се случуваше во изминатите денови, полека стивнуваат искрите во Мадрид. Но, на сите им е јасно дека некои работи не функционираат така како што треба и дека треба нешто да биде променето. Шпанските медиуми денес пишуваат дека управата на клубот силно се заложила да биде исправена моменталната проблематична ситуација и Реал Мадрид да се врати онаму каде што припаѓа.
Средбата на Флорентино Перез со Анчелоти и играчите вчера, беше само најава на тоа "стегање на обрачот" од страна на Директивата. Флорентино беше 2 часа присутен на Валдебебас, а штом се задржал толку долго, очигледно имал многу што да каже. Претседателот му истакнал на Анчелоти дека мора да биде построг со своите играчи и дека не смее да дозволува повеќе никакво опуштање. Како на теренот, така и вон него. Исто така, од италијанецот било побарано да ги одржува сите играчи во комбинација за стартните 11, со поделба на минутажата. Односно, некои играчи да не се чувствуваат како незаменливи стартери, па поради тоа да играат дури и со огромен пад во формата.
Друго спорно прашање беше роденденската забава на Кристијано Роналдо во саботата навечер, после натпреварот со Атлетико. Од клубот не ја префрлуваат сета вина врз Роналдо. Го разбираат и знаат дека не можеше целосно да ја откаже прославата, поради сите повикани гости, меѓу другото многумина кои допатуваа од Португалија. Но, во управата не им се допаѓа начинот на кој целата манифестиција беше организирана. Посебно, не им се допаѓа фактот што толку многу играчи присуствуваа на забавата, после ужасната слика која ја прикажаа на теренот во саботата.
Некои играчи, како Кедира, Хамес и Модриќ, имаа повреди, а се појавија на забавата на Роналдо. Сето тоа влезе во забелешката на управата, па можни се и некакви санции во иднина, од дисциплински карактер. Други пак премногу еуфорично ја славеа прославата, иако попладнето на теренот не покажа никаква желба за игра, а од друга страна имаа сила за еуфорична прослава на забавата. Многумина тврдат дека биле таму за да го анимираат Роналдо, кој поминува низ тежок период во животот, но управата сепак има забелешки за тоа.
Пораката е јасна - беше што беше во 2014-та година. Беа освоени 4 титули, имаше прекрасни моменти. Но, Реал Мадрид не може вечно да вижее од тоа. Сега сме во нова година, во која Реал Мадрид не е на нивото од минатата. И тоа не му се допаѓа никому. Реал мора секогаш да биде на врвот и да се бори за сите титули во игра. Тоа го потенцираше претседателот и управата. Им наложија на играчите и стручниот штаб дека веднаш мора да биде пронајдена старата форма. Исто така, мора да се поправи сликата на теренот, односно веќе нема простор за незалагање на теренот или поопуштено однесување. Токму тоа го потенцираше Флорентино, кога му кажа на Анчелоти да ги одржува сите играчи во конкурентна форма. "Оној кој ќе прикаже такво однесување, веднаш да се пресели на клупата". Нема веќе простор за калкулации. Ова е Реал Мадрид, а од управата очекуваат Реал да се бори за титулата во Ла Лига и Лигата на Шампионите се до крајот на мај.