НАЈДОБРИОТ ФУДБАЛЕР НА РАБОТНИЧКИ Е НАЈНОВАТА АКВИЗИЦИЈА НА ТИМОТ НА ВИОРЕЛ МОЛДОВАН
КИРОВСКИ ПОТПИШУВА ЗА ВАСЛУИ!!!
*"Денеска официјално голгетерот ќе биде преставен како ново засилување на романскиот прволигаш
Денеска напаѓачот и најдобар фудбалер на Работнички, Христијан Кировски, ќе потпише за тимот на Васлуи, прволигаш од Романија. Тамошните медиуми и спортски портали Кировски веќе го најавуваат како најновата аквизиција на Васлуи. Оваа вест ни ја потврди и претседателот на Работнички, Драган Поповски.
"Веќе неколку дена нашиот менаџер Златко Тодоровски во Анталија е во преговори со раководството и менаџерите на Васлуи. Последните информации велат дека дошло до договор па затоа денеска заминувам и јас во Анталија да го официјализираме транферот на Кировски во овој познат романски клуб кој има големи амбиции. За деталите не би сакал да говорам, кога ќе потпишеме тогаш ќе можеме да говориме поконкретно", беше кус во својата изјава првиот човек на шампионот пред заминувањето во Анталија.
Инаку, Кировски во таборот на нашиот шампион настапува како позајмен фудбалер на Карпати (Украина). Па затоа, најверојатно, прво ќе се откупи договорот (можеби ова досега е сторено) со тој тим за да може без проблеми да потпише со Васлуи.
Васлуи е тим кој по есенскиот дел се наоѓа на 9. место од 18 клубови. Прв тренер е познатиот Виорел Молдован, кој, како што неофицијално дознавме, имал на располагање цели 5.000.000 евра буџет за зимскиот преоден рок. И кога сме кај Васлуи тој пред неколку дена го официјализираше трансферот на Немања Милисављевиќ, кој во минатите две години настапуваше во Работнички и Вардар.
Кировски со своите 24 години можеби е рекордер (за негова возраст) во мак - фудбалот околу тоа колку клубови има сменето во својата кариера. На најдобриот стрелец на Работнички, кој минатата есен постигна 8 погодоци, Васлуи ќе му биде вкупно осми клуб. Претходно настапуваше за Вардар, ОФК Београд (Србија), Македонија ЃП, Ворксла и Карпати (Украина), Етникос (Кипар) и Работнички.
И сосема за крај трансферот на Кировски ќе биде трет на Работнички во овој зимски преоден рок. Претходно Адекунле Лукмон се пресели во Луцерн (Швајцарија), а Димитрија Лазаревски, пак, потпиша за Дендер (Белгија).
З. Ѓоршоски
Џери веќе даде гол за Васлиу
Договор на 4 години ќе има Христојан Кировски - Џери со тимот на Васлиу. Младиот голгетер веќе се запиша во листата на стрелците за новиот клуб откако стрелаше за конечни 3:0 на тест дуелот во Анталија против украинскиот тим Зорја.
Сепак пресудно за трансферот на Кировски бил неговиот настап за Работнички на дуелот со вториот тим на Салцбург. Таа средба ја следел тренерот Молдован кој на експресен начин успеа во своите редиви да го ангажира робузниот напаѓач.
Мора сите да добијат шанса
Играчите, стручниот штаб па и раководството на нашиот шампион воопшто не се вознемирени по двете резултатски неуспешни контроли со Ѓер и втората екипата на Ред Бул Салцбург.
"Убаво е да се победува, но исто така најважно е сите играчи што се таму да добијат адекватна шанса. Впрочем, овие подготвителни натпревари и за тоа служат. Имам информации дека во првите полувремиња сме играле добро, затоа воопшто не сум загрижен. Можеби подобро е сега да губиме, а кога ќе дојдат натпреварите во првенството и Купот да победуваме", дополни Поповски, кој денеска ќе отпатува за Анталија и таму ќе биде до сабота. Ќе ја искористи можноста покрај другото да ја следи утрешната пријателска средба и на нашата репрезентација со Молдавија која ќе се игра токму во Анталија.
Следуваат мечевите со Отелул, Спартак Трнава и Карпати
Работнички досега одигра пет контролни средби од кога момците на тим - менаџерот Бобан Бабунски стартуваа со подготовките. Пред Анталија "романтичарите" победија со Тетекс (2:0), Локомотива (2:0) и Македонија (1:0). Во турскиот туристички центар засега загубија од унгарскиот прволигаш Ѓер (0:3) и втората екипата на австрискиот Ред Бул Салцбург (1:2). Резултатскиот впечаток да се поправи Работнички ќе има шанса со романскиот прволигаш Отелул, словачкиот прволигаш Спартак Трнава и украинскиот исто така прволигаш Карпати до 17 овој месец кога експедицијата на нашиот шампион ќе биде во Анталија.