МЗТ СКОПЈЕ БАРА ЦЕНТАРСКО РЕШЕНИЕ
"МЕТАЛЦИТЕ" ГО ПРОБУВААТ ДАМЈАНАЦ
Милорад Дамјанац (206см.-1982год.) во наредните денови ќе се обиде да дојде до дресот на екипата од "Јане Сандански"... Пред финализација договорите со Траиловиќ и Радојичиќ.
Иако сезоната почна минатиот викенд, екипата на МЗТ Скопје с$ уште не го има финалниот изглед, барем кога се зборува за играчкиот кадар, посебно оној странскиот.
Среќна околност за "металците" е што календарот одеше во нивна корист (беа слободни во 15. коло), што им отвори можност, односно некој ден повеќе во потрагата по странски засилувања.
Последниве денови шефот на стручниот штаб Александар Петровиќ ги пробуваше Милош Траиловиќ, а за време на викендот и неговиот српски сонародник Никола Радојичиќ.
Од првиот ден на оваа седмица во "Јане Сандански" на пробна работа е уште еден српски интернационалец. Се работи за 206 сантиметри високиот Милорад Дамјанац, кој може да ги пополни двете центарски позиции.
Дваесет и шестгодишниот Дамјанац кај "металците" доаѓа од Исланд, каде во текот на оваа сезона одиграл неколку натпревари за суперлигашот Тор. Но, поради финансиските проблеми во оваа земја се вратил дома во Белград.
Инаку, Дамјанац важи за "американски ученик". Во периодот од 2004 до 2007 година бил студент на Универзитетот Сент Назарен, каде во просечно реализирал по 14 поени и 7 скокови со процент на реализација од речиси 60%.
Играњето во Исланд бил неговиот прв евро-ангажман, но со краток рок на траење, поради економската криза која лани ја погоди оваа островска земја.
Дамјанац, доколку ги задоволи критериумите на стручниот штаб на МЗТ Скопје, би требало да го пополни местото на Срѓан Станковиќ, кој пред извесно најави повлекување од активното играње кошарка.
Многу е голема веројатноста тој да се појави во сино-белиот дрес на "металците" веќе в сабота, на премиерниот натпревар за МЗТ Скопје во новата година, против Свисслион Пелистер.
Во меѓувреме, во тек се преговорите околу потврда на договорите со Траиловиќ, односно Радојичиќ, со што би се затворил овој зимски преоден рок кога станува збор за МЗТ Скопје.