Претседателот на Собранието на МЗТ Скопје, Халим Муратагиќ, отворено:
КУПУВАЧИ, ВЛОЖУВАЧИ, ИНВЕСТИТОРИ, ПОВЕЛЕТЕ!
Халим Муратагиќ не можеше повеќе да издржи. Не може да ја гледа голготата на она што тој заедно со своите соработници почна да го прави уште во далечната 1984 година. Одлучи да проговори, да каже што му лежи на душата на сеуште актуелниот претседател на Собранието на МЗТ Скопје.
Признава дека не му е сеедно што се случува со, во и околу клубот сите овие години наназад и она што е сега.
"Не можам, ова е неиздржливо за мене како актуелен член, макар индиректно, на раководството на клубот, уште повеќе на навивачите. Ги разбирам во целост. Ова не е тој МЗТ Скопје кој го посакуваме и ние и тие. Не ми е сеедно, душата ми се кине кога гледам како се урива, се растура нешто што е градено со години. Што сме почнале да го правиме уште пред 25 години заедно со тогаш една група на ентузијасти. На тоа мора да ставиме крај"
Истото, пред извесно време го побара и навивачката група Фемили.
"Сакам да расчистиме некои работи. Сакам да ставиме крај на сите дилеми. Ние како раководство на клубот сме подготвени, како да кажам, да го дадеме клубот, на само еден вистински финансиер. Затоа што МЗТ Скопје, како еден од водечките клубови во земјата, сигурно заслужува многу повеќе од она што е во овој момент.Ги разбирам навивачите и тие чекаат да се средат некои работи. Но гледаат дека не оди и баш така како што посакуваат. И јас сакам да го видам МЗТ Скопје како шампионска екипа. Но, очигледно е дека не можеме. Затоа отворено порачувам, на сите оние заинтересирани субјекти, на луѓе кои се подготвени да вложуваат, да инвестираат во нешто што се нарекува МЗТ Скопје, да дојдат, да разговараме. Отворено за сите што ќе посакаат, само за да се стави крај на една агонија во која е клубот."-смета Муратагиќ.
Таквите обиди во последните години се покажаа како не баш успешни?
"Не мислам дека само така може да се влезе во МЗТ Скопје. Знам дека одамна кружи приказната дека додека се Аљо, Вуица и Драги нема ништо од МЗТ Скопје. Еве, ја користам оваа пригода и јавно да им порачам на сите, истата одамна е завршена. Дека клубот не е ниту на Драги, ниту на Вуица, ниту на Аљо. Клубот е на населба Аеродром, направен да биде место каде што ќе се слават победи, па и да се тагува на поразите, затоа што и тие се составен дел од спортот. И ако некој сметал дека ние сме сопирачка во егзистирањето на клубот, еве, слободно, нека не смета на нас во своите планови. Јас сум одамна исклучен од речиси сите активности, затоа што едвај излагам и со оние работните. Затоа секој кој се чувствува дека може да го превземе МЗТ Скопје е добредојден. Но во една форма, поинаква од оние кои беа користени во последните 5-6 години. Не е само да фрлиш некоја пара и да играш сопственик на МЗТ.
МЗТ Скопје е нешто што не можеш да го измериш колку навистина тежи. За оние кои ме разбираат, тоа е непроценливо богатство на македонскиот спорт"-ќе заврши популарниот Аљо.
ТИТУЛАТА ОСТАНА САМО СОН
Една работа која долго го мачи Халим Муратагиќ е неосвојувањето на шампионската титула. Имаше МЗТ Скопје многу шанси за тоа, но како по некое непишано правило, секогаш му недостасуваше оној последен, шампионски чекор.
"Еве си го враќам филмот назад, ги гледам оние слики од дуелите со Реал Мадрид и големите европски екипи. Се е тоа в ред, но секогаш останувам празен кога ќе помислам какви шанси пропуштивме за да ја освоиме титулата. Тоа никогаш ми се чини не можам да го прежалам, Ама тоа е спортот, и затоа е толку убава кошарката"
ДА ПОМОГНЕ И АЕРОДРОМ
Без оглед на се, Халим Муратагиќ се согласува во едн. Дека МЗТ Скопје е синоним на општината Аеродром и дека Аеродром мора да му подаде рака на МЗТ Скопје, особено сега кога му е најтешко.
"Се надевам дека новиот градоначалник ќе најде време и средства да му помогне на МЗТ Скопје. Па клубот е вистински синоним за оваа порано населба, а сега општина, која ги спојува сите ние млади лица со години наназад"