Шпанскиот кошаркар По Гасол успешно дебитираше за Лос Анџелес Лејкерс, бидејќи во победата над Њу Џерси од 105:90 постигна 24 поени.
Гасол, кој во Лос Анџелес дојде во петокот и со остатокот од екипата одработи само еден тренинг, имаше и 12 скокови, па Лејкерси стигнаа до победа, иако нивниот најдобар играч Коби Брајант постигна само шест поени, најмалку оваа сезона.
„Гасол играше екстремно добро. Нашите противници навикнаа на стилот на игра на Лејкерси и знаат да ме чуваат. Сега, сепак, ќе мораат повеќе да размислуваат“, рече Брајант, кој пред дуелот со Нетси повеќе од една година немаше постигнато помалку од 10 поени.