ЦРВЕНИТЕ" ГИ ДОБИЈА ПОТРЕБНИТЕ ДОЗВОЛИ
Ливерпул може да го гради новиот стадион
Градските власти на Ливерпул издадоа дозвола за изградба на нов фудбалски стадион на кој ќе игра поранешниот европски првак од овој град. "Црвените" ги добија сите потребни документи и идното лето ќе почнат со изградбата на својот нов дом во Стенли Парк вреден 573,2 милиони евра и со капацитет од околу 60 илјади места. Според најавите на челниците на клубот, Ливерпул на стадионот биде требало да се пресели во 2011 година до кога ќе играат на Енфилд каде се домаќини веќе 115 години.
"Сега сe е подготвено за почеток на работите. Во моментов размислуваме за зголемување на планираниот капацитет од 60 илјади гледачи на дополнителни 15 илјади", најави извршниот директор на Ливерпул, Рик Пери.
Клубот првично го предочи планот со 60 илјади места, но новите сопственици Том Хикс и Џорџ Жилет не беа задоволни од нацртите и побараа повеќе места за гледачите. На новиот стадион ќе биде интегриран и легендарниот "Коп", трибината од Енфилд на која се собираат најзагреаните навивачи на петкратниот европски првак.
"Знам дека нашите навивачи ќе бидат разочарани што го напуштаме Енфилд, но новиот стадион ќе го задржи Коп која и натаму ќе биде најлудата трибина во Европа", додаде Пери.
Моменталниот дом на Ливерпул, Енфилд, во иднина ќе биде пренаменет во паркинг, спортски центар и хотел.